Сигурно сте ја слушнале добро познатата изрека – почитувајте се самите за и другите да ве почитуваат. Што значи да се има свое ЈАС и како да го научите детето на тоа.

Самопочитта вклучува различни верувања кои ги имаме за себе. Тоа би значело како ние го цениме сопственото однесување, како го проценуваме сопствениот изглед, како го проценуваме нашето верување за нештата, какво гледиште имаме за сопствените емоции и, на крајот на краиштата, како го карактеризираме и цениме нашето лично однесување. Самопочитта е поврзана со самодовербата и заедно играат клучна улога во поставувањето на мотивацијата на една личност.

Предлагам неколку начини кои родителите и старателите треба да ги практикуваат со своето дете за да изградат личност која ќе има уредна и здрава самопочит.

  1. Вреднувајте во вашето дете, неговите успеси, здрави мисли и идеи.
  2. Почитувајте ги неговите интереси, покажете заинтересираност за нив и учествувајте во нив отстапувајќи му на детето да ве води или да ви раскажува за она што го интересира.
  3. Пофалете го неговото добро однесување и поттикнувајте го на позитивни избори.
  4. Вклучувајте го во активности во кои ќе учи да соработува, но и да ги тестира своите способности давајќи му доволно слобода без психолошки притисок и контрола.
  5. Понудете му книги кои говорат за дискриминација и стереотипи и дискутирајте во врска со тоа, бидете добар пример и модел.
  6. Гледајте документарци кои ги обработуваат темите за глобална свесност на природата и живиот свет.
  7. Креирајте му можности на вашето дете, но и интеракција со различни групи луѓе, националности, раси, професии итн. од кои ќе научи за различностите и зошто е вредно да се почитуваат.
  8. Бидете добар и активен слушател, користете контакт лице в лице, покажете заинтересираност за она што ви го зборува и не прекинувајте го додека не заврши со она што сака да го каже.
  9. Учете и читајте му за сопствената култура, културата на семејството и неговата традиција, споделувајте настани од вашата фамилија и вклучете го во нив.
  10. Поттикнете го да поставува прашања и секогаш водете отворен дијалог со детето, давајте му слобода во донесувањето одлуки, како и раководењето со сопствените ресурси, на пример, заштеда, вклучувајте го во семејните избори и барајте да споделува идеи.


912

X