Во изминативе години често може да се слушне дека е неопходно да се направи училиште по мерка на детето, а не детето да биде по мерка на училиштето. Се користат и други фрази, особено кога станува збор за образованието на децата со посебни потреби, а исто така и кога станува збор за инклузијата, која како да не е доволно сфатена. Многу години се обидуваме да ги едуцираме наставниците, родителите и јавноста за можностите за поддршка на децата со посебни потреби. Инклузијата и инклузивното образование не значат престој на децата со посебни потреби во „редовни“ училишта или градинка без стручна поддршка, и не се однесуваат само на образовниот контекст, туку и на општеството и животот воопшто.
Познатата реченица „училиште по мерка на детето“ во Шведска не е само фраза. Во Шведска претшколското воспитување е инклузивно во таа смисла што децата со посебни потреби и децата без посебни потреби заедно одат во градинка. Децата со посебни потреби задолжително добиваат соодветна професионална поддршка, а пред сè поддршка од дефектолози.
Во Шведска, за децата со пречки во интелектуалниот развој, како и за децата со други посебни потреби, постои посебна наставна програма наречена ЦССИД – Задолжително основно училиште за ученици со интелектуална попреченост и ЦСССД – Задолжително специјално училиште за ученици со специфичен инвалидитет.
Шведска троши 5,4 отсто од својот бруто-домашен производ на образовните институции од примарно до терцијарно образование. Правото на образование за сите деца е утврдено со шведскиот закон за образование, со кој се гарантира правото на посебна поддршка од претшколско до високо средно училиште, нагласувајќи ја одговорноста на училиштата да ги земат предвид потребите на секое дете. Според Националната агенција за образование, постојат посебни групи главно за децата кај кои е дијагностицирано нарушување од типот на аутизам или имаат сериозни нарушувања во говорот. Исто така, постојат десетина училишта за образование на деца со невропсихијатриски проблеми. Децата што не ги исполнуваат националните барања за редовно училиште поради интелектуална попреченост се примаат во посебни училишта (ЦССИД). Пред да се запише во вакво училиште, детето поминува процена од педагошки, психолошки, медицински и социјален аспект. Во овој процес е вклучен и старателот. Системот е флексибилен, така што учениците се запишани во училишта каде што можат да посетуваат поединечни часови или да бидат вклучени во редовни часови.
Специјалните училишта за обука не нудат академски предмети, туку се фокусираат на стекнување животни вештини
Децата што посетуваат ЦССИД-училиште имаат умерени до тешки интелектуални нарушувања, потешки форми на нарушување на аутистичкиот спектар или повеќе нарушувања. Училиштето не нуди академски предмети, туку има сопствена наставна програма која се фокусира на аспектите на секојдневниот живот, односно стекнување животни вештини. Експертите за специјална едукација и образование во Шведска сметаат дека е поважно детето секој ден да ги вежба вештините што ќе му бидат потребни во животот на кој било начин. Поточно, во овие училишта нема предмети како во училиштата и како во „посебните“ училишта, но постојат области како што се естетика (цртање, слушање музика, облекување, уредување и одгледување цвеќиња), комуникација (зборување, комуникација со помош на слики, знаковен јазик), моторика (пливање, прошетка, масажа, престојување во сензорна соба), самопослужување (купување, приготвување храна, местење на креветот, облекување, капење, пеглање, користење машина за миење садови) и реалност (светот околу мене, кој ден е денес, ориентација во просторот). Во училиштата за обука децата почнуваат од 6 и 7 години, а завршуваат на 20 години.
Часот трае од 40 до 60 минути, а активностите се планираат и се менуваат според потребите на децата. Не постои строга структура на часот и долго седење во училишните клупи. Овие деца имаат потреба од високо ниво на поддршка – покрај дефектолозите постојат и голем број асистенти кои се соодветно едуцирани. Има доволно стручен кадар, за секое дете има по еден наставник. Постојат и луѓе што специјализирале во областа на организирање на слободното време, бидејќи слободното време е доста важно за нив. Наставникот по музичко не одржува класична настава по овој предмет, туку спроведува терапија со музика. Секое училиште од ваков вид има и лице кое му помага на детето да се снајде во животот надвор од училиштето во однос на реализирање контакти и барање работа.
Автор: Д-р Виолета Несторов
912