Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има речиси четири години и има тикови – го врти горниот дел на рацете во круг. Тиковите ги има секојдневно и самиот е свесен за нив, но сепак ги прави. Пред неколку месеци посетувавме дефектолог, но според него, нема потреба повеќе од часови и дека тиковите постепено ќе исчезнат.
Сепак, ме загрижува многу, особено тоа што некогаш гледа во една точка и мавта со рацете.
ОДГОВОР: Тиковите се ненадејни, повторувачки и вознемирувачки реакции кои може да бидат манифестирани како ненамерни моторни движења слични на конвулзии на ист мускул или на група мускули или повторувачки вокални симптоми. Важно е дека движењата и вокализациите се начин на ослободување од одредена внатрешна емоционална напнатост. Детето има потреба да го повторува тикот – со тоа се ослободува од напнатост, а секое спречување ја зголемува потребата.
Тикот само привремено може волево да се контролира, но повторно се интензивира во состојба на стрес, карање, напнатост или опоменување. Таа напнатост е поврзана со некој стресен или психотрауматски настан или ситуации водени од погрешен воспитен пристап на родителите, а да се интервенира потребен е психотерапевтски пристап со детето со цел да најде нов начин на изразување на своите чувства и конфликти кои се наоѓаат во основа на симптомот.
Тикот се лекува успешно исклучиво тимски, а тоа значи вклучување на доктор, детски невропсихијатар, психолошки третман, дефектолошки третман, советување на родителите.
Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.
912