Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Здраво! Мајка сум на 2,5-годишно детенце кое до неодамна беше весело, љубопитно и многу сакаше да си игра, најнормално како и секое друго. Пред неколку дена бевме излезени во парк, времето беше убаво, сончево, се лизгаше на лизгалки, се смееше како и секој претходен ден. Тргнавме накај дома, кога наеднаш задува силен ветер, почнаа да летаат лисја, да се крева прашина, се крена тезгата на еден човек кој продаваше детски играчки кои се разлетаа на сите страни. Моето синче првпат се соочи со нешто такво и толку многу се исплаши што почна да плаче, да вика „сакам дома“ и со брзање стигнавме дома, иако во меѓувреме ветрот се смири, траеше само неколку минути.

Поминаа неколку дена, а тој не сака да излезе од дома, иако претходно беше надвор секој ден, без разлика на времето. Сега само повторува дека многу дува, прашува кој тропа, кој чука и знае да заплаче дури и дома. Кога се обидувам да го изнесам на прошетка, толку се противи, плаче и вели дека сака дома, не сака надвор! Не знам како да постапам, што да направам. Навечер пред спиење бара со сопругот да го држиме за раче додека да заспие. Не е весел како што беше. Претходно пред да заспие скокаше на креветот, се смееше, сега не оди сам, само по мене оди од соба во соба, страв му е да биде сам. Ве молам за совет!

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Почитувана мајка, стравот од временски непогоди е чест кај малите деца и знае да биде доста силен и со силни манифестации во однесувањето на детето. Од она што ми го пишувате очигледно е дека силниот ветер многу го исплашил вашиот син бидејќи сите реакции за кои пишувате, како плачливост, одбивање да биде сам, одбивање да се шета и слично, се реакции на страв. Вашето дете првпат се соочило со таква појава и таа му оставила силен негативен впечаток.


Во ваквите ситуации, кои се нови и непознати за децата, реакцијата на родителите е од клучно значење. Кога малите деца првпат ќе се соочат со некоја случка или појава што им изгледа голема и непозната, првата реакција кај нив вообичаено е збунетост, бидејќи не знаат како да реагираат. Тие често пати во ваквите ситуации гледаат кон родителите и својата реакција ја приспособуваат согласно нивната. Затоа во ваквите моменти многу е важно родителите да останат што посмирени, бидејќи на тој начин таа смиреност и чувство на безбедност и сигурност им ја пренесуваат на децата.

Пробајте низ игра или цртеж да го демистифицирате ветрот. Исто така, раскажувајте или уште подобро креирајте заедно приказни за ветрот

Важно е кога следен пат ќе забележите дека детето е исплашено од ветрот, да бидете крај него и да го утешите. Уважете ги неговите чувства, гушнете го силно за да се чувствува заштитено и со смирен глас зборувајте му дека иако изгледа страшно, вие сте тука за него и дека ќе го заштитите, дека вашиот дом е силен и сигурен, дека тој е сакан и заштитен и дека ништо лошо нема да му се случи ниту нему ниту на некој од вас и дека нема од што да се плаши.

Пробајте низ игра или цртеж да го демистифицирате ветрот. Исто така, раскажувајте или уште подобро креирајте заедно приказни за ветрот. Потоа пробајте овие приказни да ги одиграте. Дајте му можност тој да биде ветрот и охрабрете го да дува или да трча низ играчките како ветер. Играјќи ја улогата на ветрот и покажувајќи ја неговата сила, ќе му помогнете и ќе го поддржите да ја почувствува и својата сила. Играјте и експериментирајте со различни краеви на вашата приказна за ветрот.

Бидете свесни дека на малите деца им треба многу пати да поминат низ истото искуство пред да го апсолвираат во целост. Затоа ве поддржувам да бидете трпеливи, смирени и постојани во своите напори бидејќи веројатно дека ќе треба многу пати да го повторите и одиграте истото пред да забележите некоја поголема промена. Доколку забележите дека и покрај континуираните заложби во текот на подолг период нема некоја поголема промена, тогаш обратете се за стручна помош и поддршка кај развоен психолог или детски/игровен психотерапевт.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X