Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син кој има 11 години и во последно време на училиште измислува лаги ако има некој проблем со другарите, а дома е поинаков, помирен е. Забележавме дека е влезен во пубертет, неколку пати сум го фатила како мастурбира, а често на училиште бил отсутен. Дали е во прашање пубертет и како да му помогнам?

ОДГОВОР: На оваа возраст децата минуваат низ една важна развојна фаза, телото се менува, а хормоните се одговорни за промените во расположението и интензивните емоции. Однесувањето е често променливо. Има моменти кога се чувствувате како да имате работа со лут тинејџер и моменти кога ќе видите дека вашето дете повторно сака прегратка. Во оваа фаза од развојот неговиот интерес почнува да се менува надвор од семејството и фазата е наречена години на средна возраст, помеѓу детството и адолесценцијата, во која се чувствуваат како возрасни и бараат поголема автономија.

Тинејџерите имаат тенденција да ги поместуваат границите како природна последица на барањето независност, а лажењето е дел од оваа развојна фаза.
Можеби вашето дете чувствува потреба да биде прифатено и да ви пренесе позитивна слика за себе или да избегне некоја неволја. И покрај тоа што често изгледа дека не се грижат за ништо, во реалноста на децата им тежи фактот да го разочараат родителот или ако чувствуваат дека прават нешто што не одговара на неговите очекувања.

Како родител, треба да бидете во можност да му го дадете вистинскиот степен на автономија на детето, што ќе му овозможува да експериментира и да расте без да има некои поголеми ризици, а сепак да се чувствува сигурно и прифатено.
Покажете дека сте тука за него без секогаш да започнувате разговор или да „притискате“ за блискост.

Охрабрете го да зборува за својот ден или за своите чувства поставувајќи прашања кои бараат подолги одговори. Наместо: Како ти помина денот?, обидете се да прашате: Што беше нешто смешно или интересно што се случи денес? или Што е нешто што те налути или насмеа?

Би било добро да понудите поддршка и разбирање во моменти на лутина и силен стрес кои ќе бидат поприсутни, знаејќи дека неговите силни реакции се дел од неговиот пат на растот. Почнете да му давате мали одговорности или мали задачи со кои ќе се чувствува како возрасен, а на тој начин ќе градите меѓусебно почитување.

Од друга страна, повторното откривање на физичкото задоволство и сексуалноста се апсолутно нормални. Но доколку мислите или забележите дека мастурбацијата станува компулсивна, многу честа и можеби надвор од контрола, може да се случи да се користи за ублажување на анксиозност или други емоции.

Со искрен интерес кон него и неговата личност ќе создавате средина каде што тој се чувствува ценет и поддржан, поттикнувајќи поблиска и трајна врска со вас, а со тоа и послободно движење во тинејџерските години.

Доколку ви е потребна дополнителна помош, потребно е да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.



912

X