Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има една година и три недели. Роден е предвреме. Кога ќе се заигра дома или кога е надвор во количка, не се врти кога го викнам по име. Треба да викнам 3-4 пати за да се заврти. Не плеска со рачињата, многу пати имам пробувано, но едноставно не сака. Ако запеам песна која ја сака, се врти и ми се смее. Кажува мама, баба, деде, тате, ајде, не, да. Кога ќе го прашат каде е мама, се врти накај мене. Кога наполни 10 месеци, почнав на работа, па почна повеќе време да поминува со бабите. До 10 месеци го носев на невролог и педијатар/неонатолог и сите испитувања беа во ред.

Има ли простор за грижа што не се врти кога ќе го викнам, дали е рано да се обратам на логопед, дефектолог?

ОДГОВОР: Иако развојот на секое дете е индивидуален и посебен, сепак, постојат одредени критериуми кои се воопштени за дадената возраст. Во овој контекст ќе го искористам вашето прашање за да набројам неколку, а секако околу развојните проблематики овде не би можеле да даваме мислење со оглед на тоа дека развојната процена е нешто специфично само по себе и се врши исклучиво во стандардизирани и објективни услови.

На оваа возраст, во однос на социо-емоционалниот развој, детето би требало да се одзвива на своето име, да ги дава и подава предметите што му ги барате, да имитира гестови со раката и лицето, да мавта и да плеска со рацете, да ги затвора очите, потоа да помага при облекување подавајќи рака или нога, да покажува топол афект кон познати лица.

Во однос на комуникацијата, треба да ги имитира  игривите звуци на возрасните, да дрдори менувајќи ја висината на тонот на гласот, да следи инструкции кои се едноставни како: дај ѝ го на мама, дојди кај тато итн. Во однос на движењето со рацете, да става и да вади коцки од кутија, со палецот да покажува предмети кои ги сака, со палецот и показалецот да подигнува мали предмети или храна итн. Доколку сметате дека постои простор за загриженост, обратете се кај педијатар, дефектолог, логопед.

Одговара: Христина Стефановска, психолог за деца и адолесценти, Здружение „Хармоничен свет“, е-пошта: hristina_psihologija@yahoo.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X