До неодамна се веруваше дека малите бебиња не можат да чувствуваат болка. Благодарение на современата медицина и напредокот на науката, сега е познато дека сензорната интеграција на бебето почнува да се развива во матката на мајката, па новороденчето во првата недела по раѓањето не само што може да чувствува болка, туку и многу повеќе од тоа. Новороденчињата можат да гледаат, слушаат, чувствуваат, мирисаат… Некои од нивните сетила се дури и поизразени отколку кај возрасните.

Не можеме да ги решиме сите тајни на родителското искуство, но со овие информации можеме да ви покажеме низ што поминува вашето бебе во првата недела од животот.

1. Ако светлината е слаба, бебето гледа – Еден од најубавите моменти за секој родител е несомнено оној кога бебето ќе ги отвори очите и ќе погледне во нас. Не грижете се ако тоа не се случи веднаш. Иако бебето гледа промени во светлината уште во матката на мајката, сетилото за вид при раѓање е меѓу помалку развиено.

Ако ги вклучите сите светла во собата, тоа нема да му помогне на вашето бебе да се фокусира подобро на вашето лице. Напротив, може да постигнете само спротивен ефект. Бебињата можат да разликуваат светлина, форми и движења, но нивната слика сè уште е нејасна. Ако сакате вашето бебе да го вежба видот, придушете ги светлата.

2. Ако родителот е многу блиску, може да му го види лицето – Кога го држат своето новороденче в раце, повеќето родители се прашуваат дали тоа навистина ги гледа. Одговорот е: да, гледа, но само ако сте многу близу. Бебињата можат да го видат вашето лице по раѓањето, но само ако е оддалечено осум до максимум дванаесет сантиметри. Ако стоите на растојание од неколку метри, сликата на вашето бебе ќе биде многу, многу нејасна. Значи, тоа може да ги регистрира карактеристиките на лицето на неговата мајка само ако таа го држи в раце и го доближува до нејзиното лице.

3. Може да препознае контрасти – Бидејќи во првите недели од животот на бебето очите реагираат на светлина и темнина, тие исто така забележуваат контраст на црно-бело. Бебињата почнуваат да ги разликуваат боите посилно околу четвртиот месец од животот, за почеток само основните светли бои: црвена, жолта, зелена и сина.

4. Гледаат и малку боја – Кога станува збор за бојата, спротивно на ставот дека црно-белите контрасти се единствените што можат да ги видат бебињата, истражување покажало дека бебињата на четири дена можат да разликуваат портокалово од бело, но не и жолтеникаво-зелено од бело, бидејќи таа боја има помала фреквенција.

5. Ги следат бавните движења – Кога сè е мирно, бебето може да го следи вашето бавно движење. Ако мавтате со играчката на голема оддалеченост, нема да биде заинтерсирано за тоа движење, но ќе биде заинтересирано за вашето лице ако му се приближите.

6. Го препознава гласот на мајката – Кога го слуша гласот на мајката, новороденчето веднаш се врти. Ова не е случајно. Бебињата се навикнуваат на звукот на гласот на нивната мајка веднаш штом започне да им се развива слухот, во 18-тата недела од бременоста. На 24 недели бебето е уште почувствително на звукот и почнува да реагира на звуците од околината. Гласот на мајката е она на што бебето е најмногу изложено и затоа не сме изненадени што веднаш реагира на тоа. Дури и при раѓање, бебињата се смируваат веднаш штом ќе го слушнат гласот на нивната мајка. За нив нема поубав звук од звукот на гласот на мама. И навистина не е важно што ќе каже мама. Таа буквално може да го прочита телефонскиот именик. Сè додека го слуша гласот на мајка си, бебето ужива во тоа.

7. Може да го имитира мајчиниот јазик – Бебињата не само што го препознаваат звукот на гласот на нивната мајка, туку и веднаш го учат својот мајчин јазик. И не само тоа. Научно е докажано дека бебињата кога плачат го имитираат јазичниот образец што го усвоиле од нивната мајка уште во матката.

8. Може да слуша гласни звуци – Дали некогаш сте забележале дека возрасните зборуваат со бебињата со висок глас? Ова не е случајно. Додека бебето сè уште е во матката, интензитетот на звукот што го достигнува е за 20 децибели помал од реалниот волумен. Имено, се смета дека кожата, sидовите на матката и амнионската течност ги придушуваат звуците.

