Седиштата за деца за во автомобил постојат со причина. Тие значително ја намалуваат можноста од повреди кај децата во сообраќајот, но важно е да не се прават следните грешки…
За да стигнете сите здрави и живи на целта, обидете се да ги избегнувате овие грешки што родителите често ги прават несвесно:

Грешка бр. 1 – Моето дете веќе оди на училиште и не му треба седиште за деца

Да, навистина изгледаат многу големи. Но, дали навистина се големи? Децата според закон мора да се возат во седиште за деца. Исто така, законот вели дека сите деца пониски од 150 см мора да се возат на задното седиште, па дури и да имаат повеќе од 12 години, што некогаш било граница за можност за седење на совозачкото место. Денес тоа не е дозволено затоа што критериум за таквото преместување е висината од 150 см, а не годините. Децата пониски од 135 см мора да бидат врзани на задните седишта, додека исклучок се возилата без задни седишта, при што седиштето за деца во тој случај се поставува на предното седиште.

Грешка бр. 2 – Моето бебе не сака да се вози во насока спротивна од насоката на движење

Иако тоа не е практично за комуникација помеѓу родителот и бебето во возењето, бебето ќе биде најсигурно ако го возите свртено спротивно на насоката на движење. На тој начин главата на бебето е најзаштитена при нагло движење што се случува при судир – главчето се забива во потпирачот на седиштето кој го запира. Дури и при најблаги судири таквото движење на главата може да доведе до тешки повреди или дури и смрт на детето, доколку седиштето е поставено во насоката на возењето. Стручните лица советуваат што подолго децата да се возат во насока спротивна од насоката на движење на возилото затоа што тоа значително го намалува ризикот од повреди при судир.

Грешка бр. 3 – Ќе земеме само „бустер“ седиште или можеби некоја подебела перница

Кога децата ќе тежат 18 килограми, тоа станува причина за преместување на „бустер“ седиштето (повишување). „Бустерите“ инаку можат да се користат и малку порано, веќе од 15 килограми. Меѓутоа, таквите седишта не се сигурни како класичните, кои имаат заштита за главата и за грбот и имаат жлебови за сигурносен појас. Кај „бустерите“ сигурносниот појасот често доаѓа преблиску до вратот, па може да нанесе расеченица при судир. Ако децата заспијат на такво седиште, телото и главата им паѓаат настрана, телото често се лизга од горниот сигурносен појас и заштитата веќе не е соодветна. Ако купувате „бустер“, гледајте модели со рачки од страните кои ќе го фиксираат појасот и ќе спречат негово придвижување нагоре при судир.

Грешка бр. 4 – Сигурносниот појас ќе му го ставам под раката и нема да го сече кај вратот

Веројатно на детето тоа ќе му биде поудобна варијанта, но во таква положба при судир телото лесно се придвижува нанапред бидејќи појасот ќе се лизне надолу. Можни се повреди на ’рбетниот столб и на колената поради удар во горниот дел на телото.
Најдобро е да погледнете зошто појасот го сече вратот. Веројатно затоа што детето не е доволно високо за такво седење какво што сте му наместиле или не сте го спровеле правилно појасот низ седиштето. Во седиштето што е приспособено на возраста и тежината на детето појасот би требало да поминува преку градите и да не му смета на детето додека седи. Ако тоа не е случај, мора да поправите нешто во врска со положбата или со врзувањето на седиштето или едноставно да купите ново седиште.

Грешка бр. 5 – На долги дестинации малку му го разлабавуваме појасот

Не треба да го правите тоа. Појасот секогаш мора да биде затегнат бидејќи во спротивен случај нема заштитен ефект. Освен тоа, постои опасност детето да се извлече од појасот. Колку цврсто? Под појасот мора да можете да ставите прст и тогаш појасот е доволно цврст, но не прецврст.
Соблечете му ја јакната! Можеби веќе сте чуле за овој совет, но стручните лица советуваат да му ја соблечете јакната на детето, особено ако е дебела зимска јакна бидејќи појасот не може да се затегне доволно цврсто преку јакната.

Грешка бр. 6 – Ќе го позајмиме старото седиште од соседите. Добро е сочувано.

По правило добро е секогаш да имате ново седиште за децата затоа што старите седишта можеби веќе биле дел од судир, а и со текот на времето материјалот се оштетува (посебно кај пластиката) и веќе не ја гарантира истата цврстина и заштита. Не се советува да се користат седишта што се постари од 6 години, а седиштата постари од 10 години најдобро е воопшто да не се користат бидејќи освен што се стари и кршливи, веќе не одговараат на сигурносните стандарди што денес се бараат од седиштата за деца.

Грешка бр. 7 – Кратка е дестинацијата, па може детето да го подржам в раце

Веројатно тоа го направиле сите луѓе. Но, трудете се да го избегнувате тоа затоа што на тој начин детето не може адекватно да се обезбеди дури и ако вам ви се чини дека сте ги презеле сите мерки.
* Проблем 1 – Ако се врзете себеси и детето со сигурносниот појас, при судир вашата тежина ќе го притисне детето и можете да го повредите.
* Проблем 2 – Ако се врзете само себеси, а детето цврсто го држите в раце, речиси е невозможно да го задржите дури и при судир од 40 км/ч. При таа брзина притисокот што го врши тежината на детето енормно расте.
Немојте сами да ги возите децата на таков начин и кажете им дека не смеат да се возат во автомобил кој нема прописно седиште за деца (па дури ни со бабите). Кажете им дека е сосема во ред да се одбива да се вози во такви услови и дека секогаш може слободно да ве побараат да дојдете по нив.

Грешка бр. 8 – Автомобилот ни е пренатрупан кога одиме на одмор

Се разбира дека е чиста уметност да не се пренатрупува автомобилот кога се оди на излет или на патување, но опасноста не демне само од другите автомобили во сообраќајот, туку и од работите во преполниот автомобил кои при судир стануваат опасни, смртоносни предмети.
Според тоа, обидете се со следното:
* најтешките работи прво спакувајте ги во багажникот и тргнете ги од задното седиште. Полесните предмети одат горе.
* избегнувајте да ставате што било на полицата под задниот прозорец, туку подобро завиткајте ги во вреќа и ставете ги во просторот под нозете. Користете гуртни и мрежи и прицврстете што повеќе работи.
* не оставајте дупки помеѓу предметите, туку пополнете ги со ранци, облека, перници.
* не користете стаклени шишиња затоа што при судир шишето може да се скрши на парчиња и стаклото да ве повреди. Празното стаклено шише при судир од 50 км/ч има тежина на вреќа компири.



912

X