Планирањето летување со мали деца бара подетално истражување и внимателно пакување. На одмор не се тргнува без патната аптека, односно сѐ што ни е потребно за прва помош при незгода, настинка, вирус, алергиска реакција, каснување од инсекти

Периодот на летни одмори почна, а со тоа и првите подготовки. Планирањето летување со мали деца бара подетално истражување и внимателно пакување, но секоја следна година детето ќе биде сѐ поподготвено за уживање во морските задоволства.
Ако е помало детето, летувањето треба повнимателно да се испланира. И, секако, почетокот и крајот на сезоната се најдобри за одмор со деца за да се избегнат превисоките температури, штетното УВ-зрачење, метежот, вревата…

Познато е дека одењето на доктор во странство е скапо, па затоа најдобро е да си извадете здравствено патничко осигурување. А, секако, не се тргнува без патната аптека, односно се што ни е потребно за прва помош при незгода, настинка, вирус…

Фактор за сончање од 50

Според педијатарот Драгана Емел-Маркоска, одморот треба да биде едно од најубавите доживувања во таа година, затоа е потребна добра подготовка.

– Особено голем предизвик е првиот одмор со бебето. Тој најдолго се памети. Во вашата рачна торба треба да имате лекови, фактор за сончање и задолжително капче за глава.
Од лекови треба да имате сѐ за покачена температура, сируп или лепенки за температура. Не се дава сируп доколку детето не качи температурата над 38.

Доколку се појави пролив и повраќање, потребни се пробиотик, електролити, капки против повраќање или сируп или лижавчиња.

За заштита од инсекти – сируп за алергија и крем за локално мачкање. За алергија на храна, сонце или на лекови – сируп за алергија. За дехидрираност – електролити – споделува Емел.

Според неа, многу важен елемент е изборот на фактор за сончање.

– Фактор за сончање – потребен е фактор од 50 СПФ. Доколку станува збор за бебе до 6-месечна возраст, пожелно е да не се мачка со фактор за сончање. Внимавајте да не ги изложувате дечињата многу на сонце, да не ги носите надвор кога не е најјако сонцето. Количката, освен со чадорче, да не се покрива со тетра-пелена или со некоја крпа или пешкир. И имајте си убаво лето – дополнува Емел.

Препорачливо е да се патува ноќе

Треба да понесете топломер, инхалатор доколку детето користи, завој, стерилна газа, јод, сѐ што користите дома при полесни болести и повреди.
Веќе е познато дека во текот на одморот не треба да се експериментира многу со исхраната. Распоредот на оброците, количината и видовите намирници не е добро да се менуваат. И, секако, за децата секогаш е подобро домашно приготвената храна.

Патувањето и должината на патот, исто така, треба добро да се испланираат во зависност од возраста на детето. Препорачливо е да се патува ноќе, а доколку се патува преку ден, да се прават почести паузи. Да се направи и подолга пауза за ручек во некоја ладовина. А во автомобилот да носите вода, суви грицки и да се вооружете со трпение и интересни игри.



912

X