Многу родители споделуваат информации за своите деца и нивните фотографии на социјалните мрежи. Според истражувањата, дури 92 отсто од децата во САД се присутни на профилите на нивните родители уште пред да наполнат две години. Во просек, околу 1.500 фотографии од дете ќе бидат објавени на социјалните мрежи пред неговиот петти роденден. Со оглед на бројот на фотографии од деца кои родителите ги објавуваат на социјалните мрежи, создаден е нов феномен наречен „шерентинг“.

Oвој феномен во основа значи прекумерна употреба на социјалните медиуми за споделување вести и слики од децата.

Новиот термин е создаден со комбинирање на два англиски збора – споделување и родителство (share+parenting). Накратко објаснето, се работи за родители кои ги преплавуваат социјалните мрежи со фотографии од нивните деца.
Значи, не се работи за една-две слики или неколку годишно – станува збор за постојано прикажување на речиси секое движење на детето во виртуелната заедница.

Сѐ повеќе родители сакаат да го споделат секој момент од животот и растењето на своето дете со виртуелни пријатели, честопати без да ја земат предвид приватноста на детето. Овде не се мисли само на објавувањето на лицето на детето, туку и на фотографиите поврзани со капење каде што детето е без ниту едно парче облека на себе или на пример го користи нокширот, се пресоблекува и слично. На овие слики навистина не им е место на социјалните мрежи, туку во приватните албуми на родителите. Никогаш не знаете кој може да ја види фотографијата и да ја злоупотребува на различни начини, особено кога станува збор за слики од дете без облека.

Злоупотребата на фотографиите на детето за различни цели е постојано присутна опасност доколку профилот на родителот е отворен, односно јавен, за секој корисник на социјалните мрежи да може да види какви фотографии објавува. За жал, и оставањето грди коментари под детските фотографии е реалност. Веќе споменатите слики на деца без облека се рај за очите на педофилите и предаторите. Да не заборавиме дека голем број родители заработуваат рекламирајќи производи на социјалните мрежи, а ангажманот важи и за децата. Компанијата која плаќа за огласот има право да користи и дистрибуира слики од детето преку своите ПР-канали.

Многу родители користат онлајн платформи, вклучувајќи Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Тик-ток за споделување анегдоти, цитати и лични информации за нивните деца, вклучувајќи информации за однесувањето, развојот, изгледот и здравјето. Фотографиите често се споделуваат. „Шерентингот“ често започнува пред раѓањето на детето, со објавување фотографии од ултразвук.

Додека некои родители користат псевдоними или избегнуваат да ги објавуваат лицата на нивните деца (користејќи налепници преку нивните лица, замаглување слики, фотографирање одзади…), други отворено ги откриваат имињата, сликите и локациите на нивните деца (училиште, тренинг, парк). Во зависност од поставките за приватност што ги користи родителот и степенот на нивното следење на социјалните мрежи, информациите за децата може да се споделуваат со семејството, пријателите и познајниците. Дури и кога родителот верува дека споделува со ограничена публика, информациите може да се шират понатаму во моментот кога сликата е објавена.

Границата на објавување фотографии од детето е во рацете на родителите, а вистинскиот баланс би бил:

  • објавување фотографии, но не премногу често;
  • да не се загрозува (дигиталната) репутација на детето со објавување дегутантни слики;
  • да се води сметка за приватноста на детето;
  • да не изнесуваат премногу информации кои би ја загрозиле безбедноста на детето.

Извор



912

X