Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син на возраст од 1 година и 2 месеца. И досега имавме проблем кога требаше да се заспие, но сега навистина немам решение. Како помал заспиваше со цицање, но кога наполни една година, самиот се одби и како решение му понудив млеко во шише, па тоа се покажа функционално. Но, пред една недела имаше стомачен вирус, па не смееше да пие млеко. Оттогаш кога ќе го земам в прегратка да го заспивам, почнува да пишти и да зајдува од плачење. Се обидов со чајче, со вода, со нишкање како порано, со песни, приказни, пред да дојде часот за спиење го намалувам светлото, смирено зборуваме дома, го исклучуваме телевизорот, зедов сликовници да разгледуваме и ништо не помогна. Ги трие очињата, се проѕева, понекогаш и плаче за спиење, но кога ќе пробам да го заспијам, го фрла шишето, ме турка и вреска. Тоа се случува и при денско спиење. Да напоменам дека претходно имаше одредена организираност, спиеше по 2 пати во одредено време, по 1 час, а навечер речиси цела ноќ. Но пред еден месец почна да станува почесто и порано, па потоа се зарази со вирусот и сега бидејќи воопшто нема ред, се случува да преспие еднаш во денот и вечерта повторно има проблем да заспие. Мене најмногу ме интересира како да реагирам кога плаче при заспивање бидејќи почнувам нежно да го смирувам и кога ќе видам дека уште повеќе се расплачува, почнувам да му викам. Претпоставувам дека не е во ред, ама кога гледам дека покрај сиот труд тој плаче уште посилно, а ако дојде татко му или баба му, уште повеќе сила зема и плаче, па од кај мене оди кај нив, премногу се напнувам и не знам како да реагирам. Во тие моменти сум бесна, гневна, се чувствувам безвредно.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Проблемот со спиењето на малите деца е многу важна тема за целото семејство, вашата вознемиреност е разбирлива, како и чувството на вина, несигурност, неможност да се справите со оваа промена.
Децата на оваа возраст се развиваат многу брзо, растат, поради што има промени во спиењето, одморот, видот на активности. И сами рековте дека промена во спиењето се случила и пред стомачниот вирус. Но, секако, може да се случи поради лошото искуство од вирусот да се појавува страв, па така пред спиење се зголемува вознемиреноста.

Кога детето вреска, плаче, турка, протестира… и сè што спаѓа во оваа категорија на однесување, значи дека тоа е доволно големо за да знае што сака, но сепак мало за да може да им ја каже оваа потреба на најблиските. Доколку вашето дете нема други проблеми, се мисли на стомачето, исхраната итн., тогаш нема потреба да инсистирате на шише, рековте дека го турка, не го сака, веројатно не му е ни потребно.
Ќе го споменам сепарациониот страв (сепарационата анксиозност) кој почнува да се јавува во овој период кога детето се плаши од напуштање на родителите, особено на мајката, па поради тоа заспивањето може да биде стресно – бидејќи знае дека тогаш на некој начин ќе се одвои од родителите, па затоа протестира и се бори.
Можеби сè уште сака да си игра, па се обидува да ги поместува границите, да бара да остане будно и да игра наместо да спие.
Прво обидете се да останете смирени. Малите деца совршено чувствуваат напнатост и нервозни ситуации. Можеби во времето кога вашето дете треба да спие вие веќе однапред кревате тензија која тој ја чувствува, напнати сте. Кога детето ја чувствува тензијата на родителот, тогаш тоа е „сигнал“ за него дека и тоа треба да се вознемири бидејќи нешто не е во ред. Кога интервенираат и другите дома, тогаш настанува една нервозна и доста тензична атмосфера каде што наместо да му се неутрализираат импулсите на детето, тие се зголемуваат. Можеби почнува и викање помеѓу сите вас дома, т.е. меѓусебно обвинување како требало, а како не. Целата таа ситуација само го збунува детето и сè така во круг за на крај сите да бидете уморни и исцрпени.

На детето му е потребен родител или оној кој се грижи за него да може да му ги неутрализира фрустрациите, на ова се мисли да останете присебни, мирни и да не викате, да не кревате паника.

Ќе ви ја објаснам ситуацијата на беспомошност што се појавува кај многу родители, а и кај вас. Рековте: бесна, гневна, се чувствувам безвредно. Ова чувство честопати води кон плачење, а потоа и чувство на грижа на совест. Првично, постои разбирање и трпеливост за детето, и сакате да му помогнете и да го смирите да разбере, да не плаче, да не турка, ајде да пробаме вака, ајде така… се прави сè само за да се смири. Бидејќи ова трае подолго време, доаѓа момент кога почнувате да се чувствувате беспомошно. Тогаш останува само една опција… да се вика. Потоа се чувствувате лошо, не сакате да постапувате на начин за кој знаете дека не треба. Детето не е криво, нема потреба да бидете и бесни и гневни ниту на него ниту, пак, нас себе. Родителството не е нешто со кое се раѓаме, тоа постојано се учи.
Почнете полека да се спремате за спиење, пробајте да го опуштите детето во топла бања, масирајте го малку, уживајте во моментите заедно, потоа спремете се за спиење, облечете му пижамчиња, нека одбере некоја играчка со која ќе спие и легнете заедно да читате. Галете го во исто време, гласот да ви биде драматичен, но тивок додека му читате за да му биде интересно. Тоа нека биде вашиот ритуал за спиење. Ставете го во кревет и бидете покрај него, не мора да го земате в раце, со ова ќе направите промена во досегашниот ритуал на заспивање, а верувам дека почнува и да ви тежи ако постојано го носите в раце. Бидете смирени, но упорни (се мисли да се има одредено време кога детето оди на спиење), доследни. Видете и за дневниот одмор дали има потреба од два пати или пак еднаш.
На детето му е важно да има една примарна личност со која може да се чувствува безбедно и опуштено. Сето ова се преодни моменти кои ќе поминат. Ви посакувам многу трпеливост, љубов и успех.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.

 



912

X