Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

Прашање: Син ми има 3,5 години и оди во градинка од 9 месеци. Ја обожува градинката, а и ние како родители сме многу задоволни од сите услови, начинот на воспитување и работата од страна на згрижувачите. Последниов месец многу често вели дека го караат во градинка и двапати ѝ раскажувал на баба му дека го удриле по глава. Кога разговарав со него првиот пат, ја потврди приказната, но рече дека не било ништо страшно, немирен бил, малку го удриле. Вториот пат ја негираше првичната приказна и рече дека не го удриле. Детето е прилично пргаво, темпераментно, знае да биде и непослушен, но воопшто не е дете кое правело проблеми во градинка или било бесно. Разговарав и со негувателките првиот пат и искрено верувам во нивната приказна бидејќи 3 години не сме имале никаков инцидент со истите негувателки и имаме целосна доверба во нивниот начин и принцип на воспитување. Сметам дека детето на некој начин манипулира со баба му затоа што таму добива сѐ што сака и бара начин да глуми дека некој не го сака за да добива уште повеќе, макар тоа не било одобрено од страна на нас родителите. Дополнително, двата пати баба му ни ја раскажува приказната, а не тој самиот. Неколку пати е разговарано и посочено дека може да ни раскаже сѐ што се случува во градинка, но дека не е културно да не се кажува вистината и да се измислуваат приказни. Не знам дали сум во право и сум загрижена дека јас не постапувам соодветно на неговата моментална состојба и ова може да премине во навика и нетретирано однесување. Како да постапам понатаму?

Одговор: Да се биде родител е една од најубавите и истовремено најтешка улога во животот. Во себе носиме љубов, грижа и одговорност за уште едно дете. Вие прашувате за вашиот сомнеж и понатамошно однесување кон вашето дете, за неговото однесување и  состојба која „се или не се случила“ во градинката во која престојува. Големите социјални промени, контекстот во кој родителствувањето се развива,  наметнуваат родителски очекувања, барања, желби и притисок кои збунуваат, како и вие во моментов. Вие сте разговарале со вашето дете и имате различни одговори. Вашето прашање е како понатаму за да има позитивен развој во воспитувањето и растењето на вашето дете.

Со вашето дете разговарајте многу за секакви ситуации што ви се случиле или случуваат. Раскажете му како сте ги надминувале. Седнете и играјте заедно со играчките, дајте им улоги преку ликови и така ќе добиете информации како вашето дете и другите се однесуваат меѓусебно. Секогаш зборувајте во прво лице еднина без да го критикувате или наведувате на одговори. Оставете го да влезе во светот на фантазија и имагинација и преку игра ќе ги препознаете емоциите и однесувањето во градинка на вашето дете. Во прво време тоа самото нема да биде свесно, но како играта трае, тој ќе го препознае својот лик. Секако, и вие ќе препознаете и тоа ќе ви биде водилка кон насочување на правилен раст и развој за вашето дете.

Во растењето и воспитувањето на децата, примерот на однесување на родителите – возрасните има поголема улога отколку зборовите.  Искористете ги предизвиците со кои се сретнувате како шанса за учење и поттикнување на вашето дете да ги изразува емоциите, зборува за нив, ги препознава и не се плаши од истите. Праќајте му пораки на вашето дете дека е човечки да се греши, дека безусловно го сакате какво што е и поттикнувајте ја неговата креативност и љубопитност за светот кој го опкружува.

Одговара: Наташа Маџевска, психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

https://www.facebook.com/v6.0/plugins/like.php?action=like&app_id=1887609934647656&channel=https%3A%2F%2Fstaticxx.facebook.com%2Fx%2Fconnect%2Fxd_arbiter%2F%3Fversion%3D46%23cb%3Df33931598246e64%26domain%3Ddeca.mk%26is_canvas%3Dfalse%26origin%3Dhttps%253A%252F%252Fdeca.mk%252Ff2bd321dc20bdbc%26relation%3Dparent.parent&container_width=174&href=https%3A%2F%2Fdeca.mk%2Ftuka-se-izvodenilo-neshto-kerka-mi-negira-koga-ke-se-izmocha-noke-v-krevet%2F&layout=button_count&locale=en_US&sdk=joey&share=true&show_faces=true&size=large



912

X