Воспитување

„Смирете го тоа дете!“

Што и да се случи со детето, одговорна е мајката. Мајката е таа што одлучува кога детето ќе јаде, кога ќе спие, кога ќе оди на лекар и сѐ друго. Детето, особено новороденчето, е целосно беспомошно и зависи од мајката.

Кога излегов од породилиштето, бев исплашена и збунета. Ми требаше некој да ми каже: „Сега можеш да го доиш“, „Сега смени му пелена“. Некои мајки имаат таков „водич“ – нивната мајка или свекрва, но јас познавам многу жени кои се како мене. Со оглед на случајни немили околности, на деветтиот ден, јас и Јуниор останавме во детската болница поради воспаление на брадавиците. Три дена и три ноќи непрестајно плачев. Се обвинував себеси за воспалението. Мислев дека сум најлошата мајка штом дозволив такво нешто. Бев толку скршена, што имав сè помалку млеко, па почнав да го хранам моето дете со вештачко. Тоа беше целосен пораз за мене.

За работите да бидат уште полоши, на одделението имаше медицинска сестра која Јуниор очигледно не ја „сакаше“. Во нејзината смена детето толку плачеше што не знаев што да правам. Наместо да ми помогне, таа постојано ми велеше: „Смири го тоа дете!“, „Детето треба да се потчини!“, „Дај го овде кога не знаеш ти, јас ќе го смирам!“

Како прво, детето има десет дена и е невозможно да се потчини. Јас и тој сѐ уште учиме (да доиме и цицаме)! Второ, губам млеко од стрес. Трето, не можам да седам, штотуку се породив, па дојам исправена. Четврто, морам да стојам цел ден бидејќи не можам да седам. Спиеме, ако воопшто тоа може да се нарече сон, од 22 до 5 часот наутро, двајца-тројца на кревети за кампување. Тамам кога ќе се опуштиме (бидејќи во такви услови нема сон), доаѓаат медицински сестри да им дадат терапија на децата и потоа се слуша вресок (бидејќи некој лек, кој се дава директно во вена набрзина, пече толку многу што децата врескаат). И како петто, таа го смирила ставајќи му „чепче“ за болка – иако детето немало грчеви и не се смирувало. Тој се смири кога таа си отиде дома. Мислев дека ќе полудам.

Третиот ден не знам што се случи, но се случи нешто очигледно (квантен скок, на пример). Не плачев повеќе. Сфатив дека детето е мое! Детето е само моја грижа. Имам право да потпишам и да го однесам детето дома. Што и да се случи, јас сум одговорна.

Веќе не чувствував непријатност што моето дете плаче. И другите деца плачеа, па јас не се пожалив. Никој од нив (освен една прекрасна жена, мајка) не сакаше да ми помогне, не мораа, но имаше и такви што задеваа, советуваа, се правеа паметни, правеа само џагор. Тој трет ден решив јас да одлучувам за моето дете. Тој ден решив да дојам. Тој ден сите ги пратив „таму каде што треба“ и најдов сила да седнам.

Тој ден го обновив односот со моето дете кое почнав да го губам поради тага, грижа на совест, стрес и беспомошност. Тој ден сфатив дека му требам на моето дете и дека никогаш повеќе нема да слушам туѓи совети. Мајката има чувство за своето дете и само таа може да ги почувствува неговите потреби. Детето ја слуша мајка си. Тоа е тој суптилен механизам што ни го дала природата. Не дозволувам некој да ми каже „Зошто детето нема ракавици?“, „Облечи го, ладно му е“ или нешто друго – јас сум му мајка, јас сум одговорна. Вие родете си деца, па облекувајте ги, хранете ги, чувајте! Ова е мое и само мое дете!

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top