Воспитување

Што се случува кога бебе или дете подолго е изложено на екрани, објаснува Љубица Димовска

Тоа што е алармантно во последната година е драстично зголемен број на деца со развојни отстапувања како последица на изложеност на екрани

Иако живееме во дигитална ера која во голема мера ги олеснува нашето секојдневие, комуникациите и достапноста на информации, сепак, кога станува збор за децата, треба да сме внимателни во однос на нивното воведување во дигиталниот свет.
Зошто е тоа така?
Бидејќи децата по раѓањето прво треба да развијат способности и вештини согласно возраста, кои ќе им овозможат правилен и непречен развој. Овие способности се групирани во неколку области, и тоа:

Моторика – овде влегуваат грубата моторика, која овозможува одржување на позицијата на телото и движење во просторот, и фината моторика, односно практичната, функционална употреба на рацете. Овде ќе ја вброиме и визуомоторната координација, што значи контрола со погледот на тоа што го работат рацете.

Когнитивна област или област на сознајните вештини – овде ги вбројуваме способностите на детето да учи и да решава проблеми. Развојот на овие вештини е континуиран процес кој започнува од раѓањето и е во тесна врска со возраста на детето, па така и бебето на 6-месечна возраст кое се труди да ја префрли играчката од една во друга рака, како и детето на 5-6 години кое ги совладува основните математички концепти, велиме дека учат и решаваат проблеми.

Говор – овде мислиме на способноста да се разбере говорот, како и способноста да за зборува (рецептивен и експресивен говор).

Социо-емоционален развој – овде се вбројуваат способностите за интеракција со другите лица, барање и давање помош, грижата за себе, како и самоконтролата.

Детето не се раѓа со овие способности, туку со потенцијал за нивен развој, при што од огромно значење се првите три години на детето. Начинот на кој се развиваат е преку физички активности, игра, движење, работа со рацете, со активна, двонасочна комуникација помеѓу родителите и децата, како и дружење и активна игра со врсниците.
Или, накратко, колку е детето поактивно и изведува целни, насочени движења во првите години, толку повеќе се развива неговиот потенцијал, односно развојот ќе има позитивна динамика.

Забележувате дека досега во ниеден момент како предуслов за развој на потенцијалот на детето не ги споменав екраните.

Што се случува кога едно дете од најрана возраст е изложено на влијание на екрани подолг временски период?

Кога бебето или малото дете е оставено пред ТВ или таблет, тоа е мирно, молчи и пасивно набљудува слики кои брзо се менуваат, слуша говор кој е еднонасочен, бидејќи емисијата тече и не бара од него да си разговараат. Бебето гледа како хипнотизирано, не ја менува положбата на телото, а неговите раце се пасивни, нема никаква игра. Телевизорот не бара од него да се поврзат, да разменат нежност, допир.
Ако се вратиме на условите за правилен развој на потенцијалот на детето, ќе видиме дека начинот на кој влијаат екраните нема ниту една заедничка точка со нив.

Каков резултат добиваме?

Гледаме едно дете кое не е доволно моторно вешто, нема идеја како да игра со играчките, лесно се раздразнува доколку му се исклучи ТВ, интересот за околината и активностите во неа му е селективен, а вниманието е краткотрајно и лесно му се префрла од една на друга активност. Тоа се движи во просторот, но движењата немаат цел. Едноставно е растрчано од едно место на друго. Говорот доцни, како во поглед на разбирањето така и во поглед на изговарањето зборови. Не се врти кога го повикуваме по име, или го прави тоа по многу повикувања. Не разбира кога бараме да изврши и наједноставни говорни налози. За да добие што сака, користи гестови или ги влече родителите за рака. Доколку не го разберат, се раздразнува и плаче. Подоцна самото си зема што сака без да има потреба од комуникација. Во принцип не учествува во исхраната, пребира што ќе јаде, а и тоа е најчесто пасирана храна која му ја даваат родителите, повторно додека гледа во екран.

Љубица Димовска

Нема инстант-решенија

Првите сомнежи кај родителите дека има некој проблем се јавуваат околу втората година, кога се очекува детето да почне повеќе да зборува, да разбира, да соработува. Тогаш почнуваат да се консултираат со стручни лица, да бараат мислења и решенија за проблемите со кои се соочуваат, но истовремено се во негација, им треба одреден период да прифатат дека навистина постои проблем. Честопати се нетрпеливи и бараат инстант-решенија, меѓутоа, набрзо сфаќаат дека тоа нема да се случи.

Треба да напоменам дека сите развојни способности и вештини имаат свој оптимален временски период кога се појавуваат и оттогаш натаму се развиваат. Секое доцнење во појавата на одредена вештина бара многу подолг временски период за таа да се појави и да добие на квалитет. На пример, ако детето до својата трета година не фатило боица да црта, не можеме да очекуваме дека во прво одделение ќе го држи правилно моливот, или ќе повлекува адекватно линии.
Кај овие деца треба да се направи развојна процена и доколку се потврди постоење на одредени отстапувања, потребно е да се вклучат во организиран дефектолошко-логопедски третман, кој може да трае и со години.
Доколку не се преземат навреме мерки, особено ако детето и понатаму долг период поминува пред екран, проблемите се продлабочуваат, па овие дечиња во училиште имаат проблем со внимание, концентрација, однесување, потешко усвојуваат академски знаења и вештини и нивниот потенцијал има помали шанси за развивање.

Тоа што е алармантно во последната година е драстично зголемен број на деца со развојни отстапувања како последица на изложеност на екрани. Можеби изолацијата поради пандемијата придонесе играта на децата да се замени со седење пред ТВ, но апелирам до родителите екраните да ги заменат со играчки и прошетки на отворено, бидејќи штетата што настанува во најраната возраст бара многу повеќе работа и посветеност на подолг временски рок, а резултатите не секогаш се онакви како што секој родител посакува.

Автор: Љубица Димовска, дефектолог, специјален едукатор, рехабилитатор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top