Воспитувањето деца никогаш не било толку предизвикувачко како денес. Секаков вид спорт, јазици, математика, програмирање… Како им помагате на вашите деца да станат доволно добри кога сите други ги тераат да бидат најдобри уште кога ќе излезат од пелени?

Секое семејство денес има посебен начин на воспитување затоа што заедничкиот систем на вредности се изгуби. Но, сите сакаме нашите деца да бидат среќни кога ќе пораснат. И да го работат она за што се талентирани за помалку да се мачат во животот.

Децата се тргаат од улиците поради пороците, лошото друштво. Се запишуваат на секакви активности. Но, родителите се надеваат дека со тоа децата ќе стекнат нови знаења. Децата повеќе време поминуваат на затворено отколку што се дружат во паркот. Затоа кај многу луѓе како да има застој во развојот, па десетгодишниците и понатаму не знаат да играат групни игри, туку само во парови.

Вашите деца навистина можат да станат подобри од вас. Треба да им се помогне да го остварат својот потенцијал и да им се обезбеди емоционална поддршка.

Но, каде е границата?

Познавам дете што посетува три странски јазици, оди на два модерни танци и два спорта на возраст од пет години. Знам и друго што оди на глума, пливање, јазик, спорт. Трето оди на ментална аритметика и уште четири активности. Нивните родители сакаат тие уште од мали да бидат во предност во однос на врсниците.

Каде со таа предност? Колку треба да направат нашите деца за да станат доволно добри? Зошто толку многу очекуваме од нив?

Затоа што воспитуваме посебни деца.
Затоа што многу рано откривме колкав талент имаат.
Затоа што вие немавте можност да го реализирате вашиот полн потенцијал.
Затоа што сакате да имаат подобар живот од вас.

Лесно е да паднете во замката да работите за образованието на вашите деца со целата приказна за раниот развој на детето. Но, луѓето што работат во многу профитабилни индустрии на образованието некако забораваат да ви го кажат следното:

– Повеќето од нас се просечни, а такви се и нашите деца – Медлин Левин.

Оваа реченица ми ги отвори очите. Ја слушнав од Медлин Левин, психолог од „Стенфорд“ и авторка на бестселер на „Њујорк тајмс“.

Левин вели дека децата и студентите денес се под голем стрес бидејќи нивните родители мислат дека детскиот живот зависи од нивните оценки. Даваат цело богатство за да им обезбедат најдобро образование. Но, истражување од „Јејл“ вели дека паметните деца кои се и вредни се успешни без оглед на тоа на кој факултет одат.

Левин објаснува дека родителите се опседнати со образованието затоа што тие се натпреварувачки настроени. Затоа сакаат другите да ги гледаат како посебни. Секако, сметаат дека и нивните деца се посебни.

Но, децата не се далеку од своите родители кога станува збор за интелектот. А повеќето од овие родители не добиле Нобелова награда.

Така, многу родители се изгубени на патот за воспитување на своите деца. Треба да се сфати: моето дете е посебно затоа што е мое. И можеби тоа нема да го сака сето она што јас сакам да му го овозможам.

Клучот на доброто родителство е во тоа да мислите дека вашите деца едноставно се доволно добри.

Наидов на твит кој најдобро го сумира денешниот однос на родителите кон своите деца:

– Вашите деца не ви припаѓаат вам. Вие позајмувате време за да бидете со нив. Вашата мисија, ако изберете да ја прифатите, е да изградите подобро човечко суштество, а не да изградите мини-верзија од себеси и сите свои изневерени надежи и соништа. Помогнете им да станат најдобра верзија од СЕБЕСИ, а не најдобра верзија од ВАС.

Уште една работа со децата што се третираат како посебни е тоа што се егоистични. Мислат дека заслужуваат повеќе од другите. Кога се мали, им земаат играчки на другите деца, шефуваат и прават сцени кога не добиваат балон или мора да одат наместо родителите да ги носат. Проблемот е во тоа што мама и тато нема секогаш да бидат тука за да го штитат своето дете од „лошиот“ пријател, „очајниот наставник“ или „нефер“ третманот. Што ќе се случи кога ќе пораснат?

Ризикот од тоа да воспитате дете како да е многу посебно е во тоа што кога ќе западне во неволја, вие како родител не сте го поправиле детското однесување кога било потребно. Педагогот Снежана Голиќ предупредува:

– Не можеме да знаеме кое дете ќе биде проблематично, но можеме да знаеме чие… Детето чии родители го поставуваат на трон, подоцна има проблем да слезе од тронот, а општеството има нула толеранција за квазипринцови и принцези, што е болно.

Подоцнежните последици може да се движат од депресија до криминал. Децата чии родители замижуваат на нивната агресија, еден ден ќе добијат ќотек од некој посилен од нив. Оние што „малку крадат“ можат да станат сериозни престапници.

А може најлошо ќе поминат децата што се примерни и добри. Тие вечно се борат да докажат дека се доволно вредни така што ќе бидат најдобри. Се натпреваруваат со другите деца затоа што не можат да поднесат пораз. А не може секогаш да бидат најдобри во сè.

Така што, во ред е. Вашите деца веројатно ќе бидат посебни само за оние што ги сакаат. Но, така е со сите нас.

И тие се доволно добри баш такви какви што се. Со една до две воннаставни активности. Бидејќи ако не се страсни за она што го учат и прават, секогаш ќе има некој што подоцна ќе ги надмине. Значи, нема поента во тоа да бидат најдобри.

Да се биде просечен е сосема во ред. Вашите деца ќе бидат во ред. Само не поправајте ги. Сакајте ги онакви какви што се и верувајте во нивниот потенцијал. Оставете ги да растат. Бидејќи ако вие не верувате во вашето дете, ни тоа нема да стане реализиран човек.

Дајте им љубов и научете ги дека животот не е бајка. Тогаш тие ќе станат подобри од вас. Ќе бидат доволно добри.

Автор: Марија Милојковиќ



912

X