9. Може да слушаат музика – На ист начин како што музиката може да нè расположи, таа исто така влијае врз бебињата и нивните емоции. Детскиот мозок е подготвен да научи музика. Некои истражувања покажаа дека дури и ако вашето бебе не прерасне во нов Бетовен или Моцарт, слушањето музика му помага да биде посреќно.

10. Ја чувствуваат разликата помеѓу мајчиното млеко и вештачкото млеко – Доењето е најприроден начин за хранење на бебињата, па затоа е очекувано тие да го претпочитаат мирисот на мајчиното млеко, велат научниците. Бебињата преферираат послатки вкусови (мајчиното млеко е послатко од адаптираното). Исто така, мајчиното млеко е потенко и помалку гранулирано од адаптираното.

11. Може да ги разликуваат сите вкусови, освен солените – Во 9. месец од бременоста, устата и јазикот на бебето почнуваат да се формираат, а потоа се развива сетилото за вкус. Додека е во матката, бебето природно вдишува и голта амнионска течност бидејќи тоа му помага да ги развие белите дробови и дигестивниот систем. Она што многумина не го знаат е дека бебето веќе може да ги почувствува различните вкусови што доаѓаат од исхраната на мајката. Новородените бебиња можат да ги препознаат сите вкусови, освен солените. Способноста да се почувствува солта во храната започнува да се развива кога бебето има четири месеци.

12. Покажуваат склоност кон благото – Бебето природно е подредено да претпочита благо. Причината за ова може да се толкува како желба на мајката природа да им го приближи мајчиното млеко на бебињата, кое има посладок вкус отколку адаптираното.

13. Може да го препознае мирисот на мајчината пот – Првото нешто што бебето го мириса кога ќе се роди е мирисот на мајката. Тоа е исклучително нормален човечки мирис кој исто така содржи елементи на пот. Бебето го меморира мирисот на мајката во неговиот мозок.

14. Може да го разликува мирисот на мајчиното млеко од млекото на друга жена – Јасно е дека доенчињата ќе претпочитаат мирис и вкус на мајчино млеко и многу јасно ќе препознаат според мирисот ако тоа не е млеко на нивната мајка, туку на некоја друга жена. На бебињата што биле подложени на болни процедури, човечкото млеко им помагало да заздрават, но само она што било од нивната мајка!

15. Може да развие тенденција за мирис на кој е навикнато – Бебињата добро ги препознаваат мирисите околу нив. И не само мирисот на мајката. Експериментите покажале дека новороденчето кое било изложено на мирис на, на пример, од камилица за време на доењето, неколку дена подоцна го сакало мирисот исто како и мирисот на мајчиното млеко. Слично истражување е направено со мирис на ванила.

16. Чувствуваат топло и ладно – Малите деца сè уште немаат можност да го регулираат нивото на температурата на телото, но тоа не значи дека не чувствуваат топлина и студ. Нивните раце и нозе ќе послужат како одлични индикатори за тоа дали на бебето му е топло или му студи. Кога вашето бебе е вознемирено, тоа исто така може да биде знак дека му е премногу жешко или студено.

17. Може да почувствуваат болка – Долго време луѓето веруваа дека новороденчињата не можат да чувствуваат болка. Во последниве години се појави истражување кое покажува дека бебињата може да чувствуваат болка. Според истражување на научниците од Оксфордскиот универзитет, кое користело магнетна резонанса, јасно е дека мозокот на бебето, кога е изложен на лесна болка, реагира на ист начин како мозокот на возрасен.

18. Чувствуваат кога се сити и кога се гладни – Новороденчињата на различни начини ќе покажат кога се гладни, а кога се сити. Ако доите, ќе знаете дека вашето бебе добива доволно млеко бидејќи вашата брадавица ќе биде помека и нема да ве боли додека бебето цица. Кога е гладно, бебето ќе плаче прилично силно. Плачењето е начин да ве извести дека нешто не е во ред.

19. Може да чувствуваат среќа – Од раѓање, бебињата гугаат и произведуваат звуци за кои веруваме дека ја сигнализираат нивната среќа. Овие звуци со текот на времето ќе прераснат во првите скапоцени насмевки и кикотења. Бебињата се најголемите обожаватели на родителите. Кога се најадени, преслечени, безбедни и кога им е топло, со еден збор кога се среќни, ќе нѐ наградат со насмевка.

Автор: Ивана Калоѓера

Извор



912

X