Прееклампсијата е водечка причина за морбидитет и морталитет кај мајката. Комбиниран пристап за скрининг во првиот триместар може да идентификува жени со висок ризик за предвремена прееклампсија. Раната идентификација на жените со висок ризик овозможува засилен мониторинг на мајката и фетусот и навремена интервенција со мали дози на ацетилсалицилна киселина -мидол за значително редуцирање на преваленцијата на прееклампсијата.
Скрининг во првиот триместар за прееклампсија претставува комбинација од:
• мајчински карактеристики
• индекс на пулсативност на артериите на матката (UtA-PI) определен со доплер при ултразвучен преглед
• среден артериски притисок (MAP) и
• серумско ниво на PAPP-A (плазма-протеин А поврзан со бременост) и PlGF (фактор за раст на плацентата).
Тестовите со висока чувствителност може со сигурност да ги откријат PlGF и PAPP-A во мајчиниот серум веќе во 11–13+6 гестациска недела од бременоста за да се поддржи висококвалитетен скрининг на прееклампсија и идентификација на жени со ризик за прееклампсија пред да се појават клиничките симптоми.
Комбинираниот скрининг за прееклампсија кај мајката во прв триместар може лесно да се интегрира во клиничката рутинска практика на бременоста и може да биде изведен истовремено со процената на ризикот за фетални тризомии и аномалии (истовремено со PRISCA) во 11-13+6 г.н. од бременоста, при што може да идентификува висок процент на бремености со висок ризик за предвремена прееклампсија.
Прееклампсијата може да доведе до:
Тешки компликации за мајката
Со инциденција помеѓу 2 и8 %, прееклампсијата е често нарушување на бременоста кое афектира повеќе од 4,1 милиони жени во светот годишно.
Тешката форма на прееклампсија -HELLP синдром (Hemolysis, Elevated Liver enzymes, Low Platelets) се јавува кај околу 20% од афектираните жени. Се дефинира со дополнителни компликации на црниот дроб и коагулациониот систем, што резултира со симптоми како што се абдоминална болка, хеморагија, плацентарна абрупција, хепатален инфаркт и руптура, интраабдоминално крвавење и едем. Еклампсијата е последната и најстрашна фаза на болеста, поврзана со тешки тонично-клонични напади и кома, како и повреда на мозокот, церебрален едем и мозочен удар.
HELLP синдромот и еклампсијата вбројуваат повеќе од 50.000 смртни случаи секоја година во светот.
Тешки компликации за фетусот
Поради инсуфициентно снабдување со кислород и нутритивни материи, прееклампсијата предизвикува тешки компликации кај фетусот, како што се прематуритет, I UGR, бронхопулмонална дисплазија, а понекогаш дури и смрт. Околу 20% од предвремените породувања се должат на прееклампсија.
Долгорочни компликации кај жените
Прееклампсијата е одговорна за долгорочни компликации подоцна во животот. Големите ретроспективни епидемиолошки студии покажаа дека жените со претходна прееклампсија имаат 3-4 пати поголем ризик за кардиоваскуларни нарушувања подоцна во животот отколку жените што немаат прееклампсија. Ризикот е уште поголем (4-8 пати) ако почетокот на прееклампсијата бил пред 34. недела од бременоста или прееклампсијата била комбинирана со предвремено породување.
Ризикот од смрт од кардиоваскуларни и цереброваскуларни болести е 50% поголем кај жени со историја на прееклампсија.
Основниот механизам кој го пресметува зголемениот ризик сè уште не е докажан, но се покажа дека ендотелната дисфункција опстојува многу години кај жени со претходна епизода на прееклампсија.
Фактори на ризик
Постојат многу фактори на ризик за прееклампсија, вклучувајќи
• Семејна историја на мајката и таткото
• Претходна бременост со прееклампсија
• Мултипна бременост (тројки, близнаци)
• Возраст на мајката (>40 години)
• Индекс на телесна маса (БМИ >30)
• Хипертензија, дијабетес мелитус или бубрежна болест
• Системско воспаление
• Етничкото потекло
Има доволно докази дека ниските дози на ацетилсалицилна киселина -мидол ја намалуваат предвремената прееклампсија!
Сите водечки публикации и светски протоколи по фетална медицина препорачуваат превенција од предвремена прееклампсија со ацетилсалицилна киселина -мидол:
– кај жени со идентификуван висок ризик од прееклампсија со комбиниран тест
-дози од 150 мг (2 таблети од 75 мг) вечер од 12-36 гестациска недела од бременоста
При што се редуцира стапката на ПРЕЕКЛАМПСИЈА < 37 г.н. со 62 % и ПРЕЕКЛАМПСИЈА < 34 г.н. со 82% .
Дали сите жени треба да примаат ацетилсалицилна киселина -мидол? НЕ!
- Само 3-4% од жените ќе имаат корист од аацетилсалицилна киселина -мидол
- Ниската усогласеност (<50%) ќе го минимизира ефектот на ацетилсалицилна киселина -мидол
- Мали несакани ефекти… кај неколку жени
Ацетилсалицилна киселина -мидол треба да се резервира за жени со висок ризик за прееклампсија, идентификуван по скринингот во првиот триместар!
Вашите ПРИДОБИВКИ при скрининг за прееклампсија во прв триместар:
- Рана идентификација на бремености со висок ризик за прееклампсија седмици пред првите симптоми
- Раната процена на ризикот овозможува поблизок надзор и навремена администрација на ниска доза на ацетилсалицилна киселина -мидол (<16 недела) до значително намалување на инциденцијата на прееклампсија.
Автор: д-р Афродита Стомнароска-Јованоски, акушер-гинеколог, ПЗУ „Ремедика“ – Скопје
912