Дали треба да му дозволиме на детето само да одлучува што ќе прави или треба да му го организираме слободното време? Дали детето подобро го подготвуваме за светот на возрасните ако го запишеме на јазици, или ако го пуштиме да трча низ паркот? Дознајте ги мислењата на стручњаците и погледнете ги идеите за слободни активности кои нема ништо да ве чинат.

Кога моите ќерки беа мали, често само ќе седнев на подот со нив и чекав да видам што сакаат да правиме, раскажува данскиот психолог Ибен Дисинг Сандал, авторка на книгата „Игра на дански начин“.

„Тогаш ќе почнеа да се качуваат по мене. Најчесто почнував да ги скокоткам и многу се смеевме. Знаевме да танцуваме низ куќата или да скокаме низ собата, измислувајќи што полуди движења. И денес седнувам зад нив и се правам дека нешто им цртам по грбот, а тие треба да погодат што“, вели оваа мајка, стручњак за воспитување деца.

„Сето тоа нема ништо да ве чини, не бара многу време, а создава чувство на поврзаност кое е многу важно за здраво растење на детето“, порачува авторката, а за тоа пишувала и во првата книга „Дански рецепт за среќно дете“.

„Играта ги зголемува самопочитувањето, самосвеста и менталното и физичкото здравје, ги поттикнува фантазијата и независноста, креативноста и способноста за преземање ризици, предизвици, за решавање проблеми и снаоѓање во нови ситуации“, вели таа и продолжува:
„Како родители, често вложуваме многу време во тоа на децата да им овозможиме што повеќе организирани активности, кои ги подготвуваат за светот на возрасните, врз база на она што ние сметаме дека би требало да ги научат и кои искуства да ги стекнат, па потоа цела недела по училишната настава ги развозуваме на тренинзи, часови по музика, јазици…
А детето кое е оптоварено со обврски нема време за најважното – да истражува, да биде креативно и да учи од сопственото искуство“, напоменува таа. „Родителите треба да најдат баланс меѓу напорите да постигнат ‘нешто’ со децата и и слободната игра. Тоа е најдобриот подарок што можеме да им го дадеме“.

„Моите ќерки паралелно со градинката и училиштето во слободното време имаа само две активности неделно, а два дена немаа никакви обврски. Тоа значи дека немаа однапред договорено дружење со други деца, туку можеа своето време да го поминуваат дома, како што сакаа“, вели Дисинг Сандал и додава дека таквиот начин на воспитување сигурно е една од главните причини поради кои Данците веќе 40-ина години се први во светот според индексот на среќа. Малите Данци и денес многу време поминуваат во природа и се качуваат по дрвја, бидејќи многу градинки се во близина на шуми. Така децата ги истражуваат своите можности и стекнуваат важни искуства.
„Многу родители денес се плашат да го пуштат детето слободно да трча или да се качува на дрво. Се плашат дека детето ќе падне. Па што?! Животот е полн со успеси и порази, едно гребнато колено не е сериозен проблем. Ако падне, ќе научи да стане, со тоа всушност му правиме услуга“, вели Ибен.

Затоа немојте постојано да го надгледувате детето и да го прекинувате со предупредувања: внимавај, ќе паднеш или симни се, веднаш! Со тоа му праќате порака дека не верувате во него и дека нешто не може, поради што со текот на времето ќе почне да се чувствува несигурно, па и помалку вредно. Ако родителите покажуваат дека не веруваат во него, зошто тоа само би верувало дека може, објаснува таа.
Таа додава дека нема поубав момент ни за детето ни за родителите од оној кога детето ќе успее да се искачи на врвот на структурата за искачување и да ужива во победата, тоа е момент кога се ослободува допамин и чувство на среќа, му растат самодовербата и самосвеста.

Мислење од детски психијатар

Весна Видовиќ, невропсихијатар и специјалист по детска и адолесцентна психијатрија, професорка на Медицинскиот факултет во Загреб, вели дека психологот од Данска зборува одлично, но за родителство во идеални услови.

„За ова што зборува таа, мислам сѐ најдобро, но ми се чини дека не го зела предвид денешниот начин на живот и денешните деца, и дека денешните психијатри и психолози често за воспитувањето на децата зборуваат преку пароли. Имено, децата денес од најмали нозе, во тоа слободно време, се занимаваат со мобилни телефони и компјутери, и пред да почнеме да зборуваме за тоа како би требало да трчаат низ парковите, мора да видиме како да им ги грабнеме телефоните од рацете“, вели таа.

Таа додава дека пораките што ги праќа данскиот психолог секако се корисни, но ѝ се чини дека зборуваат за идеален концепт, додека денешното општество и на родителите и на децата едноставно им наметнува некои работи.

„Прифатениот систем на вредности едноставно нѐ тера на некои работи. Целото општество е компетитивно и денес се бара да зборувате 5 јазици и да сте добри во 5 спортови, бидејќи тоа посебно се бодира, па родителите се приспособуваат на тоа. Освен тоа, организираните слободни активности треба да имаат место во животот на детето, бидејќи така децата работат нешто корисно, се дружат со врсниците и развиваат одредени вештини, а истовремено не се препуштени сами на себе и на улицата“, вели Видовиќ, потенцирајќи дека навистина многу родители понекогаш претеруваат.
„Без сомнеж, страшно е ако детето во текот на неделата оди на 3 јазици и се занимава со 3 спортови, особено кога родителот вели дека мора да биде така, а не дека тоа е избор на детето“, предупредува професорката Видовиќ, која смета дека е важно да се најде баланс меѓу организираното време и времето за игра.

И психологот од Данска се согласува со тоа и еден од нејзините најважни совети гласи: „Детето секој ден треба да има два слободни часа, еден попладне, а вториот по вечерата, секогаш во исто време. Ако тоа не е можно, нека биде барем еден час, а во текот на викендот и многу повеќе. Детето нека избере што ќе прави.“

Што може да правите заедно со децата, а ништо да не ве чини?

1. Тркалајте се по подот, скокоткајте се или борете се на креветот (пред тоа, договорете некој знак на кој ќе запрете, ако вие или детето почувствувате некаква болка);
2. Пејте и танцувајте – тоа може да го правите и со бебе во рацете, само внимавајте со едната рака да му ги придржувате главчето и вратчето. Со пораснати деца – откачете се;
3. Испитувајте ги чувствата и ставовите на детето низ игра; на пример, може да си играте мечето оди во градинка со други мечиња и кукли за да видите што чувствува за градинката и дали има проблеми со другите деца;
4. Читајте заедно, сликовници, бајки, книги за деца, а понекогаш и измислувајте приказни за тоа дека сте биле принцеза и дека татко ви работел во циркус – тоа го поттикнува развојот на фантазијата и на детето му овозможува да ве доживува поинаку;
5. Масирајте му ги рацете и нозете на детето додека седите пред телевизор, или дозволете му да ве чешла и да ви прави фризури;
6. Цртајте со прстот по грбот на детето, нека погодува што сте нацртале;
7. Направете куќичка од картон, но така што детето ќе го има главниот збор за тоа како ќе изгледа и како ќе ја украсите;
8. Смислете мал полигон – „терен со препреки“ во дневниот престој кои детето треба да ги прескокнува, а притоа да се провлекува под столовите или да мора да ги заобиколи на колена



912

X