Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Имам син од 4,5 години и ќерка од 6 месеци. Синот во последно време е многу агресивен, вреска, плаче, вика по мене без потреба, тргнува да ме удри ако го искарам за нешто. Ако почнам да му викам или ако го удрам, уште повеќе се сили. Пробував и со смирено, но ништо. Не знам како да постапам, дали да го казнувам? Признавам, немам време да му обрнам повеќе внимание затоа што сите обврски се на мене, а од сопругот немам голема помош. Тој по цел ден е на работа, а кога ќе дојде, многу е нервозен и му вика на детето. Пред две години син ми често имаше фебрилни конвулзии (грчеви), дали е можно ваквото однесување да е последица на тоа?
ОДГОВОР: Од она што ми го пишувате за однесувањето на вашето синче ми изгледа како класичен пример за тантрум. Кога малите деца се соочени со ситуации на фрустрација која ги надминува нивните капацитети на справување, насобраната тензија и фрустрација ги празнат преку изливи на лутина и бес кон сѐ што ги прави нервозни, попознати како тантруми.
Ми пишувате дека забележувате дека синчето веќе некој период е многу агресивен, дека вреска, плаче и удира. За колкав период станува збор? Дали можете да посочите кога се појавило ваквото однесување? Вклучително, дали можете да направите хронолошка паралела со некој друг поголем настан во семејството, на пример, раѓањето на вашата ќеркичка?
Дали можете да забележите кога се случуваат тантрумите кај вашиот син, односно кои се тие ситуации на кои тој реагира со тантрум? Тантрумот е начин детето да го покаже и извади од себе своето незадоволство. Земајќи го ова предвид, што би можело да е тоа што го прави вашиот син фрустриран, лут и незадоволен? Што е тоа што му недостига и преку ваквото однесување го бара на несоодветен начин?
И самите сте свесни и пишувате дека немате многу време да му обрнете внимание на синчето бидејќи сте преоптоварени со домашните обврски и грижата за другото дете. Бидете свесни дека вашето дете е премногу мало за да застане пред вас и да ви каже: „Мамо јас сум многу тажен, несреќен, лут кога ти немаш време да си играш со мене и кога гледам дека повеќе време ѝ посветуваш на сестричката!“ Многу е поверојатно дека таа лутина ќе ја изрази со викање, фрлање, трескање и тропање со рацете и нозете. Исто така, бидете свесни дека казните и санкциите може само да придонесат за зголемување на тензијата и фрустрацијата кај вашето дете, што може дополнително да ја влоши ситуацијата.
Наместо веднаш да се обидете да го санкционирате ваквото негово однесување, обидете се да разберете што ви кажува вашето дете преку тоа? Што му пречи? Какви потреби има? Што се обидува да побара од вас? Неопходно е секојдневно да посветите повеќе квалитетно време во односот со него преку играње, цртање, раскажување приказни и сл. Нека тоа бидат активности кои ќе ги избере самиот тој. Доколку и покрај ова по извесно време забележувате дека нема поголема промена, не двоумете се да побарате стручна помош и поддршка од обучен игровен терапевт кој низ процесот на игровна терапија ќе му помогне на вашето синче да се справи со фрустрацијата што ја носи, и ќе го поддржи полесно и побрзо да се адаптира на новата семејна динамика и новата улога на постар брат.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912