Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син, има осум години и е трето одделение. Позитивно е и среќно дете, без оглед на тоа што јас и татко му се разделивме пред 4 години. Весел е, паметен, културен, скромен. За некои работи е созреан пред време, а тоа го заклучувам по начинот на кој размислува (мислам дека разводот придонесе за тоа). На часовите додека трае наставата има навика да дофрла, да ја поправа наставничката додека зборува, на тест да поткажува, а на одморите сите да ги анимира и смее. Не е деструктивен, не штети никому во агресивна смисла, едноставно, сака да биде забавен. Се гордее кога ми раскажува дека ги забавувал и насмеал децата во школо, без оглед дали на час или на одмор. Вика дека тоа го прави радосен, кога другите деца се смеат. Инаку добива умерено внимание од сите во домот (освен со мене, расте и со баба, дедо и со вујко), не му се ,,тресеме“ и не му исполнуваме желби по секоја цена. Не е разгален. Исполнителен и одговорен е само кога се мора, инаку не би се заморувал нешто особено. Се работи за дете кое на помала возраст тргна на училиште, на 5 години и 8 месеци и е најмал во одделението. Пробав да му посветам повеќе внимание дома, да го фалам и да му јакнам самодовербата, но така само добива ветер во грб и уште повеќе се охрабрува да биде главен забавувач, и дома и на училиште. Како правилно да постапам? Дали треба да работам на тоа да биде ставен во калап за да профункционира ,,нормално“ во училницата или, пак, не треба да му се скротува духот?
Прашува: Горде

ОДГОВОР: Почитувана Горде, фала на убавиот опис, навистина донесовте многу значајни информации за да можам да ви го дадам одговорот. Очигледно е дека вашето дете привлекува внимание со тоа што е забавно, и очигледно дека тоа однесување доста се стимулира дома. Ете гледате како вие сте успеале да создадете едно забавно и позитивно момче. Сепак, проблемот се појавува кога вашето дете ја користи таа стратегија во секоја ситуација кога сака по секоја цена да биде забележан, да му се радуваат, да ги забавува, што од друга страна укажува дека треба да развие различни релациски стратегии за социјализација со другите деца. Од она што го пренесувате, вашето дете смета дека е потребно да биде во центарот на вниманието за да биде сигурен дека ја држи ситуацијата под контрола, и веројатно не знае како да создаде простор другите деца да земат свое место, како да почека кога ќе биде неговото време, бидејќи тоа го плаши на некој начин. Колку и разводот да поминал најдобро, сепак, кај родителите останува вината дека направиле нешто со што го повредиле сопственото дете, а кај детето остануваат едни поинакви сфаќања на реалноста во кои исто така не е исклучено чувството на вина или страв од напуштање. Можеби рационално не е така, но зголемената грижа и внимание, за тој да не се чувствува запоставен по разводот, си го прават своето, поточно му даваат доволно значење со кое детето знае дека постојано треба да биде активно, позитивно, забавно за вие, возрасните околу него, подобро да се чувствувате. Децата многу добро знаат како да ги направат мама и тато среќни, и како постојано да си го бараат вниманието што им е потребно. Велат дека „забавувачите“ носат голема тага која ја маскираат со насмеаната маска, со преголемата активност, затоа што ако не е таа, ќе мора да гледаат во она што ги тишти и вознемирува. Можеби така реагира вашиот син кога е вознемирен, на единствениот начин што го знае, преку забава, преку креирање атмосфера во која сите ќе бидат среќни и задоволни, и нема да гледаат во она што ги мачи и тишти, практично нашол начин да ја пренасочи енергијата за да не се чувствува на начин кој е понеприфатлив за него. Ако не ја користи таа стратегија, можно е неговиот дух да клапне, а не може да клапне затоа што мама или тато може ќе бидат тажни и ќе гледаат во себе и во она што не функционира наместо во него. Она што сметам дека треба да се работи е да се поттикнуваат други стратегии на важност во семејството. И вам ви е многу полесно кога тој е забавен и кога ве смее, можеби треба и вие малку да се обидете да го „мирорите“ (како во огледало) неговото однесување. Видете, тој е забавен до степен на можна агресија, но на еден многу социјално прифатлив начин. Станува збор за доста паметно дете, кое вешто знае да ја манипулира средината, но воедно и не сака да ги зема предвид потребите на средината, не ги чита нивните потреби, емоции и барања, како ни своите, тешко се адаптира и единствено комуницира на веќе установен и прифатлив начин. Затоа е потребно вие како родител, кога ќе забележите дека така реагира кога всушност е лут или исплашен, вознемирен, да му го донесете тоа така што ќе кажете: „Ова би требало да те разлути/исплаши/вознемири наместо да те насмее? Дали знаеш зошто е толку тешко да сме лути/исплашени/вознемирени?“ Или да му кажете: „Јас да бев на твое место, ќе се налутев/исплашев/ќе бев многу вознемирена наместо да се смеам. Или можете да одиграте улоги во кои вие ќе бидете тој, а тој ќе биде вие, па да разговарате како се чувствувате на тие позиции, така и вие ќе дознаете повеќе за себе, а и тој ќе дознае повеќе за себе. Воедно, потребни се активности во кои би се ставал почесто во кондурите на другите, активности преку кои ќе ја развива емпатијата за другиот. Можете да му покажете фотографија со некоја емоција, да ја погоди емоцијата, па да го прашате што би можело да му се случи на овој човек за вака да се чувствува. Или можете да рекреирате ситуација од училиштето, за која ве информирала наставничката, со тоа што ќе ја донесете како некоја дилема што вам ви се случила, а која би сакале со негова помош да ја решите. Така ќе проверите и ќе видите како тој размислува, од една поинаква позиција, на набљудувач, која не е многу опасна, а сепак дава многу информации за вас, за да откриете што се крие зад неговото насмеано лице, тогаш кога реакцијата е пренагласена и несоодветна на ситуацијата.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 070734512

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X