Седиме во кафуле, во простор за непушачи, а на масата покрај нас – родители и петгодишно девојче гледаат во телефонот. Секој во својот. За момент, слатката русокоса глава се крева до татка си, раката се откачува од телефонот, ја допира неговата подлактица, прашува нешто. Отсутен и краток одговор од таткото – и детето се враќа на своите пиксели на екранот.
Мајката за момент ја наместила косата, ја стегнала устата и направила селфи. Ја прегрнува ќерка си – таа се изненадува, малку се мурти затоа што е прекината додека го гледа цртаниот филм – и се насмевнува за заедничка фотографија. Толку. Краток блиц за она што се нарекува модерното семејство.
– Што се чудите, денес тоа е нормално!
-Што е нормално? Дека семејството поминува време заедно во кафуле, но секој прави што сака? Дали мајката треба да го гушка детето само за да направи селфи? Што е со стариот добар разговор?
-Ајде, те молам, кога твоите родители разговараа со тебе?
Тогаш разбирам. Го креваме телефонот на семејните ручеци и попладневни часови бидејќи не знаеме да разговараме. Полесно е да му го дадете телефонот на детето, а потоа малку да „искулирате“. Полесно е – да се даде изглед на хармонично семејство, па нека паднат лајковите! Додека растевме, немаше телефони, но немаше и семејни собири каде што децата немаа право на глас. Големите зборуваа, а малите седеа мирни и молчеа додека не им се обратите. Кога ќе дојдат гостите – „одите малку во собата, играјте“, беше реченицата која ја добивавме. Кога одите во ресторан – „да не сте врескале, седете мирни! Ќе запомните дека ова ќе биде последен пат кога сме ве извадиле надвор!“
Денес нема строго воспитување, но можеби воопшто нема воспитување
-Кога ќе погледнете, горе-долу бевме оставени сами на себе. Дали сте сити? Суви? Дали ја завршивте домашната задача? Излези! Па кога ќе падне ноќ, мајките почнуваат да довикуваат имиња од прозорец или од тераса, целата улица вика во еден глас „ајде уште малку, мааамооо? Уште пет минути, а?“
-Денес нема такво нешто. Нема деца на улица, сите се на телефон. И родителите и децата. Дали има друга врска освен мрежна врска?
-Не можете да одите подалеку од светот. Ако сите деца во одделението имаат мобилни телефони, мора да има и моето дете. Не сакам да се отфрли.
-Но, можете да контролирате, да одредите колку време ќе помине на телефон. Ние ѝ диктираме време на Ани, а не таа нам.
-Честитки! Па знаеш, сега да ѝ го земам мобилниот, да ѝ го забранам, ќе ми направи хаос од животот!
Кога и каде се поместија тие граници и дали некој ги поставува? Зарем не знаеме што е правилно или само го правиме она што го прават другите? Можеби постапуваме најдобро што можеме? Родителството е посебна енигма за денешните мајки и татковци затоа што тоа се истите деца кои „не смееле да писнат“, кои седеле под строг надзор на гости или во ресторан, кои не биле прашувани што сакаат да јадат, туку „јадат сѐ од чинијата, да не остане ништо“! Тоа се истите збунети момчиња кои не знаат како да му се обратат на намуртениот татко со мустаќи. Истите исплашени ќерки кои се срамат кога ќе добијат менструација. Тоа се оние што рекоа дека нема да го прават тоа со своите деца.
Па, наместо „така“ – мобилниот в рака.
Претпоставувам дека забораваме оти да се има дете не значи само да се погрижиме да не падне или да не се извалка. Дека главната задача е да се воспита една личност. И како да го воспитате кога уште од мали нозе го туркате во дигитална дупка?
Видов скоро во чекалницата на здравствен дом, момче игра игра на телефон. Таткото разговара со познајник не обрнувајќи внимание на детето. Само слушам:
-Дај ми го мобилниот, ќе ми ја испразниш батеријата.
Момчето почнува да се жали, а потоа тупка со нозете, го тепа татко си, му поставува прашања. Татко му набрзина го проверува телефонот, вели: „Чекај, смири се, што ти се случи, само да го видиш ова“. Момчето вели – „А што, за тебе не е празна батеријата?“
Нема разговор, нема приказна. Нема ништо.
Се прашувам, што би се случило ако мајката го однесе детето во парк или шума наместо на игралиште или во кафуле? Што би се случило кога семејството би седнало и би се погледнало меѓу себе, а не во таблетите и во вестите на ТВ? Можеби би измислиле игра со погодување – „како ти изгледа овој облак, мамо?“

Погледнете околу себе сега. Ако вашата сопруга „скрола“ на „Фејсбук“ или вашиот сопруг прегледува приказни на „Инстаграм“, ако децата гледаат цртани 20 секунди и потоа го менуваат видеото привлечени од нова слика на екранот, ако телевизорот работи истовремено – време е да се исклучи електричната енергија. Време е да се исклучи интернетот. Време е вистински да го доживеете тој толку посакуван одмор, таа заслужена релаксација по работа и „време за себе и вашето семејство“.
Да, ќе биде досадно првите десет минути. Можеби еден час. Понекогаш, сите се губиме во тој шарен свет на „Фејсбук-Инстаграм-Пинтерест“. Интернетот станува сѐ поинтересен. Поинтересно е на интернет отколку да се гледа небото. И дали е реално? Или штотуку се заплеткавме во оваа голема мрежа на заблуди за совршениот свет. Некој патува, има скап автомобил и голема куќа. Некаде децата се пристојни и убаво облечени. Некаде, но не овде, не во нашиот двор и нашата дневна соба, каде што секој гледа во својот екран.
Па што правиме кога ќе се потроши батеријата? Во какви луѓе ќе пораснат децата кои не можат да јадат без цртан филм, да чекаат ред или да ја завршат домашната задача без интернет? Дали е тоа навистина полесен начин?
– Отиде ти далеку! Ништо не ни недостигаше нам, што ќе им фали ним?!
-Мислам дека нешто страшно ни недостига кога толку упорно тоа го бараме на социјалните мрежи. Треба само да дознаеме што – но офлајн.
Автор: Србијанка Станковиќ