Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам 3-годишен син кој речиси три месеци не носи пелени. Кога ги тргна пелените, почна да се плаши од нокширот и од веце-школката и три недели мочкаше в гаќи. Еден ден престана да мочка и да кака велејќи дека го боли, а во тој период имаше и голема траума бидејќи половиот орган не му беше целосно отворен. Во консултација со педијатар зедовме сируп за испразнување и тој ден беше хаотично. Оттогаш научи да мочка, но кака еднаш на три дена и хистерично плаче. Сѐ полошо станува, веќе неколку дена не јаде затоа што ако јаде, ќе мора да кака. Не знам како да му помогнам.

ОДГОВОР: Периодот на тоалетниот тренинг и навикнување на вашето дете е проследен со срам, страв, траума и болка. Честопати се случува децата да се уплашени и вознемирени во оваа фаза од животот. Кога детето поминува низ овој период, треба да е опуштено, да нема притисок и исмејување, да не биде напнато и секако да не доживува лоши искуства. Кога детето емоционално и физички не е подготвено за овој момент, тоа е збунето и целиот процес се одвива потешко и подолго, а секако дека е напорно и исцрпувачки како за детето така и за родителот.

За сѐ е потребно време, па така и за ова. Добро е да знаете дека целото привикнување обично се одвива во спирала, а не во права линија, затоа не обесхрабрувајте се. Со големо трпение и поддршка од ваша страна, ова ќе се надмине. Стравот обично е природна последица на последователната физичка болка при обидот за празнење што тој ја доживеал. Тоа е човечки одговор на болката, на непријатна ситуација, од која е нормално да се плашиме и да се трудиме да ја избегнеме.

Затоа, би било добро во исхраната да внесува повеќе течности, храна богата со влакна, овошје, зеленчук… Што се однесува до јадењето, потрудете се да оставате овошје или нешто што сака да јаде во негова близина. Кога ќе седнете да јадете сите заедно, нека биде и тој со вас и секако и нему ќе му подготвите да јаде. На почетокот можеби ќе одбива, но подоцна ќе почне и сам да зема.

Разговарајте смирено и објаснете, на пример, дека сѐ што се случува е нормално, дека кога нешто нѐ боли, се плашиме, но дека ќе боли малку и потоа ќе биде храбар херој кој ја победил болката и повеќе нема да боли.

Кои зборови и да ги употребувате, важно е детето да се почувствува прифатено и поддржано, дека сте тука при споделување на овој момент. Истовремено, не инсистирајте, туку само бидете тука, дајте му можност да ви каже што сака, кога би сакал, да го охрабрувате, да му читате приказни, да играте. Понудете нокшир доколку не сака да седне на веце-школката, направете моментот да биде пријатен, бидете со него, зборувајте и сето ова да не биде долго, туку некои 10 до 15 мин. Исто така, доколку имате дете од вашата фамилија или другарче со кое се дружи, можете да пробате додека седи другарчето, да седне и вашето дете.

Пофалете го и наградете го со нешто што му е омилено или собирајте ѕвездички, разни печати, играчки итн., а избегнувајте наградување со храна.

Најважно од сѐ е вие да сте смирени, да ги смирувате неговите импулси, да почувствува дека сте тука за него, а доколку запекот е доста чест и детето постојано се соочува со него, побарајте помош од вашиот педијатар.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X