Предноста на првата македонска детска мобилна апликација за читање и слушање книги – Boksy е што македонската детска литература ќе им биде на дофат на децата, ќе нуди многубројни можности за гејмификација и преку тоа ќе им овозможува на децата да градат подобри односи со книгите, како и да стекнат навики за читање
„Биби и Боби и змејот“, „Кражба во музејот“, „Шумски пожар“, „Лавот што не сакаше да биде крал“, „Мајстор за снежни лудории“, „Тајната на пештерата“, „Бркотница со жирафата Жижи“, „Рудникот на Џемаил“ и уште многу други сказни од „Светот на Биби“ ќе можат да се читаат на апликацијата Boksy.
Апликацијатa е наменета за деца од 6 до 14 години. Во неа ќе има голем број книги за деца на македонски, англиски и на албански јазик од македонски и странски издавачки куќи кои ќе можат да се читаат или слушаат како аудиокниги на мобилните уреди.
– Навистина сме среќни што сказните од „Светот на Биби“ се дел од Boksy и сметаме дека нивната популарност и достапност во секое време значително ќе придонесе за користењето на апликацијата. Инаку, предноста што македонската детска литература ќе биде на дофат на децата е тоа што апликацијата нуди многубројни можности за гејмификација и преку тоа им овозможува на децата да градат подобри односи со книгите, како и да стекнат навики за читање. Апликацијата сѐ уште не е официјално лансирана, но беше презентирана на овогодишниот Саем на книгата, кој се одржа во мај во „Арената Борис Трајковски“ и наиде на одличен фидбек како од најмладите така и од родителите – вели Димитар Најденов, творец на апликацијата.
Едукација и забава
Апликацијата овозможува персонализација на искуството за читање и учење на забавен начин кој е соодветен на трендовите, бидејќи покрај читање е-книги и слушање аудиокниги, апликацијата ќе содржи многу едукативни квизови, дневни и неделни предизвици, можност за креирање сопствени аватари и за натпреварување со други дечиња и освојување уникатни награди за оние што најмногу читаат. Boksy им овозможува на родителите да им помогнат на своите деца да научат многу нови работи и да стекнат добри навики и вредности, на едноставен и интересен начин. Исто така, им овозможува да се сигурни дека времето што децата го поминуваат пред екраните ќе биде квалитетно искористено, споделува Најденов.
– Тимот на нашата компанија „Ретинг“ од Скопје најпрво ја лансира оваа мобилна апликација во Шведска (https://www.boksy.se/) во 2021 година. По одличната прифатеност и успешното лансирање на шведскиот пазар, нашиот тим реши да почне да ја развива oваа апликација и за македонскиот пазар, најпрво само за деца – споделува Најденов.
Во тек со трендовите
Развојот на мобилната апликација Boksy е поддржан од Фoндот за иновации и технолошки развој. Апликацијата треба да биде достапна за јавноста есенва.
– Во рамките на Саемот на книгата спроведовме едно мини-истражување на децата и добивме подетални информации за нивните навики и желби. Од одговорите може јасно да се заклучи дека најголем број од децата поседуваат мобилен телефон, таблет, компјутер, лаптоп или сите уреди заедно. Само 10% од децата не поседуваат ни еден од овие уреди. Ова значи дека најголем дел од децата веќе имаат дигитални вештини и знаат да ракуваат со апликации. На прашањето што би ги мотивирало да читаат повеќе, голем број од децата одговориле – аудиокниги или поголем избор на книги и интересни содржини. Дополнително, следејќи ги светските трендови за интерактивен и иновативен начин на едукација, сметаме дека е неопходно да бидеме во тек со нив со цел да го задржиме вниманието на младите, па затоа сметаме дека е потребна една ваква апликација за слушање и читање книги на македонски јазик – дополнува Димитар.
Што повеќе домашни изданија од домашни писатели
Во моментов се во фаза на состанување со издавачки куќи кои би сакале да се вклучат и да бидат дел од приказната на Boksy со цел да се вклучат што повеќе домашни изданија од домашни писатели.
– Инаку, мобилната апликација ќе биде составена од голем број книги за деца на македонски, англиски и на албански јазик од македонски и странски издавачки куќи кои ќе можат да се читаат или слушаат како аудиокниги на мобилните уреди. Апликацијата ќе биде достапна на македонски јазик, ќе може да се користи на телефон и таблет и ќе може да се преземе од App Store & Play Store. Апликацијата ќе расте и постојано ќе се развива, а особено ќе се надополнува книжевниот фонд со нови изданија од издавачите. Идејата ни е оваа апликација понатаму да може да ја користат сите членови на семејството, односно да содржи книги за сите возрасти, од сите теми погодни за читање или слушање на кое било место и во кое било време од денот – завршува Најденов.
912