Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 2,5 години и ги јаде само оние јадења што ги сака, а одбива да проба нови вкусови, особено зеленчук. Не го терам сосила, не го карам, ниту пак му викам. Седиме заедно на маса за ручек, на пример, брокула и морков со месо, и тој го јаде само месото, а зеленчукот не сака ни да го проба. Како да постапам за да почне да јаде повеќе зеленчук? Вториот проблем ми е кога сме на работа, го чуваат моите родители и со нив буквално е на леб или кифла со павлака или јогурт. И да оставам нешто приготвено, тој одбива да го јаде. Знам дека мајка ми не го тера и јасно ми е дека преку тоа искажува дека му недостигаме. Како да постапам за да јаде разновидна храна и кога е со нив? Инаку, нема проблем со тежината. Крвната слика му е одлична и е активно и весело дете.

ОДГОВОР: Одбивањето да се проба нова храна е доста често и типично однесување за многу деца на возраст од 1 до 3 години. Некои развојни психолози го сметаат ова однесување за вроден и несвесен механизам на заштита кај малите деца. Кога децата ќе почнат да лазат, а потоа и да паткаат, нивната подвижност се зголемува, а тоа доведува и до зголемување на бројот на работи со кои доаѓаат во контакт. Претходно главен орган за истражување на светот околу нив беше устата, но со зголемувањето на бројот на нешта со кои детето доаѓа во контакт се зголемува и опасноста да се отруе или задави. Одбивањето да се стави нешто непознато в уста е механизам кој ги штити децата од потенцијални опасности. Исто така, на оваа возраст детето ги истражува своите граници со околината преку диференцирањето на „сакам“ од „не сакам“ и „дозволувам“ од „не дозволувам“. Одбивањето храна што не му се допаѓа е негов начин да ги пројави своите граници и својот став.

Строгите педагошки мерки и присилби нешто да се изеде, за жал, често пати даваат сосема спротивен и негативен ефект, па затоа би ве поддржала да ја искористите својата креативност и игривост за да внесете повеќе зеленчук во исхраната на вашиот син. Обидете се да изнајдете специјални рецепти за деца во кои зеленчукот е „маскиран“.

Можете да најдете огромен број вакви рецепти на интернет, од вкусни смути-напивки со спанаќ до чоколадни колачиња со варено цвекло. Експериментирајте и видете како вашиот син ќе реагира на нив. Ова се вкусни и здрави алтернативи не само за деца, туку и за возрасни.

Одбивањето да се стави нешто непознато в уста е механизам кој ги штити децата од потенцијални опасности. Исто така, на оваа возраст детето ги истражува своите граници со околината преку диференцирањето на „сакам“ од „не сакам“ и „дозволувам“ од „не дозволувам“. Одбивањето храна што не му се допаѓа е негов начин да ги пројави своите граници и својот став.

Втор начин да внесете повеќе зеленчук во исхраната на вашиот син е тоа да го претворите во игра. Тој е премногу мал за да можете да му ја објасните важноста на здравата и балансирана исхрана, па затоа обидете се да му ја донесете низ игра. Подгответе чинија со разновиден зеленчук и поставете игра во која вие двајцата наизменично ќе пробувате од различните зеленчуци, ќе го опишувате нивниот вкус и ќе ги редите во низа од она што најмалку ви се допаѓа до она што најмногу ви се допаѓа. Секој нека си направи своја низа на зеленчуци наредени по преференција. Дознајте кои зеленчуци ги сака вашето дете и потоа секогаш кога во храната има зеленчук што тој го сака кажете му го тоа и поканете го да го проба. Ваквата игра можете да ја направите и со овошје или други облици на храна.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог и психотерапевт, практичар по игровна терапија во „Психотерапика“
е-пошта: ivana.marinchek@gmail.com/ psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X