Бебињата се раѓаат со меки делови на главата. Овие меки, отворени делови на черепот се нарекуваат фонтанели. Ако немате големо искуство со новороденчиња, меките делови може да ве вознемират, но воопшто не е тешко да се грижите за нив и тие обично сами се затвораат.

Што е фонтанела?

Фонтанелата е отвор на черепот на бебето каде што коските на черепот сè уште не пораснале и не се здружиле. Фонтанелите имаат две главни должности.

1. Раѓање: фонтанелите им овозможуваат на коските на черепот да се движат за главата на бебето да ја промени формата при раѓањето. Родилниот канал е тесен, а движењето на коските ѝ помага на главата на бебето да помине.

2. Растење: главата на новороденчето е мала, но расте брзо во текот на првите две години од животот. Просторот помеѓу коските на черепот е важен за брзо проширување на мозокот и главата.

Видови

Повеќето луѓе знаат за мек дел на врвот на главата на бебето, но има повеќе од едно место. Новороденчето има шест:

– Предна фонтанела која се наоѓа на горниот дел од главата.
– Задна фонтанела која се наоѓа на задниот дел од черепот на бебето.
– Сфеноидна фонтанела – постојат две вакви фонтанели, по една на секоја страна од главата.
– Мастоидна фонтанела – постојат две мастоидни фонтанели, по една на секоја страна од главата, на задниот дел на черепот, зад ушите.

Кога се затвораат?

Коските на черепот не се затвораат целосно во текот на детството бидејќи на мозокот и на телото сè уште им е потребен простор да растат. Но, откако коските ќе пораснат до тој степен што ќе го пополнат отворениот простор и лекарите повеќе нема да можат да ги чувствуваат, фонтанелите се сметаат за затворени. Сите фонтанелни не се затвораат во исто време.

Процесот може да трае две години или подолго. Шесте фонтанели се затвораат по овој редослед:

Задна фонтанела: помеѓу 6 недели и 3 месеци;
Сфеноидна фонтанела: до 6 месеци;
Мастоидна фонтанела: помеѓу 6 и 18 месеци;
Предна фонтанела: почнува да се затвора на 6 месеци и повеќе не се чувствува помеѓу 18 месеци и 2 години.

Листата погоре е просечно време на затворање. Фонтанелата може да се затвори порано или подоцна и тоа е нормално.

Совети за грижа и нега

Грижата за фонтанелите на вашето бебе значи да научите на што да внимавате и да разберете што е нормално. Ова се некои од работите што треба да ги знаете.

– Фонтанелата на вашето бебе треба да изгледа рамно на главата. Не треба да изгледа како да е отечена или вдлабната во черепот на вашето дете.

– Кога нежно ќе поминете со прстите над горниот дел од главата на вашето дете, мекото место треба да биде меко и рамно.

– Кога вашето бебе плаче, повраќа или лежи, фонтанелата може да изгледа издигната или како да расте. Сè додека се враќа во нормала откако бебето е исправено и мирно, тогаш е во ред.

– Понекогаш може да изгледа како фонтанелата да пулсира. Пулсот на бебето е видлив кај фонтанелата и се движи со чукањето на срцето. Иако изгледа чудно и страшно, ова е нормално.

Бидете внимателни и нежни, но не плашете се да ја допирате главата на вашето бебе. Можете да ја допирате главата на бебето, да му ја миете, да го чешлате со чешел и да ставате ленти за коса.

Кога треба да бидете загрижени?

Фонтанелите можат да ви дадат индиции за здравјето на вашето дете. Еве што би можеле да значат некои промени:

Фонтанела навнатре

Нормално е фонтанелата да биде малку навнатре. Но, ако е многу навнатре, тоа е знак дека вашето бебе е дехидрирано. Дехидрираноста кај новороденчињата и млади доенчиња е опасна. Се случува кога бебето не добива доволно течности или губи повеќе течности отколку што внесува. Вашето дете може да биде дехидрирано ако:

– Не се дои или не добива вештачко млеко;
– Има дијареја, повраќа или има температура;
– Поминува премногу време во жешка средина и премногу се загрева.

Други знаци за дехидрирање вклучуваат недоволно мокрење, прекумерна поспаност, раздразливост, сува уста и плачење без солзи. Ако вашето дете ги има овие знаци, потребно е да се консултирате со доктор.

Како што е споменато погоре, ако бебето има малку израсната фонтанела кога плаче, не мора да значи дека нешто не е во ред. Но, ако фонтанелата продолжи да се испупчува и кога бебето ќе престане да плаче или ако е отечена и тврда кога бебето се одмара, тогаш би можело да биде знак за некаков здравствен проблем.

Испупчена фонтанела може да значи дека постои течност во мозокот или некаков оток. Овие опасни состојби бараат итен медицински третман.

Голема фонтанела

Ако меката точка е ненормално голема или не се затвора во очекуваната временска рамка, тогаш тоа може да е знак за одредени медицински состојби, како хипотироидизам, Даунов синдром или рахитис. Вашиот доктор ќе го испита здравјето на вашето бебе и фонтанелите и ќе продолжи да го следи вашето бебе.

Фонтанелата се затворила многу рано

Ретко се случува фонтанелите да се затворат премногу рано. Но, ако коските на черепот се здружат и премногу брзо се затворат, тоа може да предизвика некои проблеми кај бебето. Предвременото фузирање на коските на черепот е состојба наречена краниосиностоза и таа може да влијае врз растот на мозокот и обликот на главата на бебето.

Исто така, може да предизвика создавање на притисок во черепот на бебето. Ако е благ, можеби нема потреба од третман, но посериозни состојби обично бараат операција. Понекогаш, меките точки не можат да се чувствуваат лесно и изгледаат затворени, но сепак се отворени.

Лекарот ќе го следи вашето дете со проверка на фонтанелите и мерење на главата на вашето бебе на секој рутински преглед.

Облик на главата

Фонтанелите играат голема улога во формирањето на главата на бебето. Бидејќи има простор за да се движат коските, каков било притисок врз черепот може да влијае врз неговата форма. Два вообичаени проблеми со обликот на главата се:

Јајчеста глава – понекогаш главата се јавува во конусна форма или во форма на јајце. Но, за неколку дена главата на бебето треба да добие заоблена форма.

Рамна глава – до затворањето на фонтанелите и до здружувањето на коските на черепот формата на главата на бебето може да се промени. Ако главата е рамна на одреден дел, тогаш тоа се нарекува плагиоцефалија.

Ова се појавува кај бебиња што лежат во иста позиција, на грб или настрана.

За да го спречите притисокот на едно место, менувајте ја позицијата на вашето бебе во текот на денот.

Меките делови на главата на вашето бебе може да изгледаат страшно на почеток. Можеби нема да сакате да го допирате таму бебето за да не му наштетите. Но, допирањето на фонтанелата нема да му наштети и може да ви даде важни информации за неговото здравје.

Автор: Дона Муреј

Извор



912

X