Воспитување

Што треба да знаат родителите на девојчиња за првиот циклус?

Растењето на градите и на срамните влакна го најавува првиот менструален циклус кај тинејџерките, истакнуваат експертите. Дознајте по колку време од тој период треба да го очекувате првото крвавење и што сè треба да знаат и родителите и девојчињата за ова.
Промените со кои почнува пубертетот не се видливи затоа што се работи за хормонски промени кои се резултат на работата на хипоталамусот. Како што им е познато на искусните родители, пубертетот започнува со раздразливост и нагли промени во расположението, а до првите физички промени доаѓа дури една година подоцна.
Во оваа рана фаза може да се јават непријатен мирис на телото и вагинален секрет. Како што напоменавме, физичките промени доаѓаат една година подоцна, а 85-90 проценти од случаите почнуваат со растење на градите. Доколку градите почнат да растат кај девојче помладо од 8 години, би требало да се консултира лекар, а, од друга страна, не е доцна градите да почнат да растат во тринаесеттата година. Исто така, во тоа време кај девојчињата доаѓа и до нагло растење во висина, а потоа следува растењето на срамни влакна. По околу две години од растењето на градите доаѓа до менарха, односно првото менструално крвавење.

Во нормални околности менархата настанува по деветтата, а пред шеснаесеттата година од животот и го означува почетокот на репродуктивниот период. Нередовниот циклус, доколку е проследен со изразена појава на акни и зголемен раст на влакна, може да укажува на синдромот на полицистични јајчници. Како што истакнуваат од „Пало алто медикал фондејшн“, во текот на последните сто години просечната возраст на која девојчињата добиваат менарха е пониска поради подобрениот начин на исхрана. Сепак, не се очекува дека овој просечен број на години ќе продолжи да опаѓа.
Интересно е што послабите припаднички на понежниот пол кои имаат помал процент на масти подоцна добиваат менарха од своите врснички. По менархата би требало да се воспостави редовен менструален циклус во наредните 14 месеци, иако има девојчиња кај кои тоа се случува веднаш по првото крвавење. Се очекува првите посилни менструални болки да се јават околу 24 месеци по менархата.
Меѓутоа, сите овие податоци варираат, а експертите од оваа медицинска фондација нагласуваат дека сметањето според овие параметри не би смеело да се користи како метод на контрацепција доколку тинејџерката е сексуално активна. Важно е да се напомене дека доколку девојчето губи премногу крв, ако менструацијата изостанува или трае повеќе од седум дена, задолжително треба да се оди на гинеколог.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top