Малите градови во рурална Саксонија се едни од најсиромашните места во Германија. Поранешниот источен дел се соочи со многу предизвици откако падна Берлинскиот ѕид, пред 30 години: одлив на мозоци, висока стапка на невработеност, раст на насилството. Но, голем црн автобус на креативноста пренесува порака за толеранција во училиштата во овие мали градови. Се работи за технолошко претприемништво. Во „Фабмобилот“ децата учат како да ја создаваат сопствената иднина преку користење на 3Д-печатачи, ласерски секачи и лаптопи.

Ова започнало како луда идеја во 2016 година од страна на двајцата пријатели Себастиан Пиаца и Кристијан Золнер, кои веќе работеле заедно како дизајнери. Тие потекнуваат од градови од Источна Саксонија. Ја презентирале идејата на голем технолошки фестивал во Берлин и привлекле донации од регионалните владини агенции и фондации. Пронашле автобус на два ката кој се користел за турнеи и вредел 30 илјади евра, а потоа потрошиле уште толку за поправки и надградба. Кога би го правеле сето ова од почеток, би купиле нов автобус, вели Пиаца.

– Саксонија е многу важна за нас. Наместо да ги испраќаме децата во поголеми градови со повеќе ресурси, ние ја донесовме технологијата кај децата – вели Пиаца. Тој го нарекува овој процес „демократија на алатки“.

Автобусот, кој тежи 18 тони, изобилува со креативни ресурси. На основниот под има повеќе 3Д-печатачи кои им овозможуваат на учениците да градат орнаменти според нивните прецизни спецификации: покемон-топка, мали черепи и слично. Исто така, има ласерски секач и голем куп од дрвени и пластични парчиња кои можат да се сечат или гравираат. На вториот кат од автобусот учениците може да се фокусираат на дизајнирање колекција на книги и лаптопи.

Кога ги посетив во мај, „Фабмобилот“ беше паркиран во училиште во Ширгисвалд, град кој е оддалечен еден час источно од Дрезден, а група од 16 тинејџери работеа на своите проекти. Беше гласно – како што и очекував, но имаше навистина силни, креативни вибрации во целиот тој хаос. Две момчиња од деветто одделение брзаа да завршат примерок од видеоигра која ја направиле со „калиопе мини“ – малечок компјутер со 25-пикселен лајт дисплеј. Размислуваат за студирање електроинженерство или компјутерско програмирање, кога ќе бидат постари.

Кога почнува турнеја, автобусот е полн: двајцата лидери и основачи, селектирани 16 дизајнери, инженери или уметници. За време на посетите автобусот стои три или четири дена на едно место – првиот ден претежно се состои од давање инструкции, а останатите денови децата работат на проекти. „Кога заминуваме од училиштата, децата нè прашуваат кога ќе се вратиме. Младите не сакаат да прават паузи. Така знаеме дека ова функционира“, вели Пиаца.

Кога „Фабмобилот“ заминува на својата следна дестинација, со сите алатки, зад себе секогаш остава еден 3Д-печатч за посетеното училиште и упатства за учениците како да го користат. Креативната група исто така, помага во градовите каде што има иницијатива за креирање креативни простори и регионална мрежа. „Тоа е нашиот план за светска доминација“, вели Пиаца.

Автор: Грејс Добуш



912

X