Шум на срце кај децата е наод со кој педијатарот често се среќава во секојдневната практика и е најчеста причина за упатување на детето кај педијатриски кардиолог. Сознанието за шум кај нивното дете најчесто побудува непријатност и страв кај родителите. Ова произлегува од погрешното сфаќање и поистоветување на шумот на срце исклучиво со постоење на одредена срцева маана. Токму поради ова, добро е да се знаат можните причини за шум на срце кај децата и состојбите поврзани со неговата појава.

Дијапазонот на наодите е широк и се движи од здраво дете, па до постоење на различни срцеви аномалии.

Што е шум на срце и како се открива?

Шум на срце претставува звучен феномен кој се создава при движење на крвта низ нормалните или патолошки изменети срцеви структури. Местото каде што се слуша шумот, карактеристиките, јачината и типот на шумот зависат токму од тоа дали потекнува од здраво срце или е резултат на постоење на срцева маана.

Кои се причините за појава на срцеви шумови кај децата?

Невин или функционален шум на срце е шум на здраво срце. Се среќава кај околу 80 проценти од здравите деца. Се создава како резултат од вибрации на нормалните срцеви структури, при течење на крвта. Грацилната градба на градниот кош кај децата овозможува пренесување на овој звук кој ние го слушаме и дефинираме како шум.

Невиниот шум може да се јави уште во раната доенечка возраст, веднаш по затворање на феталните комуникации и може да се одржува до крајот на пубертетот, но секако спонтано се губи. Има свои особености по кои се разликува од патолошките шумови. Тој е непостојан по интензитет, а со оглед дека потекнува од здраво срце, не е поврзан со никакви тегоби и симптоми. Децата со невин шум не треба да се ограничуваат во физичката активност.

Прим. д-р Јасна Анастасовска

Пролапс на митралниот залисток е релативно честа појава. Се работи за издолжени, полабави ливчиња на митралниот залисток, што е залистокот помеѓу левата преткомора и комора. Кај децата најчесто се среќава како идиопатски, конституционален и тоа кај слаби, високи деца, со тесен граден кош. Особено е чест наод во периодот на нагло извишување. Понекогаш може да се јави срцебиење или прескокнување – аритмија, како и неспецифично „боцкање“ во градите, што не треба да се поистоветува со градната болка од коронарно потекло, кај возрасните. Доколку функцијата на залистокот е сочувана, што се прави со ехографска процена, нема тегоби и промени на електрокардиограмот, не треба да се ограничува физичката активност.
Постои и појава на пролапс и оштетување на митралниот залисток како резултат од претходни воспалителни промени на срцето ендомиокардит, што генерално се откриваат во адултната возраст и бараат редовна процена и следење.

За жал, шумот на срцето кај децата може да биде показател и на сериозни заболувања, како што се вродените срцеви аномалии, воспалителни болести на срцето, срцева слабост и др.
Во детската возраст најчеста патолошка причина за појава на срцев шум се вродените кардиопатии. Се работи за голема група аномалии со различни нарушувања на нормална анатомија на срцето, кои настануваат во текот на ембрионалниот период, кога се оформува срцето. Тежината на аномалиите се движи од многу лесни аномалии, кои не влијаат врз работата на срцето и не даваат клинички манифестации, освен постоење на шумот, па сè до сериозни и комплексни нарушувања на градбата и функцијата на срцето, кои витално го загрозуваат детето. Кај потешките срцеви маани, зависно од видот на аномалијата, освен шум на срце, постојат и други знаци и симптоми, како замор, задишување, помодрување, ненапредување на детето, губиток на свест и друго.

Д-р Анастасовска и дел од тимот за детска кардиохирургија

Ехо за најсигурно утврдување на причината

За да не се направи превид и погрешна процена, се препорачува ехокардиографски преглед кај децата со шум на срце. Според процената на лекарот кој го следи детето, ултразвучниот преглед треба да се реализира веднаш или може да се почека извесно време, во зависност од карактерот на шумот и состојбата на детето. Ехо-преглед на срцето е неинвазивна и нештетна метода, која е најдобар и најсигурен начин да се утврди причината за шумот на срце кај детето.

Автор: Прим. д-р Јасна Анастасовска, специјалист педијатар, ревматокардиолог во клиничката болница „Жан Митрев“



912

X