Иако може да изгледа дека адолесцентите го прават она што го сакаат и не им е важно што мислат нивните родители, тие всушност се многу чувствителни на критиките и пофалбите од родителите. Ова го покажуваат резултатите од студијата спроведена од интердисциплинарна истражувачка група составена од психолози и невролози од Универзитетот „Лајден“.
Во истражувањето учествувале 63 адолесценти на возраст од 12 до 18 години. При вршењето магнетна резонанса на мозокот, тие им давале комплименти, но им биле кажани и неутрални ставови, како и критики. Сето ова е претставено како да е од нивните родители.
– За време на магнетната резонанса тие читаа повратни информации од нивните родители на екранот. „Татко ти мисли дека си лош“, или „Мајка ти мисли дека си интелигентна“. Бидејќи и родителите и децата пополнувале прашалник пред тестот, децата верувале дека овие погледи на екранот се реални“ – истакнува Лизане ван Хоутум, научникот што го спроведе истражувањето.
По секоја пофалба или критика, кај тинејџерите се забележани промени во расположението. Не е изненадувачки што нивното расположение значително се подобрило по добивањето комплимент и се влошило по критиките, особено ако тоа не се согласува со сликата што ја имаат за себе. И иако во текот на истражувањето добија еднаков број критики, пофалби и неутрални коментари за кои веруваа дека доаѓаат од нивните родители, на крајот од целиот процес тие се чувствуваа полошо отколку на почетокот.
– Ова е причината што веруваме дека критиките од родителите ги чувствуваат многу посилно отколку пофалбите – објаснува Лизане ван Хоутум.

Не само што коментарите на родителите имаат влијание врз самодовербата на адолесцентот, туку истражувањето јасно покажало и многу различни реакции на мозокот на критиките во споредба со пофалбите. Критиката ги активирала регионите во мозокот одговорни за обработка на емоциите, но и оние што се одговорни за физичката болка. И критиките и пофалбите ги активирале деловите од мозокот поврзани со општественото сознание, како што е разбирањето на намерите и чувствата на другите.
Болка
Резултатите јасно покажале: тинејџерите се буквално повредени од критиките. Но, изгледа пофалбите не ги допираат премногу. Така барем покажуваат резултатите од истражувањето.
Колку и да ги фалите тинејџерите, критиките ќе остават посилен впечаток.
Иако не може целосно да се избегне, оваа информација е важна за родителите, за попромислено да дозираат и да користат критики кога разговараат со своите тинејџери.