Од мајката се очекува да ја балансира работата, да го организира семејството и домот, да биде постојано присутна како родител и да биде сопруга полна со љубов, а покрај тоа да биде мирна и организирана затоа што нашла и малку време за себе. Би рекле дека сето тоа може да се постигне со некаква помош, но многу мајки мислат дека со барањето помош ја покажуваат својата слабост и неспособност. Тука сме да го докажеме спротивното, дека барањето помош всушност е показател за вашата сила.

Зборот „не“ го изговараме целосно автоматски. Како што автоматски им кажуваме „не“ на децата кога ќе ни побараат чоколадо пред вечера, малку повеќе време на компјутер или нова играчка во продавница, така одговараме и на прашањето: „Дали ти треба помош?“

Одбиваме помош за носење на торбите, за помош со гости („не, можам сама да ги подготвам сите 300 колачи“), за пресоблекување на децата („не, не, не грижи се, ќе го направам тоа за кратко“ ) и така натаму. Толку сме неподготвени да ја прифатиме понудената помош, што не ни сфаќаме колку сме преоптоварени со работа и колку ни е потребна помошта.

Програмирани сме да веруваме дека можеме да постигнеме сè, дека сме силни и дека никој не ни треба.

Со други зборови, ние сме програмирани да не успееме.
Запомнете, силна жена е онаа што ги знае своите граници. Онаа што нема да се преоптоварува до исцрпеност. Онаа што знае дека нема срам во барањето помош или прифаќањето помош. Напротив, прифаќањето покажува одговорност кон себе. Одбивањето во секој случај не носи никаква награда, не ја олеснува работата, па дури и придонесува за зголемен стрес, нервоза и исцрпеност, што не е добро за здравјето.

Научете се себеси и децата дека секој има граници

Воспитувањето деца не е лесно, особено кога знаеме дека не е доволно само да им кажуваме на децата што да прават и како да се однесуваат. Токму затоа сме подготвени секогаш да правиме сè сами, бидејќи нашите мајки така правеле, нашите баби така правеле и ние не знаеме друг начин. Но, нашите постапки зборуваат погласно од нашите зборови. Ако продолжите по овој пат, вашето дете ќе го добие истото очајно чувство дека мора да направи сè самостојно. И најверојатно ќе мисли дека неговата потреба да побара помош подразбира дека не е доволно добро. На крајот на краиштата, мајката може сè и прави сè.

Што би се случило доколку прифатите нечија помош? За чудо, светот ќе продолжи да се врти. Сè уште ќе дишите. И полесно би ви било. Хм, воопшто не звучи лошо.

Најдобро од сè, вашите деца исто така ќе видат дека мајка им знае како да побара помош и да ја прифати. Тие би разбрале дека еден човек може да прави работи до одредена граница. И тоа е важна лекција.

Како се чувствувате кога сакате да помогнете некому, а некој секогаш ве одбива? Тргнете се од патот и дозволете му на семејството да ви помогне.

Познавањето на личните граници е важна лекција за децата. Тешко е да се живее со цел свет на ваш грб. Така што, дозволено е да се признае кога задачата е едноставно преголема за нас.

Извор



912

X