Морам да одвојам време за чувствата на ќерка ми, дури и ако тие изгледаат ирационални или прават да ми биде непријатно. Веројатно особено тогаш, затоа што токму тогаш ѝ треба најмногу помош за да ги подреди.

– Престани – ѝ реков на мојата седумгодишна ќерка додека паркирав пред училиштето. – Разговаравме за тоа и готово. Треба да продолжиш понатаму.

– Ама… – Доста. Не е толку голема работа. Не разбирам зошто вложуваш толкав напор.

Таа ги крена тупаниците. Можев да ја слушнам пареата што ѝ излегуваше од ушите. Во ретровизорот можев да видам дека е готова да се расплаче.

– Не ме слушаш. Не ми ни дозволуваш да зборувам! – Душо, ти дозволив… Всушност, кога ќе помислам, не дозволив. Кога седна во автомобилот и веднаш почна да плаче, дадов спротивна изјава и го завршив разговорот.

Беше нервозна за истражувањето на животно по часот по природни науки. – Имаш многу време – ѝ реков.

Беше фрустрирана поради домашните задачи по математика.

– Ти си одлична во математика – ѝ реков.

Имаше проблеми со другарка. – Ќе се смирите – ѝ реков.

Мислев дека давам поддршка. Ако ѝ се даде позитивна перспектива, ќе го смени нејзиниот начин на размислување. Но, тоа е погрешно. Сите овие проблеми не исчезнаа само затоа што јас ѝ реков дека ќе исчезнат.

Вистината е дека не сакав да се справам со нејзините чувства. Сакав да продолжам понатаму. Веќе решив, уште пред таа да ја отвори устата, дека сите тие работи се безначајни. Но, за неа беа значајни.

– Во право си – ѝ реков. – Извини. Ќе бидеме дома за неколку минути. Сакаш да разговараме за тоа? Кимна енергично, а солзите како знак на олеснување се тркалаа по нејзините образи.

– Да, мамо. Те молам.

Кога стигнавме дома, мојата седумгодишна ќерка ми седна во скутот, додека моето петгодишно дете се потпре на нас. Прашав што се случи и како се чувствува таа во врска со тоа. Прашав како можам да ѝ помогнам и кои стратегии може да ги искористи сама. Прашав што ѝ треба од мене, од татко ѝ, од сестра ѝ, од наставниците.

На крајот од разговорот, силно ме прегрна и ми рече: – Мамо, најдобра си. Ти благодарам.

Избришав солза oд мојот образ додека ја држев цврсто. Сè што сакаше беше да биде слушната. Сакаше да поставувам прашања, да откријам што мисли и како се чувствува и навистина да одвојам време за да сфатам зошто оваа работа, која ми изгледаше толку безначајна, одзема толку многу од нејзината емоционална енергија. А јас не ја поддржав. Јасно ѝ ставив до знаење дека мојата удобност е поважна од нејзините чувства.

Работата е во тоа што децата растат во возрасни. И ако потребите на децата не се задоволени, тие често растат во дисфункционални возрасни лица. Ако не ми верувате, прашајте ме.

Децата живеат речиси целосно во своите чувства. Тие не можат да ја рационализираат својата болка, страв или гнев, без разлика колку пати возрасните им велат дека тоа е ирационално. Префронталниот кортекс, делот од мозокот кој е одговорен за расудување, одредување приоритети и одлучување, не се развива целосно до приближно дваесет и петгодишна возраст.

Моето седумгодишно дете е мало дете со големи чувства: среќата се доживува како восхит; немирот се претвора во очај; нервозата и анксиозноста стануваат речиси осакатувачки страв. И, ќе признам, овие екстремни емоции дефинитивно не ми се омилени.

Сепак, само затоа што сум била условена да ги означувам негативните емоции како непријатност, не значи дека моето дете нема можност да ги почувствува, да зборува за нив и да ги надмине.

Сепак, секој ден работам да го препознам овој импулс и да го ограничам. Последното нешто што сакам е моите деца да пораснат мислејќи дека ако им се случи нешто големо и лошо во животот, не треба да се занимаваат со тоа.

За среќа, бев благословена со две упорни деца: две силни мали девојчиња кои зборуваат за себе кога не се чувствуваат слушнати; две млади жени кои знаат дека нивните чувства и искуства, па дури и оние незгодните, се важни.

Автор: Ники Кеј
Извор



912

X