Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!
ПРАШАЊЕ: Син ми има 1 година и 9 месеци. Беше мирно дете со кое секогаш со компромис ги решававме проблемите и ситуациите, но се смени. Пред еден месец, две недели по ред го чуваа роднини (кај нив дома), а инаку го чуваат баба и дедо, дома кај нас. Оттогаш се смени. Не велам дека е од таа ситуација, но сметам дека придонесе за ваквото однесување со тантруми.
Сега никако да фатам чекор со него, некаде се разидуваме. Дел од работите што сака да ги прави се во ред, но нели не може по цел ден со истото. На пример, сака да игра со ринглата на шпоретот, а таа е топла, или сака да го меша јадењето додека се готви, па ми е страв дека може да се изгори. Има желба да игра во тоалет, не сака да го пресоблекувам, сака да седи на мијалникот и да игра со садовите и со вода итн. Откако ќе му објаснам, тој е упорен и плаче, се треска, вреска… Ако дојде некој на гости и сака да игра со неговите играчки, тој плаче и вреска.
Која е границата на дозволеното, каде да се сопре, што да се допушти, а што не… Овие прашања ми се постојано в глава, а никако да најдам одговор иако барам, читам… Како да реагирам на тантрумите, што да се прави, а и зошто се случуваат, како да се допре до него барем да ги намалиме?
Она што исто така сакам да го напоменам е дека детето сака да игра, но постојано бара некој од нас, јас или маж ми да сме со него.
Прашува: читателка
Ивана Маринчек, психолог
ОДГОВОР: Децата на рана возраст сакаат рутини и предвидливост и понекогаш дури и најмалата промена знае да предизвика вознемиреност и стравови од одделување. Од вашето прашање, за жал, не добив јасна слика дали тие две недели во текот на кои вашето дете беше кај роднини тоа беше постојано таму (по 24 часа на ден) или само во периодот додека сте вие на работа. Ова е важно бидејќи степенот на промена и одделеност во двете ситуации не е ист. Доколку забележите дека кај вашето дете се појавуваат стравови или зголемена вознемиреност кога тоа се одделува од вас и вашиот сопруг, важно е да реагирате, да го смирите уважувајќи ја неговата вознемиреност и да му објасните дека со сигурност ќе се вратите. Некои деца на таа возраст во такви ситуации сакаат со себе да задржат некоја ситница што им припаѓа на родителите и да ја чуваат додека родителите не се вратат.
Пишувате дека вашиот син сака да прави работи кои не секогаш се дозволени или во согласност со она што вие како родители му го налагате. Размислете што е тоа што тој го добива со таквото однесување? Можеби ве провоцира и на овој начин се обидува да го привлече вашето внимание и да искомуницира некоја своја потреба или тешкотија со вас?
Тантрумите се честа појава на таа возраст и се најчесто резултат на некоја незадоволена емотивна потреба. Децата на таа возраст не можат да се носат со фрустрацијата на неадресираната емотивна потреба (потреба за внимание, сигурност, заштита, утеха или сл.), нивната реакција се појавува во форма на ненадејна бура од емоции која во себе носи лутина, разочараност, чувство на губиток и силна фрустрација. Кај децата постари од 3 години можно е тантрумот да се појави како обид за манипулација, но ова е ретко кај помалите деца, кај кои тантрумот е најчесто знак на длабока фрустрација.
Во ситуациите кога вашето дете има тантрум, важно е да останете смирени, да ја уважите неговата вознемиреност. Не обидувајте да го разубедувате бидејќи во тој момент тоа веројатно нема да има ефект, а наместо тоа, обидете се да препознаете што го вознемирува, да ја уважите неговата вознемиреност и да се обидете да го утешите. На овој начин не само што ја смирувате моменталната ситуација, туку преку вашата реакција му помагате да научи како да се саморегулира себеси. Доколку и покрај сите напори ситуацијата со тантрумите не се подобри, консултирајте се со детски психолог или игровен психотерапевт.
Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224
Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.
912