Скршениот заб или траума на млечниот заб е честа причина за одење на стоматолог. Многу е непријатно кога детето првпат оди на стоматолог, а причината за тоа е скршен заб, но ако сте информирани, ќе можете да останете смирени и да постапите правилно во соодветниот момент.

Што да се направи?

Се случило детето да го скрши забот, а тоа најчесто не остава последица врз трајните заби, па нема причина за паника. Кај малите деца тешко е да се направи и клинички преглед, особено во случај на болка. Исто така, таквите повреди се случуваат најчесто надвор од работното време, па би било корисно на стоматологот да му се јавите преку е-пошта, па да му испратите слика од повредата за што побрзо и подобро да знае да ви помогне.

Како да се помогне?

Во зависност од возраста на детето и траумите се делат на оние на млечните заби, оние во мешовита дентиција и оние во трајна дентиција. Но, кај доенчињата и малите деца непријатно е тоа што траумите во устата често не доаѓаат сами: може да дојде до повреда на усните, јазикот, брадата или носот.
Во случај на удар или пад, треба брзо и смирено да се реагира. Децата најчесто плачат бидејќи се исплашени – искрено не верував колку добро поднесуваат удари. Тоа како родители, за жал, мораме да го прифатиме како составен дел од растењето. Морам да признам дека понекогаш кревам паника, но се обидувам барем однадвор да останам смирена, колку и да е тоа тешко.

Обидете се да го погалите и утешите детето по ударот, па суптилно клинички прегледајте го. Побарајте траги од крв или парчиња заб, па извадете ги парчињата или некакви предмети од устата. Прегледајте ги усните, па потоа и забите. Во случај на посилно крвавење, обидете се местото на крвавење да го притиснете со крпа, газа или со нешто слично за неколку минути да го сопрете крвавењето. Во случај на поголема рана, настојувајте што побрзо да дојдете до стоматолог или побарајте итна помош.

Ако забележите модринка, земете парче мраз, замотајте го во крпа или во газа и држете го на зафатеното подрачје неколку минути, а по неколку минути тргнете го за да не се создадат смрзнатини.

Подгответе го искршениот заб

Во случај да се издвоил дел од забот или да пукнал целиот заб, пробајте што побрзо да го подготвите во некој импровизиран сад – постојат готови што можете да ги набавите во аптека, но ако немате или не можете за неколку минути да набавите, сеедно можете да го сочувате забот. Ставете го во мал сад, најдобро со чеп заради полесен транспорт и нека биде потопен во млеко или уште подобро во плунка, може тоа да биде и физиолошка течност или вода со малку сол ако немате ништо друго при рака, но плунката и млекото се најдобри течности за транспорт.

Колку побрзо ќе стигнете на стоматолог, толку подобра ќе биде прогнозата. Оптимално време е 45 минути до неколку часа од траумата. Немојте да го плакнете забот со вода, ниту многу да го допирате, бидејќи така се уништуваат виталните структура на забната површина. Иако не паднал, скршениот заб може да биде помалку или повеќе подвижен низ устата, па забното месо околу него може да крвави. Тоа е често реверзибилна појава, што значи дека тој за некој ден може да се зацврсти. Може и да се помести од своето лежиште во која било  насока, па може да се втисне во месото. Тоа е всушност и најопасно за трајните заби бидејќи може да ги оштети или помести. Стоматологот најчесто ќе направи рендген-снимка за да ја процени состојбата.

Најчести облици на траума се некакви помали потреси на забите со околно крвавење, кои се смируваат за неколку дена и кои болат само на допир или појак притисок. Може да се случи да се скрши и поголемо и помало парче заб. Кај повеќето парчиња постои опасност виталната структура во внатрешноста на забот, таканаречениот живец, да се изложи на надворешни дразби, па може да дојде до посилни или послаби болки и воспаленија. Во такви случаи побарајте помош од стоматолог и дајте му на детето некој сируп против болки за да може да јаде.

Лекување

Лекувањето се приспособува на возраста на детето и на состојбата. Многу често се потребни само контроли бидејќи забите можат и дополнително да реагираат на претрпената траума. Најчесто тоа е промена на бојата на забите, односно забот може да потемни. Скршениот заб може да биде причина за нервоза и раздразливост поради болките, па имајте разбирање за промените во расположението. Исто така, јадењето може да биде отежнато поради болките, поместувањето на забот или раните на слузницата или усните. Обидете се со мека храна или кашички.

Постои опасност од пукање на коските што ги носат забите, таканаречени забни алвеоли и поместување на фрагмент поради траумата, па секако посетете стоматолог заради контрола на зафатеното подрачје. Стоматологот некогаш може да бара да се направи рендген-снимка, па родителите може да се исплашат поради непотребното зрачење на детето. Денешните апарати користат напредна технологија на снимање во кои зрачењето е значително намалено, па опасноста е занемарлива. А податоците што може да се добијат се многу важни за понатамошното лекување на детето. Исто така, секој стоматолог добро ќе размисли дали рендген-снимката е навистина потребна во одреден случај.

Сите евентуални компликации треба навреме да се уочат и навреме да се санираат, па трајните последици се исклучително ретки. Ако имате прашања или дилеми, јавете се на својот или на стоматологот на детето или обратете се на семејниот лекар.

Автор: Валентина Петровиќ, стоматолог

Извор



912

X