Кои се хероите во главата на едно момче – Спајдермен, Хулк, Бетмен, Капетан Америка, Супермен? Не!
Херој е таткото што е присутен. Херој е таткото кој го фрлал во воздух кога бил мало дете. Херојот е таткото кој го научил својот син да вози велосипед и да игра фудбал. Херој е таткото кој му ги дал клучевите од автомобилот, му го подарил часовникот од дедо, семејното наследство за неговиот 18. роденден, кој му рекол „Сѐ ќе биде во ред“ и „Тука сум“.
Кога почнавме да го сметаме за храбар и бестрашен човек оној што изгледа исто како Хулк или Супермен, а многу помалку оној што е подготвен да прифати одговорност во животот и да се споделува себеси со другите? Всушност, не со другите, туку со своите деца! Процентот на самохрани мајки во современото општество не е занемарлив. Бројот на разводи рапидно се зголемува. Но, не е проблем ниту разводот, проблем е кога во таа пригода – со исчезнувањето на бракот, исчезнува и таткото. И тој си останува момче. Дури и да е во „критичните“ години, кога улогата на родителите од ист пол е најважна за правилно формирање на идентитет кај детето, слика за себе, родовите улоги и саморазбирањето… проблемот станува уште поголем.
Често во тие случаи личноста на таткото е тешко достапна или е целосно отстранета од животот на синовите. Дали поради сопствената волја на таткото за целосно да се повлече од семејството или поради некаква мајчинска одмазда кон бившиот сопружник, дури и не е важно, повторно резултатот е ист – момчето страда. Кога би имала моќ да коригирам некој општествен феномен, тоа би биле отсуството, рамнодушноста и неинволвирањето на таткото во семејството. Ниту една друга тешкотија немала толку погубно влијание врз нашето општество, повеќе од тоа.
Какви последици носи ова во животот на еден млад човек?
Момче кое нема правилен и ефективен однос со својот татко расте со неразвиено чувство за мажественост. Тешко му е да разбере како е да се „биде маж“. Голем број мажи никогаш не дозволуваат другите да го видат овој нивен недостаток и затоа цел живот носат маска на самодоверба. Последицата од недостигот на машкост ги прави несигурни. Тие секогаш ќе му докажуваат на целиот свет дека всушност се мажи, бидејќи, како што мислат тие, вистинските мажи се груби, без емоции, се контролираат себеси и НЕ ПЛАЧАТ. Тоа е нивното мото. И така, мажите, за да стигнат до статусот на „мачо“ во општеството, неизмерно се трудат да поседуваат статусни симболи, титули и материјален успех. Имаат потреба да се натпреваруваат со сите други, а многу често и да се докажуваат на полето на заведувањето. Недостигот на татко во животот на момчето може негативно да влијае и врз неговите односи со машките пријатели. Односот татко-син треба да биде одличен терен за обука и учење на синовите за односите меѓу мажите, нивните интереси, мисли, навики и функционирање.
Друг незанемарлив проблем што се јавува во овие ситуации е негативниот однос кон жените. Кога момчето ќе порасне со својата мајка, а многу често опкружено само со жени, во еден период (околу 11-годишна возраст) почнува да тежнее кон машко општество и авторитет. Тогаш мајките често се обидуваат да ја заменат улогата на татко и поради тоа кај момчето се појавуваат чувства на непријателство и горчина. Почнуваат да се појавуваат двојни чувства кон мајката: грижата да не ја повредат и желбата да ја остават и да бидат независни, да бидат мажи. Кога ќе порасне, ваквото момче се плаши од супериорноста на која било жена во неговиот живот.
Што можат да направат мајките кога ќе останат сами со машко дете? Како да му помогнете на вашето момче и што советуваат психолозите?
Не постои магичен и универзален одговор на ова прашање бидејќи врските не се исти, но постојат одредени совети кои ќе придонесат за градење здрава личност на вашето дете, како и за обезбедување поддршка за соодветно справување со новата ситуација.

Добрата мајка може да надомести и сто татковци кои ги запоставуваат своите момчиња. За почеток, никогаш не зборувајте лошо за вашиот поранешен сопружник/партнер. Не треба да ви биде цел да се претставувате како херој, ниту да бидете татко на вашето дете. И ако тој татко доброволно му свртил грб на семејството, секако
и не е херој, но сликите на тој „херој“ што бил присутен некое време подобро е да останат во главата на вашето момче. Ако не, нека биде присутен барем во приказните и имагинацијата. Научете го момчето дека ништо од тоа што се случува не е негова вина, дека е во ред да му е жал што татко му го нема, но и дека таткото е губитникот во оваа приказна. Таткото го пропуштил првиот чекор, првиот збор, играта со топка, роденденската торта, пукањето со воден пиштол, бегањето од училиште, возењето велосипед, паѓањето од скејтбордот. Непроценливото и неповратното. И да, и вам ви е жал што тој го пропуштил сето тоа бидејќи да знаел колку е сето тоа убаво и скапоцено, сигурно никогаш немало да замине.
Друга работа што влијае смирувачки како чај од камилица во оваа ситуација е мудроста и трпеливоста. Бидете трпеливи. Дајте му време на вашето момче. Ако продолжите да ги правите работите што ги прават сите други мајки, ако му дозволите да биде и да се однесува како секое нормално момче, на крајот ќе го најде својот светол пат кон прераснувањето во добар, самоуверен и одговорен маж, се разбира, на свој начин и со помош на околината, другите машки идоли, спортот и добрите пријатели.
А вие, татковци, размислете добро колку е голема вашата улога, иако можеби никогаш не ви изгледала толку важна.
Автор: Милица Пантиќ/мастер педагог