Колку погрешно го интерпретираме прочитаното?

Сè повеќе родители се свесни дека методата „исплачување“, односно методата „остави го да плаче, па ќе се навикне“, не е добра за развојот на децата. Таа метода е популарна особено при успивањето на детето, каде што тоа навистина научува дека родителот нема да дојде, па со текот на времето веќе не плаче и само заспива. Зарем тука не развиваме сигурна приврзаност? Со таквата постапка детето добива порака дека тие што би требало да ги задоволуваат неговите основни потреби, во тој случај потребата за сигурност, не се тука и дека светот не е сигурно место за него, на што се гради целокупното функционирање во животот. Но, дали премногу буквално сме сфатиле дека „не е добро да плачат“?

Значи ли тоа дека децата секогаш мораме да ги извлекуваме од негативните чувства и да ги спасуваме само за да бидеме среќни, па да го креваме бебето на првиот плач? Во работата со родители често се среќавам со чувството на вина и преиспитување што да направат бидејќи „не е добро детето да плаче“, па тука поблиску би сакала да објаснам колку и кога е во ред да се остави или да не се остави детето да плаче.

Што се мисли под методата „исплачување“?

Кога зборуваме за оваа метода, таа се однесува на тоа дека не е добро да се остави бебето да плаче и така, на пример, да научи самото да заспие. Или да се остави детето да плаче од која било причина, за нешто да научи, да ги зајакнува белите дробови и слично. Ако детето се остави да плаче до „изнемоштеност“, тоа ќе развие недоверба во својот родител и тоа ќе се одрази врз нивниот понатамошен однос, како и врз функционирањето на тоа дете во иднина.

Меѓутоа, тој страв од плачење (кој ни е вроден) често оди до таа крајност што денес на бебињата им се дава цуцла в уста штом ќе го испуштат првиот звук. Мораме да знаеме дека кај бебињата плачењето, кенкањето и другите звуци се единствен начин на комуникација. Доколку на секое кенкање му ставаме цуцла во устата на бебето, му скратуваме многу можности за комуникација. Цуцлата може понекогаш да биде решение, но мораме да бидеме внимателни во која мера ја користиме. Му скратуваме на детето можност за комуникација која е многу важна за да се смириме себеси? По приближно 6 месеци родителите многу често го смируваат детето и со давање кекс или кора од леб, па некои деца поголемиот дел од времето нешто џвакаат во количката. Децата треба да комуницираат, а ние треба да ги задоволиме нивните реални потреби.

Треба ли да го кренам бебето штом ќе почне да плаче?

Настојувањето да го спасиме своето дете од непријатни чувства и плач доведува и до тоа да го креваме бебето штом ќе почне да кенка. Наша задача е многу често да бидеме набљудувачи, а помалку актери. Кога бебето ќе почне да кенка, прво доаѓаме до него и велиме: „Аа плачеш… нешто не е во ред. Хмм, дали си гладно?“ „Дали ти е полна пелената? Дали си изморено?“ И на тој начин се обидуваме да дојдеме до решение. Дури кога сме се обиделе да утврдиме што би можело да му биде на бебето, изговарајќи го тоа наглас, потоа се одлучуваме на акција: „Хмм, изгледа дека не е ништо од тоа. Изгледа ти треба малку блискост и галење. Ќе те земам“. И откако тоа ќе го кажеме, го креваме бебето. Така му даваме простор да го слушне она што сме рекле дека ќе го направиме.

Доколку бебето е на подлога и почне да кенка, исто е важно да дозволите да помине кратко време. Ако се расплаче, можеме да кажеме: „Баш се вознемири. Се измори? Гладно си? Аха, изморено си од игра, доста ти е. Сега ќе те земам“, да почекаме 2 секунди од „одговорот“ на бебето и дури потоа да го кренеме. Ако детето е на подлога и веќе не ги гледа играчките, тоа значи дека е изморено од игра, доколку гледа некоја играчка и плаче, можно е да сака да ја земе. Тогаш повторно не го решаваме проблемот за него, но ако бебето не ползи, а играчката е далеку, можеме да ја приближиме во подрачје каде што може да ја дофати. Мораме да бидеме навистина внимателни што е вистинската потреба на нашите деца, а што е научена потреба. Дали навистина е потреба на нашето бебе да спие цело време на нас или тоа е научена потреба? Еднакво е, на пример, и со јадењето пред екраните. Дали детето навистина јаде единствено ако му дадеме екран или ние сме го научиле тоа да стане негова потреба и навика?

Не смееме да претеруваме во спасувањето на бебето и децата од секоја непријатност и при првиот глас на негодување што ќе го пуштат. Пред секоја реакција потребно е да се стои 10 секунди, па потоа да се реагира. Тој образец дека детето не смее да се пушти да плаче е сфатен во буквална смисла. Многу родители мислат дека децата мора да им бидат среќни и дека не е добро ако плачат. Пожелно е и здраво децата да плачат. На тој начин ја исфрлаат од себе тежината што ја чувствуваат, а која не мора воопшто да биде поврзана само со доживувањето што се случило во моментот. Кога децата плачат, треба да се сетиме дека е во ред да исфрлат сè од себе. Не е лесно, но мора да вдишеме неколку пати освестувајќи ја својата непријатност и да си кажеме: „Во ред е да плаче. Нека исфрли сè“. Токму тоа можеме и треба да му го кажеме на детето: „Плачи злато, тешко ти е“. Не треба и не смееме да се извлекуваме од тие чувства. На тој начин ги уважуваме, почитуваме, поддржуваме и го јакнеме нивниот интегритет, позитивна слика за себе, на тој начин децата зајакнуваат.

Она што не би требало да се прави е да се игнорираат чувствата на децата. На пример, да се игнорира нивниот плач бидејќи сметаме дека е без причина (никогаш не е без причина), да се игнорира детето за да престане да плаче или да се затвори во соба додека не престане. Но, треба ли на детето што плаче бидејќи во нешто сме му поставиле граница да му нудиме други 10 можности само за да престане да плаче? Треба ли бебето да го кренеме на првиот звук што ќе го испушти или да му ставиме цуцла в уста штом малку ќе почне да се „буни“? Ниту едното ниту другото не е задоволување на потребите на децата, ниту почитување на нивната автентичност. Се надевам дека овој текст создаде слика за тоа колку лесно можеме површно да сфатиме некоја информација и всушност премногу да ги заштитуваме децата, па следствено на тоа да не одговориме соодветно на нивните реални потреби.

Автор: Тања Хрватин Шимичиќ

Извор



912

X