Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 6-годишно машко дете. Посетува градинка и таму има едно другарче со кое цел ден се заедно и прават лоши работи. „Другарчето“ му вели дека ако не го слуша, ќе го тепа, а и вистина го тепа. Постојано разговараме дека не смеат да прават глупости и лоши работи, го казнивме, му сокривме играчки и му скративме интернет и телевизија, но сето тоа е безуспешно. Разговарано е со негувателките и тие велат дека им кажале на неговите родители, но сѐ е залудно. Проблемот е што понатаму, како да го научам детето дека сите деца се исти, дека никој не е главен во градинката или школото и нема потреба да се плаши? Ве молам за помош, навистина не знам како да постапам.

ОДГОВОР: Другарувањето е од клучно значење за децата во предучилишна возраст бидејќи им помага да научат и да развијат социјални вештини кои се од големо значење за нивните идни интеракции со другите луѓе. Децата учат да комуницираат, споделуваат, соработуваат и да решаваат конфликти. Тие развиваат емпатија, разбирање и прифаќање на другите и учат да ја ценат различноста.

Од друга страна, другарството им дава на децата чувство на припадност и емоционална поддршка, што е особено важно во раните години кога сè уште го развиваат своето чувство за себе. Пријателите им помагаат на децата да се чувствуваат сигурно и самоуверено и им обезбедуваат безбедна и поддржувачка средина во која ќе го истражуваат светот околу нив. Тие учат за довербата и лојалноста и развиваат чувство на одговорност кон другите. Учат да се потпираат на своите пријатели за помош и поддршка, а за возврат да бидат тука за нив. Овие рани искуства на пријателство им помагаат на децата да развијат позитивни односи во иднина, како во нивниот личен така и во професионалниот живот понатаму.

Како родители, секако дека сакате вашето дете да има позитивни односи и да прави добри избори, но ние како родители не можеме да избереме со кого ќе се поврзе нашето дете, ама можеме да го поттикнеме да донесува добри одлуки, а воедно и да му дадеме алатки за справување со тешките ситуации.

Другарчето за кое зборувате во вашата порака е некој вид алфа водач кој особено има влијание врз поосетливите деца, од друга страна, правејќи лоши работи, тоа е поинтересно. Тоа дури и се заканува и заплашува, а на крај вашето е физички нападнато. Поосетливите, повлечени и помирни деца имаат потреба да бидат и видени и слушнати и некако поради ова многу лесно им се приклучуваат на овој тип „проблематични“ деца со цел полесно да се поврзат. Другото дете не се доживува како проблем, туку како забава и некој со кого може да биде виден и  препознаен. Ова воедно е и начин како да се поврзе со другите деца и со средината.

Исто така, децата често избираат другарчиња и со слични особини, интереси за игра, активности, однесување итн.

Разговарајте со вашето дете за однесувањето на неговиот пријател и за последиците од таквото однесување. Објаснете зошто одредени однесувања не се прифатливи и може да доведат до негативни исходи. Нагласете ја важноста од правење добри избори и позитивно влијание.

Прашајте го зошто му се допаѓа ова другарче? Дали мисли дека е љубезен и добар другар? Што прават добрите другари? Дали е добро кога се удираат, како се чувствува кога го тепа, дали е тажен? Дали се плаши од него? и многу други прашања од кои можете да ја согледате ситуацијата.

Зборувајте за последиците од таквиот вид однесување. Прашајте дали би можел тој да го повика другарчето да прават нешто друго, па наведете примери што можат да прават заедно. За другите деца, што прават тие, кој му се допаѓа, со кого би сакал да си игра, како би можел да се заштити и одбрани?

Посоветувајте го и дајте му кратки и многу јасни упатства за тоа што може да прави кога некој лошо се однесува со него… да вика гласно „не“, „бегај, пушти ме“, да оди кај воспитувачките“.

Од друга страна, кога прави нешто добро, пофалувајте го, охрабрувајте го позитивното однесување.

Очигледно, како и што рековте, ова е проблем и за другите деца, но секако и голем проблем за детенцето што ги предизвикува овие случувања. Би било добро да поразговарате со воспитувачите и со другите стручни лица во градинката за заедно да пронајдете решение на кој начин да се пренасочи агресијата во однесување кое нема да биде опасно за него и за другите деца.

Вашето дете е сè уште мало и учи за светот околу него. Како родител, важно е да го водите и да му помогнете да направи добар избор. Со набљудување, зборување и преземање акција кога е потребно, ќе му помогнете на вашето дете да се движи во предизвикувачки ситуации и да развива позитивни односи.

Доколку имате потреба од разговор и дополнителна помош за развојот на вашето дете, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X