– Многу трауми се пренесуваат од генерација на генерација, важно е да се запомни дека нашите родители биле многу подобри од нивните родители – вели американскиот психолог Линдзи Гибсон, авторка на книгата „Возрасни деца на емоционално незрели родители“.

Главна карактеристика на емоционално незрелите родители е егоцентричноста – сè се врти околу нив, како и недостигот на емпатија – не можат да се стават на нечие место. Тие не размислуваат за тоа што прават и како тоа може да влијае врз другите и генерално тоа нема да го доведат во прашање, дури и ако има проблем во односот. Сето ова може да доведе до тоа детето, не само во детството, туку и во зрелоста, да негува чувства на гнев, осаменост, предавство и напуштање.

Понекогаш децата го преземаат товарот на одговорноста на возрасните за да се обидат да ја придобијат љубовта на своите родители.

Гибсон ги класифицирала емоционално незрелите родители во четири групи: емоционални, мотивирани, пасивни и студени – иако тие имаат некои заеднички карактеристики. Се разбира, некои луѓе имаат карактеристики на повеќе од еден тип.

Без разлика за каков тип станува збор, доколку родителот не е тука за детето на вистински начин, тоа расте со убедување дека нешто не е во ред со него и го поминува целиот свој живот во потрага по начини да го поправи тоа, за родителот да го прифати и сака, вели психологот Шаљиќ Миленковиќ.

Мотивираните родители се насочени кон целта и се зафатени. Сакајќи да ги усовршат сите околу себе, вклучувајќи го и детето, тие повеќе го контролираат и му се мешаат во животот наместо да ги слушаат неговите вистински потреби.

Емоционалниот родител не е емотивен, грижлив родител, туку е непредвидлив и нестабилен и, како таков, недостапен е за детето. Овој вид родител е воден од сопствените чувства и осцилира помеѓу прекумерната вклученост и наглото повлекување, лесно се вознемирува и често се претставува како жртва. Оние растени на Балканот ќе ги препознаат сопствените мајки во овој опис.

Пасивниот родител се повлекува и размислува на начин: „Не сакам да интервенирам“, вртејќи ја главата на другата страна, пред доминантниот партнер. Иако може да биде топол и забавен додека е во парк, со лежерен пристап, во тешки моменти не е тука за детето и тоа е оставено само да се грижи за себе.

Студени родители се оние за кои некогаш се прашувате зошто воопшто имаат семејство. Немаат толеранција за потребите на другите, ниту увид дека другите имаат некакви потреби, па затоа и тие се отсутни за детето. Во патријархалните семејства најчесто ваков тип на родители се строгите, далечни татковци и тие обично го имаат главниот збор во домот.

Сите овие типови ја префрлаат одговорноста и ја префрлаат вината на другите.

Таквите луѓе не ги интересира како им е на другите, тие го гледаат она што е на површината и реагираат на тоа, како на пример мајка која ќе го гушне своето дете ако плаче, но ако не плаче, ќе мисли дека е сосема добро.

– Бидејќи не размислуваат за внатрешниот, психолошкиот свет, ќе мислат дека се добри родители зашто ги обезбедуваат сите физички потреби на детето како храна, куќа, образование. Но, знаете, психолошкиот развој на детето многу зависи од квалитетот на таа врска – вели Гибсон.

Емоционално незрелите родители не се подготвени за емоционална блискост, што подразбира слобода да ги споделите вашите најдлабоки чувства со некого, што ве зближува еден со друг и ја зајакнува вашата врска.

– Ако родителот многу се вознемири кога на детето му треба утеха, детето ќе се повлече кога на родителот му е најпотребно и ќе мисли дека неговите потреби се лоши – вели психологот.

Многумина не мислат дека имаат некаков необјаснет однос со родителите, па така односите ги сметаат за „нормални“, а помош бараат затоа што имаат симптоми како депресија, анксиозност и напади на паника или затоа што западнале во комплицирани емотивни врски.

По две или три сесии, „вратата се отвора“ кон односот со родителите, вели Гибсон.

Во односот со родителите луѓето од Балканот најчесто се жалат дека немаат дозвола да се разделат од родителите, и во просторна и уште почесто во психолошка смисла, оценува психологот Бранкица Шаљиќ Миленковиќ.

„Го сакам моето дете, го носам и на тенис и на балет“

Највпечатлив е мотивираниот родител кој се вклопува во таканареченото хеликоптер-родителство, кое зеде замав во модерното време.

– Родителите кои го применуваат овој родителски тип прават многу за детето и стигнуваат на сите страни, додека потребите на детето остануваат невидливи. Овие родители се ориентирани кон целта и исто така не обрнуваат внимание на тоа кои се вистинските потреби на тоа дете, туку фокусирани се на своите – опишува психологот.

Ваквото родителство може да изгледа многу посветено однадвор затоа што родителот му дава време, пари, труд и внимание на детето, а во суштина ги исполнува своите амбиции. Но, во тие случаи детето добива порака дека ако нема медал, ако нема достигнувања, нема да има ниту признание, ниту љубов, ниту емпатија, ниту прегратка.

Се случува детето секој ден да има различни активности, кои од една страна се добри за развојот на детето, детето нема вишок слободно време, не игра видеоигри и нема лоши влијанија од општеството. Но, можеби детето нема да сака да оди на сите.

– Се има случено таткото на момче да дојде и радосно да каже дека во неделата го запишал синот на нешто – вели психологот Никица Станојковиќ.

– Го сакам моето дете, ќе го носам на тенис, балет, кошарка, фудбал, гледајте ме сите, се жртвувам, се потам, трошам бензин, а всушност си ја исполнувам сопствената амбиција.

Станојковиќ додава дека сите типови родители си ги сакаат своите деца, но честопати насочени се кон себе.

– Го знаете познатото: „Каде беше синоќа до два часот наутро? Сакаш да умрам?“ Наместо родителите да кажат дека се загрижени за децата бидејќи нешто може да им се случи, викаат по нив – вели Станојковиќ.

Како пример ги наведува честите забелешки на родителите за тоа што направиле за нас.

– Тоа се оние всадени реченици: „Сега имаш сè, а јас јадев паштета“, а тој што јадел паштета од татко му слушнал дека неговиот татко не ни имал паштета“, вели тој, споредувајќи го со пародиите во британската хумористична серија „Монти Пајтон“ каде што таткото се жали дека „живеел во кутија за чевли“.

Извор



912

X