Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Мојот син има три години и можам слободно да кажам дека отсекогаш бил емотивец, без некој одбранбен механизам од другите деца. Наскоро треба да тргне во градинка. Од неодамна почна да има изливи на бес буквално за ситници (работи што не му се дозволени/ заслужени во одреден период). Грлото му зарипнува од плачење и што и да направам, нема без успех. Дури и кога други деца во близина се караат/викаат, тој се плаши и плаче. Истото се случува и кога помалото братче плаче – тогаш не знам кого да смирувам попрво. Блиските ми велат дека во градинка ќе се опушти, ќе се научи, ама не сум сигурна. Како да ги поминеме тие изливи на бес и како полесно да се адаптира во градинка без да се „извади од памет“ од вревата што ја прават децата таму?

ОДГОВОР: Ќе го споменам периодот на негативизам, период на истакнат егоцентризам, потреба за автентичност и независност. Во овој период детето ги оцртува границите помеѓу себе и другите, тестирајќи ги, удирајќи ги и барајќи го од светот она што му е потребно, а туркајќи го и притискајќи го светот, тогаш кога не му го обезбедува потребното. Колку повеќе нешто е непрепознаено и непризнато од најблиските, толку понагласено ќе се појавува, како некое постојано повторување.

Од друга страна, односот на зависност/независност што го градиме со децата е исклучително значаен, поточно односот во кој ги пуштаме да пораснат спротивставувајќи ни се, со можноста да се изгребаат, да се расплачат, да се налутат, но и да се изборат за она во што веруваат и што им е потребно. Секое однесување на децата, затоа што не е под силна самоконтрола, е водено од некоја потреба и доколку таа потреба не е видена и препознаена, однесувањето се интензивира сѐ додека не се открие што му е потребно на детето. Значи прашањата се: Со ваквото однесување, што сака да ми каже моето дете? Што посакува да разберам? Што му е потребно?

Можеби сака да каже „можам сам“, може сака да каже „сакам да веруваш дека можам сам“, може сака да каже дека не е толку слаб.
Доколку го земам вашето прашање во целина, она што го читам е дали моето дете е спремно да се вклучи во светот кој можеби е немилосрден и грб, и дали ќе успее во тоа? Значи, има еден исклучителен сомнеж во она што светот може да му го направи на вашето момче, од една страна, и (не)способноста самиот да се снајде, од друга страна. Градинката, или вклучување во поголема група на многу блиски луѓе му нуди можност многу појасно да ги испита границите на светот, дозволеното и недозволеното, и да му обезбеди посоодветна адаптација на покомплексниот свет.

Кај вас како да постои и желба да биде самостоен, но и сомнеж дека светот ќе биде немилосрден и ќе го повреди. Потребно ќе биде во некој момент, се надевам брзо, да го пуштите детето од себе, во надеж дека никогаш нема да можете целосно да го заштитите, но да верувате дека светот нема да го казни, туку ќе го научи на многу корисни работи, нешто што вие не можете да го научите затоа што сте премногу инволвирани во неговиот живот.
Пишувате за едно сензитивно дете, кое многу силно и прекумерно реагира на најнормалните дразби од средината. Тоа може да се должи токму на вашиот заштитнички однос досега и она што многу родители погрешно го прават, а тоа е многу интензивно да ја креираат околината по нивна претпоставка што му е потребно на нивното дете, наместо да се обидат да го вклучат во различни услови и контексти, со цел детето да развие поголема толеранција на поинтензивните дразби. Можеби само го дели вашиот сензибилитет, па вашата хиперсензитивност и недоверчивост стануваат негови затоа што сѐ уште го дели она што ви се случува вам. Ова се само претпоставки, оставам самите да ги проверите.
Затоа сметам дека треба нежно, со трпение и со доверба да му ја градите толеранцијата на ново и непознато, на неочекувано и поинтензивно, започнувајќи од најмалку непознатото, и со постојани, но присутни чекори. Вие како родител сте му најголемата поддршка во растењето, тогаш кога зрачите одредена сигурност дека сѐ ќе биде во ред, знаејќи и помирувајќи се со фактот дека никогаш нема да ги имаме најбезбедните и најсигурните услови за да им ги понудиме на нашите деца, но силно верувајќи во нивните капацитети, како и во убавината на животот.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X