Игнорирањето на плачењето на бебето може да предизвика сериозни проблеми и негативно да се одрази врз развојот на бебето и неговата благосостојба.

Интензивниот стрес кој го предизвикува плачењето во текот на раните месеци може да го модифицира системот на невротрансмитери, што доведува до структурни и функционални промени во мозокот. Тие промени се слични на оние што може да се видат кај депресивните возрасни лица. Ако бебето го оставите да плаче, тоа би можело премногу да го надразни лачењето на адреналин, што ги зголемува шансите подоцна во текот на развојот и во животот детето да биде агресивно, да има импулсивно и насилно однесување.

Негативна последица може да биде абнормално високото ниво на хормонот на стрес – кортизол, што го кочи развојот на нервните ткива во мозокот. Игнорирањето на бебешкото плачење го потиснува и развојот на имунолошкиот систем, правејќи го детето подложно на многу сериозни заболувања. Една студија покажала дека доенчињата чие плачење е занемарено не развиле здрави интелектуални и социјални вештини, па имале тешкотии во контролирањето на своите емоции.

Кога бебињата се физички одвоени од своите родители или старатели, се активираат одговорите на болка кои доведуваат до хормонски промени. Дури и дневна разделба од 3 часа поттикнува епигенски ефекти, односно наследни промени во експресијата на гените кои не се предизвикани со промена во ДНК-веригата, што може да се манифестира на функцијата за помнење во возрасна доба.

Плачењето и смеењето се начини на комуникација кај бебињата. Децата плачат и креваат врева за различни работи – или се гладни или нешто ги боли, или пак имаат некаква непријатност или едноставно потреба за физички контакт.

Баш како и на насмевката, и на плачењето мора да се одговори соодветно и со позитивна реакција и така детето да почувствува дека неговите чувства се прифатени. Игнорирањето на плачењето испраќа порака дека тагата и бесот се неприфатливи, да се сузбијат нивните емоции, што ги прави бебињата раздразливи.

Постојат многу начини да го смирите вашето бебе – со доењето ја задоволувате потребата за храна, со создавање звуци кои му се познати додека било во вашиот стомак или креирање смирувачко опкружување и рутини за спиење, допирот кожа на кожа го стимулира ослободувањето на окситоцин, хормонот на среќа…

Во утробата бебето се наоѓало во простор кој постојано се движел, мрдал, така што, на пример, лулањето е движење кое го смирува бебето, бидејќи така му се создава чувство на сигурност. На сите тие начини родителите или старателите всушност им помагаат на бебињата да развијат механизми за да се смират.

Затоа – никогаш не игнорирајте го плачењето на бебињата.

Извор



912

X