Иако на прв поглед неспојливи, спортот и учењето имаат некои допирни точки што можат да ни помогнат да научиме нешто за самото учење
Спорт и учење – звучи како оксиморон: огнен мраз, тивка врева… Едното се однесува на телото, другото на умот, едното ги зајакнува мускулите, другото мислите. Зошто тогаш овие две нешта се доведуваат во некаква корелација? Прво, во моментов е многу модерно поврзувањето на повеќе различни области за да се објасни некој поим, теорија или идеја. А второ, спортот и учењето навистина имаат неколку допирни точки и заеднички карактеристики.
1. Цел
Во секој спорт постои некоја цел. Да се даде гол, да се прескокне некаква висина и слично. Целта на учењето е разбирањето. Не површното усвојување на податоците, без нивно меѓусебно поврзување, туку изградба на систем на знаење во кој сите податоци се меѓусебно испреплетени. Не е доволно само да се вметнат информациите во мозокот, туку треба и да се поврзат карактеристиките. Така што, добар совет е пред секое учење да се потсетиме што ни е цел токму во тој натпревар – разбирањето.
2. Издржливост
Спортистите толку цврсто и непоколебливо се носат со напорите, иако тоа од друга страна изгледа лесно. Токму тоа што нивната активност изгледа лесно, зборува за тоа колку тие се издржливи.
Нешто од спортската издржливост може да се примени и во учењето. Спортот значи издржливост на телото, а учењето на умот. За време на учењето мозокот треба да биде активен, непоколеблив и да издржи напор.
3. Тренинг
Колку повеќе тренираат спортистите, толку повеќе стануваат вешти, издржливи и подобри. Учењето, исто така, треба да го тренираме. Тоа се вежба и се учи. Освен што техниките на учење може да се вежбаат, може да се тренираат и издржливоста и концентрацијата. Колку повеќе вежбаме, толку повеќе се зголемува моќта на концентрацијата.
4. Фокусираност
Кога на фудбалерите би им летале мислите, тогаш тие нема да постигнат добри резултати. Не би дале гол, не би му ја одзеле топката на противникот и слично. Затоа е многу важно да бидат фокусирани. Тоа е лекција што треба да се аплицира и на учењето. Ако се концентрираме и мислиме само на содржината на учењето, тоа ќе биде квалитетно, а и ќе завршиме порано.
5. Одрекување
Лицата што сериозно се занимаат со спорт, понекогаш прават жртви, односно не излегуваат бидејќи имаат тренинг, празниците ги поминуваат во вежбање и слично. Понекогаш треба да одложиме одредено задоволство за да бидеме добри во нешто. Па така и учењето бара да пропуштиме некои за нас интересни активности, но сето тоа ќе се исплати во иднина. Знаењето и вештините што ќе ги стекнеме ќе ни помогнат во тоа.
6. Противници
Противници на учењето се нефокусирањето, заморот и тешката содржина. Тие треба да се сфатат како противничкиот тим кој треба да се победи. Мислите да се насочат кон топката и само кон топката, а тешката содржина да се сфати како предизвик, како рекорд кој треба да се сруши.
7. Судија
Судиите на натпреварите не се професори, оценки, ниту кој било друг облик на надворешно вреднување, туку само едно – квалитет. Ако резултатот е квалитетно знаење, тогаш тоа е поен лично за нас.
Се сеќавате на изреката „Во здраво тело, здрав дух“? Телото и духот се два неразделни ентитети – едниот се развива со спорт, другиот со учење. Тие два збора иако се контрадикторни, сепак, служат за поместување на границите. Заедно, спортот и умот ги поместуваат границите на човековите можности.