Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има 12 години и е многу затворена личност. Не излегува со другарчиња, само седи на компјутер и на мобилен. Си игра со неговата 3-годишна сестра, понекогаш и мора да ја чува додека сме на работа. Се случува да почне да плаче од ништо, а потоа вели дека му е досадно и затоа плачел. Правам сѐ за да му помогнам, да му го одвлечам вниманието да не мисли на работи што го тераат да плаче. Контактира со неколку другари по телефон и толку. Ве молам помогнете ми со некаков совет.

ОДГОВОР: Вашето синче е позатворено и повеќе фокусирано на себе. Ако сме позатворени, тоа значи дека не ни е толку удобно во социјалните интеракции и тоа е сосема во ред, и нормално е дека не сме сите исти.
На децата што се повеќе фокусирани на себе честопати им е потребно повеќе простор и понекогаш кога сакаат да кажат што ги мачи, не ги знаат вистинските зборови за тоа. Ситуациите што ги опишувате, кога тој се повлекува или плаче, и за здодевноста за која се жали, може да бидат фрустрирачки за него, а секако и за вас. Како родители мислите дека треба да имате решение за сѐ и сакате да го направите своето дете среќно, но досадата е добра за да најде начин самото да излезе од неа и да се вклучи во продуктивни активности.

Веројатно му нудите различни идеи (кои целосно се отфрлаат). Доста често овие идеи се свртени кон она што тој сам треба да го стори, а не кон повикување на заедничка работа или активност. Играњето со сестричката е интеракција во домот и со некој што е дел од семејството и познато му е, а веројатно му се доволни контактите со другарите со кои контактира. Би можеле да го охрабрите и поттикнете да остварува контакти со нив повикувајќи ги другарите дома и во некои други заеднички активности. Исто така, би било добро да го вклучите во заеднички активности дома заедно и со вас, во овие активности се делат многу интеракции и комуникацијата се одвива слободно, каде што можете многу да научите за вашето дете, како се чувствува, што го мачи, како размислува за одредени ситуации, за неговите интереси и страсти и како може да работите со него за да најдете начини да ги следи тие интереси. Добро е ако има интерес да се вклучи во некој клуб, во некоја секција итн. Планирајте редовни семејни активности: друштвени игри, спортови на отворено, заедничко готвење или одење и пешачење. Поддржете го во учење нови вештини или хобија. Совладувањето на нови способности ќе биде можност за зголемување на неговата самодоверба.

Доста често децата за да имаат повеќе време на мобилен и компјутер, како оправдување ја посочуваат здодевноста.
Детскиот мозок е флексибилен, многу се обликува како одговор на стимулите што ги прима. Затоа е важно децата да имаат голем број различни стимули, а не само оние што се на екранот. Тоа е особено важно за физичко движење, затоа би требало повеќе време да се поминува надвор.
Односот родител-дете треба да се заснова на доверба. Ова важи и кога се поставуваат правила за користење мобилни телефони и компјутер. Направете договор со вашето дете за тоа колку време ќе поминува на мобилниот телефон. Можете да започнете со тоа што ќе го прашате дали има идеја колку, а потоа кажете му која е вашата идеја и договорете се за решение.

Срамежливоста и несигурноста се природен дел од развојот на детето, особено во овие години на почетокот на пубертетот. За време на пубертетот, момчињата претрпуваат значителни физички, хормонални и емоционални промени. Тука е притисок од врсниците и желбата да се вклопат и да бидат прифатени. Сите овие промени честопати можат да влијаат врз нивното однесување и емоции, вклучувајќи го и начинот на кој тие комуницираат со женските врсници. Разговарајте за промените и за чувствата, од друга страна, покажете разбирање и охрабрувајте го да се изразува и потврдувајте ја неговата личност. Не можеме секогаш да го контролираме секој аспект од однесувањето на нашите деца. Родителството е патување исполнето со предизвици, а најмногу што им е потребно на децата е љубовта што им ја даваме.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X