За квалитетен однос со децата, пресудни се секојдневните навики на родителите, кои ги зајакнуваат довербата, љубовта и поврзаноста. Овие навики не само што помагаат да се изградат силни емоционални врски, туку и да се создаде безбедна средина каде што детето ќе се чувствува прифатено и поддржано. Едукаторката за родители, психолог за мајки и деца Џејми Блох споделила едноставни, но ефективни совети на „Инстаграм“ за подобрување на односот со децата и градење силна семејна врска.
Активно слушајте
-Кога децата зборуваат, посветете им целосно внимание. Оставете го настрана секое одвлекување на вниманието, воспоставете контакт со очите и покажете емпатија. Избегнувајте избрзани заклучоци – вели Блох во објавата.
Потврдете ги нивните чувства
Важно е да ги признаеме и прифатиме детските емоции, дури и кога не се согласуваме со нивните гледишта. Воспитувачот советува:
-Користете изрази како: „Гледам дека си фрустриран и тоа е сосема во ред“.
Поминувајте квалитетно време со нив
Клучот е редовно да се одвојува време за активности по избор на децата, како што се читање книги или играње игри, вели Блох. Треба да се фокусираме на моментите на заедничка поврзаност, без одвраќање.
Покажете нежност
-Користете физичка интимност, како што е нежно тапкање по рамото, заедно со позитивни афирмации за да покажете љубов и поддршка – советува Блох.
Бидете доследни
Важно е родителите да ги одржат ветувањата и да бидат доследни во нивните реакции. Кога ветуваме нешто, треба да се погрижиме да го исполниме.
Охрабрете ја отворената комуникација
-Создајте безбедна средина каде што детето ќе може слободно да ги изразува мислите и чувствата без страв од осуда или казна – советува Блох.
Покажете безусловна љубов
Клучот е да се изрази љубов кон децата, вербално и физички, без оглед на нивното однесување или достигнувања.
Почитувајте ја нивната индивидуалност
-Препознајте ги и славете ги уникатните квалитети и интереси на вашите деца. Избегнувајте споредби со други деца – вели едукаторката.
Извинете се и научете да простувате
Кога правиме грешка, треба искрено да се извиниме. Треба да им покажеме на децата како да простуваат, но не смееме да ги срамиме за нивните грешки. Наместо тоа, ние мора да бидеме поддршка во нивниот развој.
-Силната врска меѓу родителите и децата поттикнува доверба и отворен дијалог. Децата што се чувствуваат поврзани со своите родители сакаат да ги споделуваат своите мисли и грижи. Таквата отвореност овозможува навремено решавање на проблемите и обезбедување соодветна поддршка – заклучила Блох.
912