Диспраксија претставува неможност да се планира, координира и организира движењето како резултат на моторни проблеми во фината и грубата моторика, со можност и за говорни тешкотии.

Диспраксијата често се јавува во рамките на дислексија, дискалкулија, дисграфија. Причината за појава сѐ уште не може да се утврди. Раната детекција овозможува да се преземат соодветни чекори за да може детето да го постигне својот потенцијал. Карактеристики што ги вклучува диспраксијата се: доцнење во развојот на моторната координација, недостиг на координација што не е поради оштетување на мозокот од медицински причини, тешкотии при јадење и облекување, тешкотии со пишување и учење, тешкотии со физички активности. Диспраксијата не ги погодува само моторните вештини, туку и ракописот, сликата за себе, способноста за организација, социјалната интеракција. Овие карактеристики се забележуваат во раното детство, а може да перзистираат и во адолесценција.

Диспраксијата може да се јави во неколку облици:

Идеомоторна диспраксија – тешкотии во делот на извршување моторни задачи.

Идеаторна диспраксија – тешкотии во делот на извршување последователни активности, пр. миење на заби, местење на кревет, облекување.

Конструктивна диспраксија – тешкотии во делот на имитирање веќе зададени конструкции или прецртување форми, со воочливи тешкотии во просторните односи.

Активности за фина и груба моторика

– На некои деца проблем им претставува сместување на геометриски фигури на точно место. Се препорачува класификација, движење на линијата и околу линијата.

-Заедничко готвење помага во тактилноста.

– Фрлање топка со постепено оддалечување во дадена кутија.

– Изработка на фигури од пластелин, тесто за развивање на мускулите на прстите.

-Скокање на јаже е корисно за движењата на рацете и рамената.

– Поради мултисензорното искуство, се препорачуваат различни текстури за да се почувствуваат.

Вежби за ракопис

Правилно седење и правилна положба на телото.

– Експериментирање со различни средства за пишување.

– Моливот може да биде обвиткан со пластелин.

Активности за моторни вештини

Играње со јо-јо.

-Потпирање на дланките и подигнување.

– Вежба во лежечка положба на под.

– Протнување низ обрачи, тунел и сл.

Активности за зајакнување на дланката

– Подавање со топка.

– Скокање на јаже.

– Играње тенис.

– Фрлање прстени врз шишињата со постепено оддалечување.

– Имитирање движење со дланката, на пр., вртење на дланката во една насока, па во друга насока.

Автор: Теодора Томовска-Ристовска, спец. едукатор и рехабилитатор, гешталт-психотерапевт во едукација



912

X