Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам проблем со мојот син, кој има 7 години и е второ одделение. Кога беше прваче, имаа само за препишување и не обрнав многу внимание. Но сега има проблем со читањето – чита буква по буква (со исклучок на некои зборови што често ги среќава). Како да му помогнам побрзо да научи да чита? Некогаш го уценувам со зборовите: „Ако научиш, ќе добиеш подарок.“ Ве молам за совет.

ОДГОВОР: Секое дете првенствено сака да игра и да поминува време во многу други забавни работи отколку да седи и да пишува или чита, а особено ако тоа се доживува како обврска.
Можете да му помогнете на вашето дете така што ќе воспоставете јасно, фиксно време за посветување на домашните задачи и учењето, кое не треба да е веднаш по враќањето од училиште.

Дајте му на вашето дете време да се релаксира и малку да се забавува, оставете го да јаде, да се одмори, да закрепне од стресот на училиште, а потоа да се одреди време во кое ќе се завршуваат училишните обврски. Можете да договорите заеднички правила кога ќе се напише домашната, да се чита 15 минути и да се вежба, а потоа може пак да игра.
Секојдневната рутина е многу важна за децата, тие се чувствуваат подобро, посигурно, со поголема доверба во себе.

Честа грешка е подмитувањето или наградувањето. Тоа нема да го мотивира долго, туку само ќе го натера вашето дете постојано да очекува подароци, дури и за најбаналните активности. Наградите за кои зборувате треба да бидат во вид на парче колач или омилено чоколадо откако ќе заврши со сите обврски.

Вреди да се обидете да го научите вашето дете на одговорност и да се навикне на обврските, вклучувајќи ги и училишните. Тој мора да чувствува дека негова одговорност не е само да ја исчисти својата соба или да ги среди своите работи за училиште, туку и да ги заврши домашната задача и читањето.

Можеби на почетокот нема да е лесно, но започнете со мали чекори. И секако, останете доследни на договореното.

Доколку ви е потребна дополнителна помош за тоа како да постапувате, како и за развојот на вашето дете, можете да закажете родителско советување и психоедукација на sovetuvanje@gmail.com

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X