Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3-годишен син кој неодамна првпат тргна во градинка. Не е срамежлив, соработува со воспитувачките и сака деца, но по извесен период почна да покажува агресија, да ги штипе децата, да ги гризе и да ги мава со играчки. Почнав да го прашувам зошто го прави тоа, што му направило тоа дете, зошто не им каже на воспитувачките? Кога му ги поставувам тие прашања, тој ја менува темата, ми покажува играчки, ме гушка, ме прашува нешто друго надвор од темата. Почнав да го казнувам, но и тоа не помага, трае само неколку дена и потоа пак си продолжува истото. Исто така, кога сме дома и кога ќе му кажам да не ги крши играчките, тој ме гледа в очи и ја треска играчката од маса (многу крши играчки, како да ужива во тоа) или ќе ми рече ти си глупчо, не те сакам повеќе, јас сум лош… Истите зборови им ги упатува и на баба му и дедо му, ако тие му кажат дека не треба да го прави тоа, а и ги удира и им вели: „Ти си глупчо“. Тие зборови никогаш му ги немам кажано, најверојатно ги научил во градинка. Тој е многу темпераментен, не застанува ни секунда и се трудам секогаш со разговор да се справам со него, но не помага. Не знам како да се справам со кршењето на играчките, тепањето и лошите зборови, ве молам за помош.

ОДГОВОР: Градинката претставува нова животна околина за детето каде што тоа се сретнува со нови карактери и многу нови искуства. Секое дете има свои специфични навики за кои е добро да се разговара со воспитувачките и престојот во градинка да биде приспособен кон детето што е многу поважно од приспособувањето на детето кон градинката. Темпераментноста што вашето дете ја покажува во градинка е можеби барање внимание кое детето пред градинка го имало од целото ваше семејство. Разговарајте со воспитувачките и добивајте информации од нив.
Претпоставувам кај него има лутина и реагира со тепање и кршење. Казнувањето ја зголемува лутината и затоа променетото однесување со казната е краткотрајно. Разговарајте со вашето дете иако тоа се обидува да ја смени темата и поттикнувајте да развие позитивна слика за себе. Кажете му дека забележувате дека не сака да разговара за тоа. Играјте со вашето дете и преку игра насочувајте како правилно да ги користи играчките. Играчките нека добијат глас и нека разговараат меѓу себе што и како сакаат.

Пофалувајте го за мали активности што добро ги прави, верувајте во неговите социјални способности и тоа ќе се доживува како самостојно, способно и вредно и ќе му помогне во контактирањето со другарчињата.
Бидете со вашето дете, дајте му поддршка и помош кога е луто. Разговарајте и поставувајте му прашања: Што се случило? Како се чувствувал во тој момент? Што направил? Што направило другарчето? Што би можел да направи другпат? Што може друго да направи освен да крши и ги повредува другарчињата? Како се чувствува во моментот додека зборувате? Која е неговата потреба додека зборувате?

Кажете му на вашето дете што забележувате во тој момент кај него и како се подобрува. Со текот на времето вашето дете ќе ги прифати овие вештини за справување со лутината и ќе ги користи и понатаму во својот живот.
Ве поздравувам за истрајноста, присутноста и уважувањето на емоциите на вашето дете.

Одговара: Наташа Маџевска, гешталт психотерапевт, соработник на „Психотерапика“
е-пошта: nmadzevska@gmail.com psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X