Знаеме дека гушкањето е неопходно за новороденчето и затоа многу родители практикуваат контакт кожа на кожа во првите денови од животот на бебето. Но, научниците од Универзитетот во Британска Колумбија докажаа дека гушкањето е многу поважно за бебињата отколку што претходно се мислеше.
Според една студија објавена во списанието „Дивелопмент енд псајхопатолоџи“, гушкањата и прегратките што им ги даваме на нашите новороденчиња имаат трајно влијание на молекуларно ниво. Во суштина, гушкањето му ги менува гените на бебето.
Истражувачите следеле 94 здрави бебиња на возраст од 5 недели, барајќи од родителите да водат дневник кога новороденчето јаде, спие и плаче, како и колку физички контакти имало во текот на денот. Четири и пол години подоцна, од децата биле земени примероци од плунка за да можат научниците да ја испитаат нивната ДНК. Откриле дека децата што биле изложени на помалку физички контакт и помалку биле држени в раце биле понемирни и имале молекуларен профил во клетките кој бил неразвиен за нивната возраст.
– Веруваме дека кај децата побавните епигенски промени одразуваат понеповолен напредок во развојот – вели Мајкл Кобор, професор на Одделот за медицинска генетика на Универзитетот во Британска Колумбија.
Научниците го заклучиле ова со набљудување на метилацијата на ДНК, процес што го менува начинот на работа на гените, влијаејќи врз нивната експресија. Според истражувачите, метилацијата на ДНК вклучувала молекули што дејствуваат како „прекинувачи за затемнување“, контролирајќи колку е активен секој ген. Имало постојани разлики во метилацијата на ДНК кај децата што биле многу галени и оние што не биле. Децата што добивале помалку прегратки и биле повознемирени имале пониска „очекувана возраст“ од 4,5 години.

– Планираме понатаму да следиме дали „биолошката незрелост“ што ја забележавме кај овие деца ќе има широки импликации врз нивното здравје, особено врз нивниот психолошки развој – вели Сара Мур, водечки автор на студијата.
– Доколку понатамошните истражувања го потврдат овој првичен наод, ќе сфатиме колку е важен физичкиот контакт за децата, особено во првите месеци од животот – додава таа.
Друго истражување спроведено во Охајо покажало дека родителската нежност во раните фази на животот на бебето, исто така, влијае врз развојот на неговиот мозок.
Затоа, немојте да се грижите дали премногу го гушкате вашето бебе или дали ќе го разгалите ако премногу го држите в раце, бидејќи очигледно допирот не влијае само врз позитивниот развој на клетките, туку и врз мозокот на бебето.