Знаците и симптомите на респираторна синцицијална вирусна инфекција најчесто се појавуваат околу четири до шест дена по изложување на вирусот. Кај возрасни и постари деца, РСВ обично предизвикува благи знаци и симптоми слични на настинка

Паниката што се крена со случаите на болни деца во Гевгелија не треба да ги загрижува родителите и не е состојба за кревање паника, порачува епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски, анализирајќи ги најновите случувања со појавата на инфекциите на респираторен синцицијален вирус кај најмалите.
Даниловски посочува дека за време на рестриктивните мерки не постоеше можност децата да се изложат на овие микроорганизми. Откако се релаксираа мерките, децата – не поседувајќи одбрана – се соочија со овие мали натрапници. И масовно се разболуваа. Се наруши еколошката рамнотежа!

Смета дека тоа се нормални појави во ситуација кога на пандемијата ѝ се избројани деновите, исто како што после бура, сѐ уште има бранови – додека не настапи „бонаца“.

– Појава која се должи на нагло „пуштање од кафез“ на еден куп микроорганизми, предизвикувачи на респираторни инфекции. Каков кафез? Па, рестриктивните мерки за држење под контрола на ковидот (да не ги набројувам) ги потиснаа и сите други респираторни вируси и бактерии – грипот, обичната настинка, инфекциите со РСВ (респираторен синцицијален вирус), стрептококните ангини – посочува докторот.

Според него, и во светот се случува слично. Нов Зеланд, Австралија, Велика Британија и САД се соочуваат со мини-епидемии на инфекции со РСВ (респираторен синцицијален вирус).

– Зошто „бунт“? Затоа што сите тие микросуштества долго време не можеа да видат светло на денот, бидејќи не можеа да кренат глава од мерките против ковид-19. И наеднаш мерките се релаксираа. И кафезот се отвори. Во меѓувреме, „другата страна“ – потенцијалните жртви, децата – не можеа да си создадат одбрана. Се натрупаа во огромен број. Со мерките, останаа „авлија без кучиња“. Малите предатори го искористија моментумот! И навалија – како кучиња пуштени од синџир – објаснува Даниловски.

Кога да побарате лекарска помош?

Сепак, на загрижените родители можеби би им било од помош да имаат увид во симптомите на РСВ-инфекцијата за, како што вели тој, да не се извадат од памет.

Знаците и симптомите на респираторна синцицијална вирусна инфекција најчесто се појавуваат околу четири до шест дена по изложување на вирусот. Кај возрасни и постари деца, РСВ обично предизвикува благи знаци и симптоми слични на настинка:

  • затнат нос или течење од носот
  • сува кашлица
  • благо покачување на температурата
  • воспалено грло
  • кивање
  • главоболка

Даниловски порачува и кога да побарате лекарска помош

Ако вашето дете има:

  • висока температура и не изгледа добро
  • се појавил густ назален исцедок
  • кашлица што се влошува или произведува жолта, зелена или сива слуз
  • знаци на дехидратација

Исто така, јавете се на лекар ако вашето новороденче одбива да цица или да се храни преку цуцла.

  • има проблеми со дишењето или дише многу брзо
  • е многу поспано
  • има помодрени усни или нокти

Во тешки случаи, РСВ инфекцијата може да се прошири на долниот респираторен тракт, предизвикувајќи пневмонија или бронхиолитис – воспаление на бронхиолите.

Повеќето деца и возрасни закрепнуваат за една до две недели. Тешка или опасна за живот инфекција, која бара хоспитализација, според Даниловски, може да се појави кај предвремено родени бебиња или кај стари лица и оние што имаат хронични проблеми со срцето и белите дробови.


Знаците и симптомите се:

  • покачена температура
  • тешка кашлица
  • отежнато и забрзано дишење
  • модра боја на кожата како резултат на недостиг на кислород (цијаноза)

Доенчињата се најтешко погодени од РСВ. Знаци и симптоми на тешка инфекција кај нив се:

  • кратко, плитко и брзо дишење
  • борба за здив – мускулите на градите и кожата се повлекуваат навнатре со секој здив
  • кашлица
  • немање апетит
  • невообичаен замор (летаргија)
  • раздразливост


912

X