Родителите очекуваат дека состојбата ќе се среди до 11 април годинава, до најавениот датум за штрајк во градинките и во училиштата, дека ќе биде постигнат договор, па така нема да имаат мака околу тоа каде и кому да ги остават децата на чување

Најавениот штрајк на згрижувачкиот и воспитен кадар во градинките и на наставниот кадар во училиштата ги загрижи родителите, особено оние што имаат деца во градинка и во пониските одделенија.
Очекуваат дека состојбата ќе се среди до 11 април годинава, до најавениот датум за штрајк во градинките и училиштата, дека ќе биде постигнат договор, па така нема да имаат мака околу тоа каде и кому да ги остават децата на чување.

Елена Т., мајка на дете кое оди во градинка, вели дека изминатите денови никој од воспитувачите не им дал конкретен одговор како ќе се одвива згрижувањето на децата на 11 април.

– Сите молчат. Ние, родителите, меѓу себе ќе си кажеме понекој збор, но немаме никаква конкретна информација, освен она што го слушаме од медиумите. Сите се збунети.
Сето ова би можело да предизвика дополнителни проблеми за голем број родители кои немаат кому да ги остават децата. Можеби за штрајк од еден ден ќе се снајдеме, но ако тоа продолжи, навистина ќе биде мачно и за нас како родители и за децата. Кај нив ќе има најмногу последици. Се надеваме дека до понеделник ќе се договорат двете страни – вели таа.

Надлежните од градинките, пак, денеска кусо изјавија дека сѐ уште чекаат упатства за тоа како ќе се одвива ситуацијата.

– Вчеравечер очекувавме дека ќе има резултат од преговорите меѓу СОНК и владините претставници. Денеска ќе имаме состаноци со претставници од СОНК и од општината.
Градинките не смеат да затворат, но како ќе се одвива штрајкот, не можеме да кажеме -додаваат тие.

И директорите на основните училишта велат дека сѐ уште немаат упатства за можен штрајк.

– Сѐ уште траат преговорите. Очекуваме до крајот на неделата, ако нема договор, дека ќе имаме детални насоки како ќе работиме – заклучуваат тие.

СОНК: Владата е несериозна

Од Синдикатот за образование, наука и култура велат дека Владата очигледно несериозно ја сфаќа најавата за штрајк в понеделник.
Иако пропадна и вчерашната рунда разговори меѓу СОНК и Владата во Министерството за финансии и не се договориле околу синдикалните барања за зголемување на платите, сепак, од СОНК очекуваат дека до крајот на неделата ќе има повторна средба.
СОНК бара зголемување на платите за 18,5 проценти, односно нивно усогласување со минималната плата која од овој месец се зголемува од 15.200 на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Првиот синдикалец, Јаким Неделков, е разочаран што нема никакво решение и вели дека не било мудро да се заплашуваат воспитувачите дека на нивно место ќе се донесат нови заменски ако престанат со работа.

МТСП: Децата во градинките мора да бидат згрижени

Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, пак, се надева дека до 11 април ќе дојде до договор со СОНК со цел згрижувањето на децата да може да се одвива непречено.
Според неа, правото на штрајк е легитимно, но сепак и по Закон и по Устав, децата во градинките мора да бидат згрижени.
Таа изјави дека и да нема договор, директорите на градинките мора да најдат начин да ги згрижат децата кои ќе дојдат зашто тоа е така регулирано со Законот за детска заштита.

– Се надевам дека ќе има договор до 11 април, меѓутоа, и согласно Законот за детска заштита, градинките мора да ги згрижат дечињата што се дојдени. Општината е должна, директорите на детската градинка треба да се обратат до општините, сите оние што ќе штрајкуваат да бидат заменети со кадар така што градинката мора да работи. Легитимно право е да се штрајкува, меѓутоа, и по закон и по Устав е дечињата да бидат згрижени -изјави Тренчевска.

Битиќи најавува заменски наставници

Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања, пред неколку дена во гостување на емисија на една од телевизиите ги предупреди вработените во детските градинки и просветните работници во основните и во средните училишта дека ќе добијат замена доколку штрајкуваат.

– Секој еден од нас треба одговорно да се однесува. Ако во енергетска, воена, економска криза им зададеме уште еден удар на нашите сограѓани со неработењето на центрите за детска заштита, тоа ќе значи дека токму тие што треба да работат, не ќе може да одат на работа затоа што ќе бидат со нивните деца дома, а тоа е скратување на право. Тоа дополнително ќе ги погоди нивните маки. Членот 25 од Законот за средно образование вели дека во случај на прекин на воспитно-образовната работа заради штрајк, директорот на средното училиште по претходна согласност од градоначалникот, а за државните средни училишта од министерот, е должен да го обезбеди остварувањето на воспитно-образовната работа со замена на вработените што штрајкуваат додека трае штрајкот -изјави Битиќи.



912

X