Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 10-годишен син кој има тикови. Тиковите се појавија некаде по 4. година во градинка со нерационално допирање со рацете кон другите делови од телото ( за тие тикови дури сега сме свесни дека се тикови, порано не мислевме дека тоа се тикови). Тие се намалуваа повремено, па се враќаа и слично. Сега, од 9-10 годишна возраст се најизразени и тиковите се во вид на кимање со око, прави бакнеж со устата и звучен тик со изговор на буквата С или зборот ЈЕС. Сегашните тикови почна со поголем интензитет некаде на 8-годишна возраст, во трето одделение кога почнаа дел од децата со навреди кон него со разни зборови, како „педер“, издајник и слично, па и закани дека ќе го тепаат. Сега во петто одделение сѐ повеќе има физичко насилство кон него и тиковите се сѐ поизразени. Одличен ученик е, оди на меѓународен натпревар по математика Кенгур, освојува прво, второ место, посетува настава и во музичко училиште, свири на пијано, се занимава и со спорт (болдер-искачување на карпи).
Во летен распуст се намалуваат тиковите зашто нема контакт со соучениците што го малтретираат. Проблемот со насилниците се обидуваме да го решиме на училиште, со директорката и со стручната служба, ама некако нема слух, се правдаат дека треба да се почитува закон, постепени мерки, опомени. Дали има потреба од посета на психолог, психијатар или друга стручна служба?

ОДГОВОР: Благодариме за вашиот допис и сеопфатен исказ кој изобилува со значајни информации за личноста и состојбата на вашето дете. Тиковите како невроразвојни нарушувања се појавиле на четиригодишна возраст и бараат тимски третман од психолог, психијатар, дефектолог, како и голема поддршка од семејството. Она што можам да го разберам е дека најнапред тиковите биле повремени, се јавувале, па се губеле, но веќе на осумгодишна возраст училиштето и врсниците ја интензивираат состојбата кај детето.

Детето станало жртва на врсничко насилство, најнапред вербално, а сега веќе и физичко насилство. Она за што мене лично ми е многу жал, а кое не е само ваша одговорност, е нерешавањето на ваквите проблеми во рамките на училиштето. Додека вашето дете трпи, станува вознемирено и исплашено, училишните институциите оставаат да се нарушува дополнително неговото ментално здравје. Затоа, би ве охрабрила и би ве замолила ваквата проблематика да ја решавате на повисоко ниво.

Најнапред обидете се да го контактирате Инспекторатот при Министерство за образование и наука. Тие веќе имаат објавено и посебна е-адреса за пријавување вакви случаи prijavinasilstvo@mon.gov.mk. Доколку по некоја веројатност оваа институција не одговори, ваша задача е да го искористите вашето граѓанско и родителско право и овој случај да го пријавите во канцелариите на Народниот правобранител при СРМ.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Психит“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X