Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Син ми има 7 години. Од најмала возраст спиеше со нас, но од пред речиси една година почна да спие сам. Меѓутоа, процесот не беше лесен и еве до ден-денес нема преспиено ноќ без да се разбуди и да нè побара нас. Има периоди кога се буди и почнува да вика и да плаче на цел глас, па тешко се враќа во својот кревет. Ние сме веќе премногу исцрпени, ненаспани и без трпение. Тој е многу плашлив по природа и ако види нешто во школо, тоа се рефлектира во сонот. Инаку, спие во соба со својот помал брат, па ако тој не е во собата, не сака ни да легне. Пробуваме да зборуваме со него за стравот, зборуваме дека е безбедно дома, дека ние секогаш сме тука, дека работите што ги сонува се нереални и не може да го повредат и др. Пробавме и да има некоја играчка или мече што ќе може да го гушне кога ќе се разбуди, меѓутоа, не помага многу.
Ме интересира дали е правилно да се остави детето да се избори со стравот (иако помина толку време) или да побараме стручна помош?

ОДГОВОР: Тешко се искоренуваат некои навики на комфор и сигурност. Вие шест години сте ја поддржувале неговата навика, давајќи му до знаење дека е во ред да спие со вас и дека вие сте тука за него во секое време. Тоа значи дека немал простор навремено да се омеѓи и осамостои од вас, поточно премногу се потпира на вас да му се најдете, да го заштитите и да го смирите… Нема развиено начини како да е ок со тоа што е сам, заштитен од себе и способен да се смири кога е вознемирен. Стравовите на таа возраст се поттикнати дополнително од меѓузависноста што сè уште ја чувствува со вас, не знае дека може сам, мисли дека единствено со вас може да надмине некакви ситуации.

Велите дека стравот трае подолго, верувајте, потребни се многу трпение и разбирање за полека да се чувствува способен да го менаџира стравот. Понекогаш објектот на страв е само поместена проекција, затоа што првичниот извор на страв, разделбата од вас и загубата, со растењето и откажувањето од некои поинфантилни облици на однесување, може да претставува вистински хорор со кој се бори, а ни тој ни вие не сте свесни или пак гледате на тој страв како на една нормална реакција на нужна разделба и растење.

Она што треба да се поттикнува кај него е неговата моќ/способност да ги прави работите сам, или кога прави одредени работи соодветни на возраста и неговото осамостојување, тие треба да се нагласуваат, наградуваат и уважуваат. Поточно, треба да фрлите малку светлина на што е она што го прави адекватно на возраста, а не да го нагласувате, дури и имплицитно, она што е несоодветно, придонесувајќи така за негова поголема инфантилизација и неможност да промени некои однесувања. Кога родителот гледа во слабоста на детето и постојано ја комуницира, детето одговара на таа проекција со тоа што се однесува на очекуваниот начин. Потребно е да му комуницирате други значења за него, и тоа треба да биде континуирано за да може и самиот да почне да им верува и да ги живее. Најлошо би било доколку би го споредувале со помалиот брат, кој е емоционално постабилен и понезависен, тоа може само да му ја разниша самодовербата. Треба да го направите комплетно спротивното и да најдете однесување во кое тој е поголемиот брат и соодветно реагира на возраста, однесување во кој тој го штити помалиот брат, се грижи за него и го учи…

Во случај на комуникација со детето за неговиот страв, ви ги предлагам следниве пристапи:

Нормализирање на стравот – стравот е чувство кое секој од нас го чувствува, стравот не е ексклузивитет само на децата. Добро е родителите со децата да зборуваат за стравот и за слабостите. Родителите можат да зборуваат за своите стравови како деца, а можат да зборуваат и за стравот како секојдневен аспект на живеењето на возрасниот.

Демистификација на стравот – ако стравот е голем, нејасен и не зборува за него, честопати го мистифицираме и го правиме уште поголем од тоа што реално е. Родителите придонесуваат за намалување на стравот и со тоа што се интересираат што конкретно детето го плаши, кој е најстрашниот момент, а што е она што не е толку страшно. Исто така, разговор со детето за ирационалноста на стравовите…на пр: Мојата ќерка се плаши од вештерка.

Спријателување/хуманизација на стравот – цртање на стравот, давање лик, карактер, начин на однесување, од што стравот се плаши/од што чудовиштето се плаши? Од што темнината се плаши? Како да му помогнеме на стравот да не се плаши толку? Само исплашено чудовиште ги плаши другите…Стравот креира страв кај другите…Како може да му помогнеме на чудовиштето и да се спријателиме со него… Како ти го плашиш стравот?

Мобилизација во однос на справување со стравот – на каков начин ти би можел да го намалиш стравот? Споделување можни начини како интервенции што детето може да ги направи?
Преносни објекти и ритуали на сигурност – како би се заштитил од влијанието на она што го плаши? Подготовка на симбол, амајлија, предмет што има функција на заштита, запалено светло, отворена врата….Разговор со детето како би се чувствувало сигурно, а да не биде тоа само бегање во постелата на родителите…

И на крај, како родители не треба да ги патологизираме ваквите емоционални реакции, туку да понудиме модели на емоционално регулирање и справување, кои детето ќе знае да ги разбере и примени… Воедно, потребно е да понудиме доволно време да се промени едно неефективно однесување, знаејќи дека долги години се создавало и поддржувало…
Секако, се пристапува кон стручна помош за себе и за детето тогаш кога родителите немаат идеи и сила да се справат со целата ситуација. Во ред е да не се знае секогаш како да се реагира, но искрено се надевам дека овие предлози ќе ви дадат некои насоки според кои ќе го смените гледањето и разговорот со своето дете.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com / radmila.zivanovic@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X