Воспитување

Казнување и дисциплинирање: Има начини да бидат позитивни мерки

Кога родителите мислат на дисциплина и казна, може да се загрижат дека по дефиниција казната е остра или безначајна. Но, тоа не е суштината на дисциплината. Дали знаете дека зборот „дисциплина“ доаѓа од латинскиот глагол „discere“ што значи „да се учи“, а зборот „казна“ доаѓа од античкиот грчки збор за „плаќање“ или „прекршок“?

Всушност, има многу начини да се имплементираат дисциплина и казна на начин кој е позитивен, кој ги зајакнува границите со постојаност и им помага на децата да учат. Покрај сè, дури и најангелските дечиња понекогаш лошо се однесуваат. А кога детето ќе ја премине линијата со однесување кое е опасно, агресивно или ги прекршува клучните семејни правила, важно е родителите да почнат акција која подразбира преземање одговорност.

Тајмаут-тактиката е една од оние што помагаат да се намали лошото однесување. Долго време таа е начин за дисциплинирање на децата. Кога ќе се започне со рано и правилно применување, тајмаут-опцијата е неверојатно ефективна. Но, тоа не е единствената алатка со која родителите ќе му стават кочница на лошото однесување на децата. Потребно е да се упати и на одговорноста на детето и да се сносат последиците преку „давање казна“. Тоа е техниката што ги применува буквално грчките корени на казнување!

Што претставува „давањето казна“?

Оваа техника најдобро функционира кај децата што имаат барем две години, а особено е ефективна кај децата над тригодишна возраст. Кога на детето му давате казна, вие го прекорувате преку тоа што му земате некоја играчка или му скратувате некоја привилегија што тоа ја вреднува. Казната е директно поврзана со несоодветното однесување на детето. Ако вашето дете ги фрла играчките, земете му ги. Казните што го поврзуваат казнувањето со лошото однесување, некогаш се нарекуваат и логични последици.

Како функционира казнувањето?

Ако детето константно ги крши семејните правила или ги игнорира вашите предупредувања, скратете му некоја привилегија или играчка што директно е поврзана со неговото лошо однесување. На пример, ако вашето дете ја удри сестрата со кукла, тогаш одземете ја куклата. Кажете му: „Без удирање! Без удирање со куклата“. Или ако вашето двегодишно дете одново и одново истура песок од кофичката иако било предупредено да не го прави тоа, земете му ја кофата и кажете му: „Мама рече без фрлање песок! Чао, песок! Нема веќе кофичка. Ајде да ги измиеме рацете“.

Кога ќе му одземете некоја привилегија на детето или нешто што го поседува и вреднува, му кажувате дека знаете колку го сака предметот, но дека неговите дела не се во ред.

„Мама не сака кога ги кажуваш тие зборови“

Понекогаш таа привилегија што му ја одземате… сте вие! На пример, ако вашето малечко користи јазик кој не ви се допаѓа, може да му кажете: „Мама не сака кога ги кажуваш тие зборови. Ги повредуваат моите уши. Ќе одам во другата соба и ќе се вратам кога ќе се сетиш на убави зборови“.

Ако вашето дете се однесува лошо секој ден, смирено објаснете ја казната што ќе морате да му ја дадете ако продолжи да го игнорира вашето предупредување. „Миличко, помниш кога ги искористи твоите боици да го ишараш ѕидот и мама рече – не!? Следниот пат кога ќе го направиш тоа мама ќе ти ги земе боичките“.

Дајте му на детето дополнителни шанси за да ја научи оваа лекција преку играње улоги со неговите играчки. Откако лошото однесување ќе престане, направете нешто забавно за да го развеселите детето и да му покажете дека добри работи доаѓаат ако се следат правилата.

Автор: д-р Харви Карп, педијатар

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top